12 мај 2024
Денешниот ден, 12 Мај се слави како Меѓународен ден на Мајката, а еден од најголемите гестови кој остана запаметен, а се случил како во филм, е оној од 2010 година кога библиотекарот и поет Зоран Мијалков од Штип како роденденски подарок ѝ издал книга на мајка си Виолета Тодева Мијалкова, без таа да знае.
– Таа има напишано многу песни и поезија. Не ѝ беше сеедно што има над 40-тина први места на разни конкурси, а поради финасиски причини немаше објавено книга. Мене тоа многу тешко ми падна и решив на мала Богородица да ѝ издадам книга. Собрав пари за издавање на сто примероци, ги зедов нејзините песни скришно, им направив компјутерскота обработка, и ја издадов книгата под наслов „Мамо те сакам“. Содржи 40-тина песни, сите наградени со први или втори места на разни конкурси. Мајка ми е наставник по одделенска настава, минатата година две нејзини ученички освоија прво место на Рациновите средби. Таа живее за поезијата. Денот кога беше промоцијата на книгата ѝ кажав на мајка ми дека треба да присуствува на промоција на една поетеса, до последен момент не знаеше дека е нејзината промоција. Затоа и нејзината радост и возбуда, беа уште поголеми, ни раскажа своевремено овој добар и грижлив син.
Ценета Виолета Тодева- Мијалкова беше долгогодишен одделенски наставник, сега во пензија. Пишува континуирано, добитничка е на стотина награди за своите творби, член е на Литературниот клуб “Искра”,а денес е една од најпознатите македонски поетеси во Меѓународни рамки, со награди за својата поезија и ширење на мир на глобално ниво, а е и борка за човекови права особено за децата со аутизам.
Нејзиниот поетскиот опус воопшто е многу обемен и оценуван од читателите и рецензентите како посебно квалитетен.
Таа кон современото македонско женско писмо дала голем придонес преку повеќе објавени стихозбирки во изминативе години.
Зоран Мијалков, сѐ уште нема објавено своја книга, но овој негов гест остави траен белег во современото македонско издаваштво.