Кинотека со посебна чест кон режисерот  Антонио Митрикески

Долги, исцрпни, искрени и посветени говори на говорниците, и кратко заблагодарување на режисерот Антонио Митрикески, во преполната сала во Кинотека на Република Северна Македонија, ќе остане како слика што ќе ја паметиме од денешната промоција на книгата посветена на неговото творештво. Тој се заблагодари на своето семејство, на Кинотека што за ден на промоција го одбрала  токму 27 октомври (Светскиот ден на аудиовизуелното наследство и рече дека единствено жали што неговиот татко, академикот и реномиран сликар Боро Митрикески не го доживеа тој момент, но и дека му е криво што секогаш барал да по муабетат повеќе како татко и син, а Антонио секогаш “некаде брзал” (како што тоа сме го  правеле сите со нашите родители) .
Книгата за овој наш славен современ режисер, која беше пречекана со многу возбуда и нетрпение, носи наслов “АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН”, во издание на Кинотеката, а автор е познатиот филмски новинар Стојан Синадинов.

Промотивна цена е 100 денари, но оние кои ја прочитале велат дека станува збор за исклучителна книга која вреди да се име, микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти.

                   

Митриќески е роден во Скопје во 1961 година. Филмска режија завршува на Високата државна школа за филм и телевизија во Лоѓ, Полска. На филм започнува да работи во 1985 година. Вработен е како професор по предметот филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. За својата работа добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Специјална награда на градот Лоѓ за филмовите ДВОБОЈ и ДЕН (1985), Златен медал за дебитантски филм на 38-миот фестивал на југословенскиот документарен и кусометражен филм во Белград за филмот ЉУБОВТА НА КОЧО ТОПЕНЧАРОВ (1991), Награда на публиката на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ (1997). Според ист мотив, развиен од сценаристот Ташко Георгиевски, Митриќески го создава поетичниот игран филм ПРЕКУ ЕЗЕРОТО.

Докторира со темата „Теорија и практика на документарниот филм (Казимиеж Карабаш, Столе Попов, Мајкл Мур). 

Филмографија :

2014 Деца на сонцето (Режија)

1991 Љубовта на Кочо Топенчаров (Режија, Сценарио)

1997 Преку езерото (Режија, Сценарио)

2003 Како лош сон (Продуцент, Режија, Сценарио)

1985 Двобој, сценарио, режија, краток игран, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска

1987 Ехо, сценарио, режија, краток игран, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска

1985 Ден, сценарио, режија, документарен, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска

1986 Време, сценарио, режија, документарен, Висока државна школа за филм и ТВ – Лоѓ, Полска

Овој ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви и осум други сродни меѓунарони организации. Mеѓу нив и ФИАФ (Fédération internationale des archives du film / International Federation of Film Archives), кадешто членува Кинотеката на РСМ, а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното наследство за идните генерации.

Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.