3.10.2024
Директорот на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, м-р Милчо Јованоски денеска до министерството за култура и туризам и лично до министерот Зоран Љутков поднесе оставка од функцијата.
Во дописот стои:
– Почитуван министер, господин Зоран Љутков, Ве известувам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“- Охрид од лични причини. Како вработен во установата, останувам во неа на работното место виш библиотекар во Одделнието за културни манифестации, односи со јавноста, издавачка дејност, меѓународна соработка и маркетинг и од таа позиција ќе се залагам за понатамошен развој на Библиотеката.
М-р Јовановски до министерството и министерот поднесе и отчет за сработеното за периодот јануари 2022 до 1 октомври
2024 година.
НУ Библиотека
Отчет за сработеното
Како директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ јас м-р Милчо Јованоски денеска поднесов неотповиклива оставка од лични причини и ја доставив до Министерството и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со што го прекинав добиениот четири годишен мандат.
Библиотеката под мое раководство во изминатите 2 години и 9 месеци реализира богата и амбициозна програма со која е подигнат дигнитетот на установата во македонски и меѓународни рамки. Библиотеката реализираше комплексни проекти со издржана и актуелна содржина во кои беа креативно вклучени сите вработени.
Во 2022 година Библиотеката „Григор Прличев“ беше прогласена за „Библиотека на годината“ во категоријата на Национални установи од областа на библиотекарството во земјава.
Наградата се поклопи со јубилејот 70 години откако Библиотеката го носи името на големиот поет и преродбеник Григор Прличев. По тој повод отпечатена е и истоимена монографија, а претходно и книгата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан “ ( 1952 – 2022).
На моја инцијатива воведен е Конкурсот за избор на најдобра беседа посветена на Прличев, првиот локално а годинава прерасна во Конкурс на државно ниво.
Од јануари 2022 до 1 октомври 2024 година реализирани се 50 проекти финансирани од Министерството за култура и туризам. Во истиот период одржани се и други 150 настани во Библиотеката, меѓу кои и неколку саеми на книги а континуирано се обновуваше книжниот фонд.
Потпишан е Протокол за соработка со ЈУ Библиотека „Бора Станковиќ“ од Врање. Охридската библиотека беше домаќини на Светскиот патувачки поетски фестивал „Прличев и Еминеску- поглед кон иднината“.
Соработници беа првите луѓе на престижната Меѓународна академија „Михаи Еминеску“ од Крајова – Романија. Покрај наши поети, гостуваа поети од Европа. За прв пат успешно е реализиран меѓународниот проект Слушни го езерото со поети и учесници од библиотеките од Поградец, Струга и Охрид.
Адаптиран е простор за Депо за стари и ретки заштитени книги а отпечатен е и каталог за новото депо. За првпат во Каталогот се објавени конкретни факти за богатиот трезор од ретки книги во Библиотеката од кои најстарата ПРОХОР-ПЧИЊСКО ИЗБОРНО ЕВАНГЕЛИЕ датира од последната четвртина на 16 век.
Во Охрид во реткиот фонд има 812 книги. Од нив стручно засега се заштитени 65 книги , а годинава на околу 20 книги им е продолжен векот.
Во каталогот за првпат е претставен и реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Го реализиравме и проектот изложба на стари и ретки книги. Изработени се изложбени витрини и полици за книги.
Ако се’ оди како што треба Библиотеката до крајот на годинава ќе треба да го реализира проект добиен од Министерството за култура и туризам за дигитализација со набавка на хардвер и софтвер применлив во библиотекарството. Подготвен за реализација е и проектот во соработка со Црвен крст – Охрид, книгата да стане достапна и до старите и изнемоштени лица.
Библиотеката реализира две Годишни средби на роднокрајни автори во чии рамки за првпат е отпечатен Алманах на поетски творби од 40 автори, а е реализиран и Мултимедијалниот проект Роднокрајни автори- ДВД издание посветено на шест охридски творци. Тука се и проектите Млади библиотекари, Читаме гласно и раскажуваме, Книгата најдобар другар на децата (кои успешно се реализираа две години по ред), Слушај музика, напиши збор,насликај книга… Набавен е неопходен материјал за функционирање на книговезницата а набавени се и нови канцелариски столици.
За првпат електронски е спроведоа ревизијата на целокупниот книжен фонд, а библиотеката непречено беше отворена за читателите.
Континуиран белег се и настаните од типот: на „Напиши стих– купи кафе“ по повод Светските денови на поезијата, литературата за деца, книгата и авторското право со прогласување на нај читатели и нај донатори и најчитани книги и автори, 5 Мај Денот на македонскиот јазик и 24 мај – Денот на сесловенските просветители… Во посета континуирано ни доаѓаат ученици од основните и средни училишта, но и градинките а континуирано се одвива бесплатното зачленување на ученици од петто одделение од сите училишта.
Три лета функционира 24 часа отворена Библиотека, која решивме да остане континуирано 365 дена. На запишаните членови им се објаснуваат и предностите на COBISS системот а им се инсталира и апликација со која најлесно можат да се снајдат. На овој план и оваа 2024 Библиотеката е лидер во земјава.
Набавени се лед светла со што е обновено осветлувањето во библиотеката. Изработена е нова канализациона мрежа во новиот дел. Со тоа е надминат проблемот со санитарните јазли наследен од претходниот корисник на просториите, Охридско лето.
Обезбедена е потребна опрема за промоции,а поставен е и видео надзор во стариот дел на библиотеката.
На двата влеза на библиотеката поставeна е огради на скалилата. Со Здружението на млади архитекти АРХРИД од Охрид е сработено идејното решение за изградба на пристапна рампа за лица со попреченост. Проект кој поради стопираниот урбанистички план за жал остана не реализиран.
Поради недоразбирања со Центарот за култура, иако беа обезбедени донации остана не реализиран и проектот Хортикултурна библиотека во дел од некогашната Кино бавча. Проекти кои заслужуваат во наредниот период да се заокружат.
м-р Милчо Јованоски