На 04.12.2024 година во ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ се одржа Книжевната манифестација „Денови“.
Домот на културата ја има честа да го носи името на еден великан и токму во чест на неговото раѓање, секоја година, ја слави културата, литературата, поезијата и уметноста воопшто.
Наградата „Бели мугри“ за поетска книга на млад автор до 35 години, оваа година беше доделена по седумнаесетти пат. Добитник на наградата е Цветанка Невчева за поетскиот ракопис „Исихија“.
Пред 85 години од печат излезе стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин.
По тој повод Филип Димкоски состави рецитал од неколку песни од стихозбирката „Бели мугри“.
Рециталот беше изведен во рамки на манифестацијата „Денови“ од страна на актерите Марина Поп Панкова и Христијан Поп- Симонов.
Свој музички настап имаше и гудачкиот квартет- Пламенка Трајковска.
Пораката која произлегува од стихозбирката Исихија од Цветанка Невчева гласи: Слушни ја тишината во тебе, за да се осознаеш себе! Тишината си ти!
НА РАЦИН
СРЦЕ КАКО ПЛАНИНА
Во сенката на Беласица,
се сее семе на бунт, гласови од земјата се слушаат,
капки непресушна пот од душата македонска!
Бели мугри на сеќавањата,
под велешките сини неба,
песни се орат,
додека тутунските полиња кои ги заливаат бистрите води на Вардар
жолто злато даваат
и ѓердан на врат нанижан ставаат!
ПОД СИВОТО НЕБО
Од сивото небо капки паѓаат,
на земјата измачена, исплакана.
Селото спие, во тишина длабока.
Тутунот згаснува, а во полињата се шири,
горчлив мирис на празни надежи.
Рацете огрубени, од тешка работа,
сонуваат за денови посветли.
Срцата плачат, тихи секојдневни јадови,
за леб недоволно, за деца изгладнети.
Но, во очите сјајот не се гаси, искра за борба, што тајно гори.
И под сивото небо, ќе никнат повторно цветови,
надежта ќе цвета, во срцата млади.