Издавачката куќа „Готен“ ја објави збирката раскази „Два света“ од словенечката писателка Сузана Тратник, во превод на Дарко Јан Спасов. Како и во другите нејзини книги, и во „Два света“ авторката се занимава со лезбијските искуства и прашањата поврзани со општествените норми. Хомосексуалната перспектива е дадена низ призмата и на младешкиот и на возрасниот живот. Ликовите во книгата како да се заробени во два различни света, при што она што се споделува е чувството на изолација и живот на општествените маргини.
„За Тратник, љубовта е средишна точка во која се вкрстуваат многубројни лични, општествени и политички прашања, убедувања, конвенции и стереотипи. Авторката е мајстор за создавање атмосфера на интензивна емотивна тензија меѓу ликовите, тензија која често не е искажана, туку само насетена. Затоа самата атмосфера ја има улогата на клучен „играч“ во расказите. Додека напнатоста тивко бабри под површината на односите, ликовите се на чекор до експлозија, која би значела и откривање и ослободување“, пишуваат од издаваштвото на „Готен“.
Инаку, Сузана Тратник е една од најистакнатите современи словенечки писателки. Пишува раскази, романи, публицистички и теориски дела. Се смета за една од зачетничките на ЛГБТ сцената во поранешна Југославија.
Дарко Јан Спасов е преведувач и драматург. Преведува од словенечки и
англиски јазик. Добитник е на наградата „Еуродрам“ (Европска мрежа за преведување на драма) во 2019 година за преводот на пиесата „Брана“ од ирскиот драматург и сценарист Конор МекФерсон. Го добил признанието на МАИ (Македоска асоцијација на издавачи) за превод на најдобра книга за деца и млади меѓу двата саема во 2020 година за книгата „Мочурливци“ од Барбара Симонити. Од словенечки на македонски јазик превел книги од Драго Јанчар, Броња Жакељ, Станка Храстељ, Томаж Космач и други.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на
Европската Унија.