Кинотека ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата Антонио Митрикески:

На 27 октомври (среда) Кинотеката на Македонија ќе го одбележи Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со промоција на книгата АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН. Книгата е издание на Кинотеката, а автор е Стојан Синадинов.
„АНТОНИО МИТРИКЕСКИ: ХРОНИКА НА ЕДЕН ФИЛМСКИ СОН“ е микс од монографија, биографија, мемоарска проза и критички осврти.
Водена од мотото на оваа глобална манифестација – „Вашиот прозорец кон светот“ – Кинотека ќе ги отвори своите работни простории и депоа за студентите, ученициите, колегите од сродните институции и секторот за заштита на културно наследство, како и за љубопитните граѓани.
Одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство го започна УНЕСКО, а потоа го прифатија и презедоа меѓународните тела што обединуваат организации и асоцијации на филмски архиви, музеи и институции што се занимаваат со заштита и чување на аудиовизуленото наследство, предводени од Координативниот совет на здруженијата на аудиовизуелни архиви (CCAAA -Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations).
Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки и тн.) од цел свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на аудиовизуелните материјали и нивното значење за колективната меморија.
-Аудиовизуелните материјали можат да ја раскажат вашата приказна, вашата вистина и вашето присуство. Тие обезбедуваат прозорец кон светот, овозможувајќи ни да ги набудуваме настаните на кои не можеме да присуствуваме, да слушаме гласови од минатото кои повеќе не можат да зборуваат и да изработуваме приказни што информираат и забавуваат. Аудиовизуелната содржина сè повеќеигра витална улога во нашите животи додека се обидуваме да го разбереме светот и да се вклучиме во општеството.Промовирајте правда, еднаквост и мир преку аудиовизуелни снимки. Прославете ги триумфите во вашата заедница и забавувајте нè со вашата приказна. Покажете ни го вашиот прозорец кон светот – се вели во годинешната порака на Тоби Сиј (Toby Seay), претседател на CCAAA.
Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви и осум други сродни меѓунарони организации. Mеѓу нив и ФИАФ (Fédération internationale des archives du film / International Federation of Film Archives), кадешто членува Кинотеката на РСМ, а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното наследство за идните генерации.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.