Литература- Расказ “Недораскажана приказна“ од Татјана Гогоска

Литература, Татјана Гогоска

 

Милијана  често одеше во куќата на вујко ѝ, кого многу го сакаше, што не можеше да се каже за другите членови на неговото семејство.Тој беше многу добар, убаво зборуваше и пееше. Беше директор во едно училиште а и беше омилен на нејзината мајка, која како најмала во семејството, тргнала по неговите стапки, па и таа станала учителка  а подоцна и професор на Факултет.

Во вујковата куќа сакаше да седи за време на летниот распуст. Кога имаш 13-тина години, во неа откри еден таен дел. Во ходникот кој водеше до малата кујна од десната страна, со дебела завеса беше прекриена една голема библиотека, која не одеше до крајот на ѕидот и имаше премин од задната страна. Таму се наоѓаше големо масивно биро со пет фиоки. Подоцна сфати, дека вујкоѝ таму го читаше дневниот печат после попладневниот одмор и нешто пишуваше.

Од почеток  ѕиркаше, без никому да каже. Ѝ беше страв дека ќе ја караат, но еден ден  кога виде вујко ѝ  како оди таму, одлучи  да го праша што има и дали може да види. Не му откри веднаш дека веќе ѕиркала, но подоцна му призна а тој со неговата шеретска насмевка и даде на знаење дека тоа е нивна тајна.

Имаше многу книги, на македонски, српски, бугарски, полски и додека ги разгледуваше во рака и дојде една на некој  за неа непознат  јазик. Го праша вујко ѝ на кој јазик е напишана а тој ѝ одговори дека таа книга е на хебрејски, јазикот кој го зборуваат Евреите и дека му е драг спомен од негов другар од гимназијата во Крагуевац, каде четири години биле цимери.

Милијана  дотогаш за Евреите знаеше само она што го пишуваше во нејзината омилена книга – лектира тоа лето, а која веќе два пати ја прочита  “Дневникот на Ана Франк“ . Држејќи ја книгата седна на малата софа позади и почна да ја врти. Ништо не разбираше ама си мислеше:“Мора да е тажна, како животот на Ана Франк и нејзиното семејство“. Сакаше да го праша вујко ѝ  нешто за другарот Евреин, но тој беше многу задлабочен во пишувањето и одлучи да не му додева. Ја врати книгата на полицата од каде ја зеде, кога од неа падна  фотографија. Ја крена и ја погледна заинтересирано. На неа беа 20-тина млади момомчиња, со капи на глава и книги во рака.

– Овие сигурно се другарите на вујко ми од Гимназијата – си помисли. Сакаше да дознае кој е неговиот најдобар другар Евреин, но одлучи дента да не прашува веќе ништо. Доволно беше што ѝ дозволи, да влезе во неговиот таен дел.

Вечерта по убавото таинствено попладне, кога легна  почна да врти по страниците на “Дневникот на Ана Франк“ и се прашуваше, зошто Евреите биле прогонувани и убивани? Таа ништо не знаеше за тоа.

Утрото седеше на столот од бирото, додека сите беа некаде отидени. Милијана ја гледаше фотографијата на која го препозна вујко ѝ . Ја сврте отпозади и прочита: Крагујевац 1936 – Матуранти генерација 1932-1936.

На Милијана нѐ и беше јасно зошто само машки  биле  и прошепоти: “во прва прилика ќе го прашам вујче“. Ја стави фотографијата на место и почна да повнимателно да разгледува. На едниот дел од полиците имаше голем албум за слики со светло кафени дебели корици. Го зеде албумот. Фотографиите беа од различни непознати места и на сите беше вујко ѝ . Некаде пред крајот на албумот, виде уште неколку гимназиски слики. На едната играа фудбал со кратки панталони. – Ама се смешни, си помисли Милијана.

Дента беше замислена и  малку тажна, затоа што утредента требаше да дојде татко ѝ  да ја земе. А баш и се остануваше. Не знаеше дали ќе успее попладнето, да го распраша  вујко ѝ за сѐ што ја интересираше.

Вечерта некако останаа сами. Вујна ѝ со ќерките отидоа на некој роденден а вујко ѝ под око ја гледаше и ја потпраша – Да не сакаш да ме прашаш нешто? -Да , да да ..сакам. Може да ја земам книгата и албумот? И се сепна. Тој малку луто и одговори – Јас ќе ги земам, гледам дека пак си разгледувала сама, а како се договоривме? Се врати подготвен за сите нејзини прашања. Мили седна до него и почна да ѝ раскажува.

-Со Исак се сретнавме, првиот училишен ден во Гимназијата во Крагуевац. Мене ме однесе дедо ти, татко ми, кој сакаше таму да учам, иако јас сакав во Белград. Но, тој велеше дека во тоа време Гимназијата во Крагујевац е најдобра. Самиот имаше завршено Виша учителска школа во Белград а пред тоа Богословско училиште  во Софија. Дедо ти беше многу бистар и учен човек. Зборуваше пет јазика:македонски, српски, бугарски, француски а и хебрејски малку знаеше. Редок човек. Го помниш малку нели? Мајка ти е како него а и јас, иако тој беше помек од мене.

Исак беше дојден со татко му. Евреи од Битола. и кога не собраа во дворот, пред да влеземе во зградата, татко ми и татко му се препознаа и радосно се поздрави ја. Татко му бил учител во Талмуд Тора, најстарото Еврејско училиште во градот, кое постоело од средина на 19 век, ми кажа дедо ти. Тој одел кај него да бара книги и матерјали по неговото враќање од Белград, кога решил да го описменува населението во Западна Македонија. Јосиф му давал книги, дедоти ги препишувал и му ги враќал. Книгата што ја имам ми ја подари Исак кога матуриравме а е Еврејски Молитвеник.  Еве види, на оваа фотографија сме јас, дедо ти, Исак и неговиот татко Јосиф.Откако влеговме во училиште, додека не матуриравме бевме неразделни. Летата кога си одевме дома се посетувавме или се сретнувавме во Скопје. Во Скопје одевме на  гости кај неговата тетка  Рашела, сестра на Јосиф, која со семејството живееше во Еврејското маало од другата страна на Вардар под Кале.Ќе те однесам некогаш да видиш каде беше, иако сега веќе сѐ e поразлично. Ова нашево е Дебар маало, да знаеш. Скопските маалa ги добивале имињата  по тоа од каде се неговите жители.  Тетка му правеше најубави колачи со јаболко, ореви и афион и секогаш кажуваше дека, се што готви е запишано во тетратката која и е најдраг спомен од нејзината мајка. Тие ми беа најомилени и секогаш ми ги правеше. Исак имаше сестра Сара , малку помала и таа учеше во еврејско училиште.Порано и кај Евреите само машките оделе во училиште. И кај нас било исто. Затоа дедо ти отворал школи за девојчиња, да станат и тие писмени. Така ја запознал мајка ми, твојата омилена стара мајка, која за жал не напушти минатата година. Сите овие фотографии се од тоа време. Овој албум е за дел од животот, кој ми беше најубав.

Мили трепкаше со сините очиња,  додека вујко ѝ, ја раскажуваше најубавата приказна.

-Дали сега се дружите?-љубопитно го праша.

Вујко ѝ  подголтна и со тешко срце продолжи: Кога почна војната и прогонот на Евреите, целата нивна фамилија беше однесена во Треблинка, знаеш што е тоа, нели? Ве учат во школо за тоа?

Милијана збунета не знаеше ништо и му кажа дека прв пат слуша за Треблинка и не знае што е.

Вујко и стана, си тури во една мала чаша коњак и продолжи: “Треблинка е најзлогласниот логор во Европа и е логор на смртта на илјадници Евреи. Само од Македонија беа депортирани над 7144 Евреи во една вечер. Оттаму никој не се врати, колку што  знам. Исак беше предобар другар и среќен сум што го имав, иако многу ми недостасува и сеуште жалам за нивната судбина“… застана и по миг продолжи со објансувањето.. “Види ја фотогафијава овде – јас и Исак на скопското корзо летото 1940-та. Јас бев учител во централното училиште, што го бомбардираа во војната а  тој работеше во Еврејското училиште и имаше девојка Ева, со која беа верени и требаше следното лето да прават свадба. Тогаш  и јас планирав да се женам, па си зборувавме, како би било  да направиме  една заедничка, македонско- еврејска  свадба. Иако, тоа не беше можно“.

-Зошто? – потпраша тивко Мили.

“Нивните свадби беа поинакви од нашите. Се венчаваа во Еврејскиот молитвен дом Синагога.. Невестите носеа убави долги бели фустани со долг вел, носеа големи убави ковчези како чеиз во новиот дом и имаа многу интересни еврејски обичаи. Бев на една таква свадба кога се женеше неговиот братучед во Битола. Нашите свадби беа поскромни, поедноставни. Ние се регистриравме во Општина а дедо ти не венчаваше дома“- и објасна убаво нејзиниот сакан вујко.

Мили климна со главата и овој волшебен момент го прекина тропање на надворешната врата. Беше тивка за време на  вечерата и веднаш си легна, откако се изгушка со вујко ѝ, затоа што тој ќе биде на работа кога татко ѝ  ќе дојде да ја земе.

xxxxxxxxxxx

Помина време и Милијана во мислите често се навраќаше на она што и го кажуваше вујко ѝ. Следните неколку години не беше сама кај нив на подолго, и останаа многу неодговорени прашања. Во меѓувреме во гимназија  повеќе учеа за животот, културата но и страдањата на Еврејскиот народ. Го прочита романот “Роб“ од познатиот писател Исак Сингер, Евреин од Полска кој за време на прогонот на Евреите се спасил во Америка. На една екскурзија низ Југославија, во Сараево прв пат влезе во Синагога а читаше и за хебрејскиот јазик, кој и остана голема непознатица.

За жал, вујко ѝ  многу тешко се разболе и почина. Нивната последна средба беше, кога матурираше.. Тој седеше во фотељата и се гледаше дека не му е добро. Во меѓувреме објави научни трудови, стана професор, патуваше и од секаде им праќаше по една разгледница. Кога дојде кај него не знаеше дека за последен пат ќе го види. Едно остана меѓу нив недокажано – недовршената приказна, која Милијана  често си ја довршуваше  во своите мисли. Сакаше приказната да има среќен крај. Си помислуваше, да не се случела војната, можеби  Исак ќе имал внука, па тие ќе биле другарки. Си замислуваше каква би била нивната заедничка фотографија, требаше да го праша вујко ѝ  дали му се допаѓала  можеби Сара……Многу  прашања останаа неодговорени. Со текот на времето избледеа, но  Милијана овие спомени  секогаш ги  чуваше, во срцето и мислите.

 

П.С. Расказот е автобиографски. Низ матните спомени, испреплетени настани, после многу години се обидов барем приближно да ги склопам деловите на мозаикот. И сеуште се исти чувствата како тогаш, за нешто навидум толку различно но сепак многу исто. Имињата во расказот се измислени.

Двете фотографии користени во расказот се генерирани со вештачка интелигенција.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.