Пишува М-р Татјана Гогоска
Порака од децата и за децата, водени од креативната мисла на Марија Таушанска-Атанасовска долгогодишен уредник на најстарото и единствено списание за деца кај нас „Колибри“. Ова е најава пред промоција на книгата, која ќе се одржи на 02.04.2019 во Домот на културата „Кочо Рацин“ од 12 часот. Ќе го искористам моето мало учество во создавањето на ова дело книгата „Татковината во детските срца“ да Ви ја претставам авторката и книгата пред промоцијата.
Марија Таушанска Атанасовска – Почитувани читатели, драги ученици и сите вие кои сте го сочувале детето во себе, најпрво ќе ви кажам како се роди идејата за оваа книга што ја имате пред себе како предизвик.
Тоа беше пред околу една година, кога во разговор со мојата колешка Маја Јаневска Илиева, фоторепортер во редакцијата на весникот „Нова Македонија“, патем автор и на фотографијата на насловната страница на книгата, во една прилика таа ми спомена дека нејзината ќеркичка Хана добила домашна задача да напише состав на тема „Што е татковина“? И ми призна дека се намачила да и објасни, побарала и помош од сите челнови на семејството (тато, дедо, баба, па и од некои пријатели….) На крајот домашното било напишано, дилемата разјаснета, а во нејзината тетратка меѓу другото Хана напишала: „Татковина е местото каде што сме родени, каде што живеат нашите роднини и пријатели, но каде живееле нашите дедовци и прадедовци, место за кое не врзуваат многу спомени….“.
Малку сум тажна поради тоа што децата се повеќе го губат она убаво чувство што ние, постарите, го имавме за нашата татковина, Македонија , што заради времето во кое живееме како се повеќе исчезнува да ни се измолкнува . И токму тоа незнаење и незаинтересираност да се научи нешто, да се прочита и напише за татковината, делумно заради промените на новото време, но и заради нашата преокупираност со бројните проблеми, телевизиите кои катадневно сервираат неквалитетна, па и штетна програма, во која нема ни „Т“ за татковината, а колку недостасуваат програми за деца, културни и едукативни содржини, наместо секојдневното бомбардирање со лоши вести на социјалните мрежи и еден куп игрички и клипови, идеални за губење време и за заглупавуавње, денешните деца се збунети и во недоумица, што се случува со нивната татковина ,и каде ли исчезнаа сите идеали за кои читаат во читанките, и во лектирите?-вели во воведниот дел авторката.
Што е навистина татковина и како се сака таа?
За да видам како стојат работите, побарав дозвола од првите луѓе на ООУ „Јан Амос Коменски“ во општина Карпош, Скопје и ги замолив за дозвола, токму во ова училиште да направиме една анкета, на која учениците од трето до деветто одделение ќе одговорат на прашањето: „Што е татковина?“.
Нивните одговори, што можете да ги прочитате и вие, се искрени, со избрани зборови, извираат директно од детските срца!
Токму таа нивна чиста мисла и љубов ме поттикнаа овој проект да добие една своја целина со учество на познати писатели за деца, но и на оние кои допрва ја почнуваат својата писателска кариера и потрага по вистинските зборови и на моја голема радост, сите веднаш и со огромно задоволство прифатија да учествуваат со свои песни за татковината. Некои дури напишаа творби специјално за оваа книга , што за мене претставува голема чест, а ете, собрав храброст неколку стиха за татковината да напишам и јас.
Се надевам дека во овие чудни времиња во кои поимот Татковина од ден на ден се повеќе се девалвира, а името на нашата земја Македонија, се омаловажува и навредува, мудрата детска мисла за татковината и сите стихови на нашите писатели за деца кои ја опеваат нашата лулка, дом, сегашност и иднина, ќе придонесат уште долго, долго татковината да има важно место во срцата на денешните ученици, но и на оние кои ќе седнат во училишните клупи по нив…Бидејќи, исто како што сите имаме по една мајка и еден татко, едно срце, една душа, имаме само една татковина.
„Татковина е земјата на која и се радуваме“ напиша еден ученик во анкетата. И навистина е така. И се радуваме, како што со насмевка го дочекуваме секој нов ден, го славиме секој нов успех, стегаме цврсто нечија подадена рака и правиме заеднички планови за иднината.
Ќе ми биде многу драго, доколку со овие размислувања и стихови и рими, дадеме мал придонес, почесто да се размислува за татковината и за она што таа ни го дава и овозможува и начинот на кој ние и возвраќаме.
Ова е само мал дел од големината на мислите посветени на Татковината се збрани во оваа книга. Тоа што децата добија ваква литература е од огромно значење и топло ја препорачувам книгата за наставно средство во училиштата на часовите по македонски јазик за видиците на овие млади, мали генерации да станат поголеми, колку што е голем поимот за ТАТКОВИНАТА.