25.07.2024
Извонредната актерска игра во дуодрамата „Кенди“, која беше изведена синоќа на првата фестивалска вечер од Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА Фест“ посветен на прерано починатиот режисер Глигор Цветковски, ја крена на нозе публиката во НУ Центарот за култура во Крива Паланка.
Актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски со својата брутално реалистична и експлицитна изведба на ликовите на Кенди и Даниел, буквално ги „истурија“ на малата сцена сите аномалии на современото општество претставени преку зависностите и дискриминацијата на младите. Љубовната приказна во суровиот свет, работена според романот на Лук Дејвис и авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, ја покажа и огромната храброст и оригиналност на младата режисерка Тамара Стојаноска да се зафати со една ваква тешка тема и да ја претстави на начин што ги поттикнува сите да размислуваат длабоко за значењето на љубовта и човечките вредности во денешното време.
Дуодрамата „Кенди“е во продукција на независниот театар „Златен Елец“ и ја има добиено наградата за најдобра театарска претстава „Биш“ на МОТ, како и наградата „Бранко Ѓорчев“ ya најдобра партнерска игра на Интернационалниот фестивал на дуодрама „Бранко Ѓорчев“ во Неготино.
По извонредната изведба на „Кенди“ во Крива Паланка, режисерката Тамара Стојаноска ги посочи предизвиците со кои се соочува независната сцена во Македонија.
„Иако во светот експерименталните форми се многу развиени , независната сцена кај нас се уште е прилично нова и се соочува со многу финансиски проблеми , со проблеми со простор, нема простор за проби, за претстави. Со последни сили се бориме да преживееме, бидејќи независнaта сцена кај нас многу тешко се сфаќа сериозно, имаме некои други репертоарски навики. Ексерименталните форми можеби малку и ја плашат публиката , бидејќи се интерактивнi и поинакви, се занимаваат со многу потешки теми, но сепак слободата на уметниците и на театариите мислам дека е во независната сцена“, посочи Стојаноска.
ГИГА Фест продолжува вечерва на платото пред Градскиот музеј во Крива Паланка каде со почеток во 20,00 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Лука“, во продукција на „Транзен“. Режијата е на Ице Виранов, сценариото на Бинева Џејд, костимограф е Столе Ангелов, камерман Иво Јанков, а музиката ја потпишуваат Ставро Ангелаков и Љубен Маџиров. По проекцијата на „Лука“, во 21,00 часот следува музичкиот перформанс „Ставро и Џејд“.
Мултимедијалниот алтернативен фестивал „ГИГА Фест“ е поддржан од Општина Крива Паланка, а годинава се реализира во рамките на Кривопаланечко културно лето и манифестацијата „ Крива Паланка – Град на културата“.