Licentia poetica со Емина Спахиќ-..Денот да го претвориш во мрак, за да го сониш сонот свој суден….

 Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Емина Спахиќ е родена на 18 мај 1972 година во Скопје. Авторка е на поетската збирка „Здивот на темнината“ а во фиока чува уште неколку необјавени поетски збирки. Пишува и проза. Пишува од мала возраст. Перидов го подготвува романот со работен наслов “Семејна бура“.

 

МАГЛА

Вдиши замаглено утро

и мирисот на маглата

ќе допре до многуте земјини клокотења.

Величественото постоење

на триаголните шавови

јасно го скицираат споменот

на голите имиња

во праисториското студенило.

Вечноста го постела ликот на бајките,

девиците земаат тромави мажи

заслуга по нивната невиност

и стуткано клечат

пред многуте животни јарболи,

а каде е животот?

 

Еве го, стои тука како,

магла во вените на стишението

носејќи му на телото прав и замагленост.

 

НОЌ БЕЗ МЕЛОДИЈА

Часови и часови конеам

една песна да напишам

листовите имагинација

невидливи имаат.

Заспиена ноќ

низ лавиринти непознати талка

молам за стих

мисла една да подарам

врз овој лист празен.

Мистична е волјата чувството мое

и желбата голема мелодија некаква

Хамлет да испрати нотите

епитетична тензија да добијат не,

оваа оштра пожнеана глувост не кажува ништо! Подла штитна внатрешна хиена завива како плач убива како ѕвер заспива како волјата на чуварот свој

 

 

 

 

 

 

 

КАНЏИ

Еве дебели канџи

низ кои ќе го зграпчиш жешкото сонце,

денот да го претвориш во мрак

за да го сониш сонот свој суден.

Судбински крик прекриен

низ нечии траги маршира

по големата прашина чувајќи

го ликот со кој се препознава

чувајќи го тропикот вжештен

под очите на ноќта.

Еве дебели канџи

за да го зграпчиш

восокот впиен

во синото море!

Десет студа подари

и на кревкоста негова,

зграпчи го животот!

Напиј се од течноста

која врие жилата

на земскиот корен и

достигне до врвот на твоите соништа.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.