Интервју со Дарко Башески и Деа Крстевска Тамборини- Со “Џифони Македонија“ младите ги поминуваат сите граници

Објавувањето на интервјуто со двајцата “виновници“ за реализација и опстојување на Меѓународниот филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ се совпадна со почетокот на Фестивалот. И покрај новите состојби наметнати од новата реалност и предизвиците што се исправија пред нив , на задоволство на околу 300 учесници млади љубители на филмската уметност од Македонија и другите земји, сепак вечерва ќе биде отворено 8. издание на овој по многу што единствен и реномиран Филмски Фестивал.

Џифони Макеоднија-2018Интервјуто,  за жал, заради обврските но и  посигурните начини на комуникација, го направивме онлајн , а се присетував на минатите години (2017-2018) кога во соработката/ бев дел и јас, како ментор на Работилницата за сценарио.

Почнуваме како што е „протоколот “ со Дарко Башески, директор на фестивалот, кој секогаш колку обврски и проблеми да има, излгеда смирено и насмеано.

Дарко, „Џифони Македонија“ беше пред голем предизвик. Сепак успеавте и покрај сите пречки да дојдете до одбројување за почетокот на годинешново издание што ќе се случи вечерва! Накратко, како течеа подготовките ?

Како и последните 6 месеци и подготовките течеа карантински, најчесто со онлајн разговори или со мали средби во мали групи за да не се ставаме едни со други во ризик од Ковидот, а со тоа и да не го ставаме фестивалот во ризик да не се одржи.

Како одеше купувањето на филмовите, бидејќи не беше можно физичко присуство. И кој филмови се во годинешната програма?

Најголемиот дел од филмовите се селектирани од страна населекторите на фестивалот Џифони од Италија кои прегледуваат над 5000 пријавени филмови секоја година. Другиот дел од филмовите се од нашиот регион, а најголем дел од кратките филмови се пристигнати од 23 земји со аплицирање на нашиот фестивал. Најголем проблем сепак беше тоа што филмовите ќе се прикажуваат онлајн, поради што со сите носители на права имаше подолги преговори.

Онлајн платформата е секако основната новина, но и основната
алатка да се одржи Џифони во оние рамки во кои постои, со
учество и на деца од други држави?

Соочени со мерките на Ковид кризата и секако безбедноста и здравјето на учесниците, баравме начин како да ја направиме програмата онлајн, а да не отстапуваме многу од вообичаениот концепт, по кој фестивалот стана широко прифатен. Свесни сме дека ќе изостане можеби најважниот дел од духот на фестивалот „Џифони Македонија“ со дружење, забава и создавањето заеднички креативни дела на работилниците. Свесни сме и дека на младите после 6 месечна изолације веќе им е смачено од сите онлај активности и дека им недостасува вистинското дружење. Сепак ние се потрудивме да им донесем барем малку радост со филмовите, да ги поттикнеме на креативност со работилниците и да им овозможиме дружба со нивни врсници од 12 земји кои виртуелно ќе гостуваат на фестивалот и ќе ги гледаат заедно филмовите на платформата. За да идејата за онлајн платформа стане реалност пред се е заслужна мисијата на ОБСЕ во Скопје со чија поддршка се развива платформата на која ќе се одржи фестивалот, а по завршувањето на фестивалот оваа платформа ќе продолжи со редовна работа. На фестивалот сретнуваме доста млади кои имаат направено по неколку кратки филмови, многумина од нив имаат свои влогови,  а летово група средношколци снимаше и серија. Сите тие видео дела поединечно може потешко да се најдат ако не се знае точното име за да се пребарува. Целта на дигиталната младинска платформа YOUTH.MK e да стане место на кое младите на едно место ќе можат да ги покажат своите аудио-визуелни креации како филмови, влогови.

– Како работи платформата ?

На платформата ќе учествуваат сите оние кои се регистрираа на конкурсот објавен на почетокот на септември така што ќе се
логираат за да може да ги гледаат филмовите бесплатно, а по секоја проекција на филм ќе има онлајн дискусија за филмот со млади модератори или автори. Еден дел од настаните, работилниците и сите мастеркласови ќе одат во живо со видео
стриминг, па така ќе станат достапни и за пошироката публика. На платформата, учесниците поделени во три групи според
возраста ќе ги гледаат филмови од нивната категорија поделени според возраста, за да потоа како членови на соодветното жири гласаат за најдобар филм.

За работилниците. Колку работилници ќе има и на кој начин ќе функционира нивната работа?
Оваа година ќе има 8 креативни работилници кои ќе се одвиваат во текот на пет дена и една, еднодневна работилница за готвење што ќе се одржи во Битола. Сите работилници ќе бидат водени од ментори онлајн, a на крај сите завршени дела ќе бидат прикажани на свеченото затворање и поставени на платформата достапни за сите млади.

Сепак ќе имате и проекции на отворено. Како го организиравте
тој дел?

Дел од проекциите ќе бидат во отвореното кино на Кинотеката секоја вечер од 19 часот, со почитување на безбедносните протоколи.  Во оваа програма на филмови кои се надвор од официјалната конкуренцијата за награди. Ќе бидат прикажани филмови за aдолесцентите, односот на родителите и децата и проблемите со кои се соочуваат. Оваа програма е интересна за пошироката публика, посебно за тинејџетите и нивните родители.

Вториот “виновник “ за пријатното и едукативно случување „Џифони Македонија“ е  Деа Крстевска Тамборини – програмски директор на Фестивалот.
 
Каков е интересот од странските учесници со оглед на тоа што сите сме на некој начин затечени со оваа нова реалност?

Џифони-Италија

И оваа година сакавме да го задржиме меѓународниот карактер на фестивалот и ги поканивме пријателските фестивали од странство кои традиционално учествуваат со делегација на ученици, да нѝ се придружат во оваа нова авантура. Одзивот беше одличен, бројот на странски учесници е 51 а доаѓаат од Италија, Грција, Бугарија,
Турција, Србија, Хрватска, Романија, Русија, Украина, Азербејџан, Полска и Шпанија. Тие ќе ја следат програмата од своите домови, а некои од нив, како на пример петнаесетмината учесници од Италија, ќе ја следат програмата од кино сала во нивниот град Џифони.
Сите тие ќе бидат дел од програмата Virtual Hospitality: на секој од нашите учесници кои се пријавија да бидат виртуелни домаќини, му доделивме по еден виртуелен гостин од странтсво. Тие веќе се запознаваат и се дружат онлајн,а ќе сработат и еден заеднички проект, па можеби тоа пријателство ќе излезе од границите на интернетот и ќе доведе до вистинско патување и дружба, што е всушност и духот на овој наш фестивал.

Дали млади од Македонија учествувале на ваков онлајн Џифони
фестивал во друга земја?

Џифони Македонија 2019

Матичниот фестивал Giffoni Experience кој секоја година во јули се одржува во Џифони, Италија, оваа година се одржа со многу
намалено физичко присуство на млади, и тоа само од околните места. Нашите претставници учествуваа на фестивалот со групна видео конекција од Скопје, а такви групни вклучувања имаше уште
од неколку европски земји. Секако, доживувањето е сосема различно, но ентузијазмот сепак беше на високо ниво. Другите фестивали во странство со кои соработуваме, а кои се одржаа онлајн во изминатиов период, не вклучија учесници од странство.” Џифони Македонија” ќе биде прв фестивал од овој вид кој ќе има регистрирани странски учесници што ќе ја следат програмата од сопствените домови.

-Сепак е различно од минатите години, имате ли трема или само
возбуда ? Што очекувате од годинешново издание да добијат
младите Џифонци?

Ова е осмо издание на Џифони Македонија и фестивалот веќе има препознатлива форма и карактер. Оваа година се соочивме со нов предизвик и нашата реакција беше брза и јасна: “Џифони Македонија” треба да ги задржи своите главни карактеристики -оние заради кои младите го сакаат – без оглед на условите во кои се одржува.  Па така веднаш изнајдовме решение за кое сметаме дека одлично ќе ја спроведе оваа замисла во дело. На младите Џифонци ќе им го понудиме сето она што го сакаат од Џифони: Добри филмови, место за дискусија, креативни работилници, проекции на кратки и анимирани филмови, проекции на нови остварувања од млади автори, средби со познати личности и сето тоа ќе биде интерактивно, секој од нив ќе може да дојде до израз.  Очекуваме ова издание на Џифони да им понуди на младите алтернатива на она што се подразбира како „онлајн“ кај нас, односно доказ дека животот онлајн (кога тоа е еденственото решение) не значи да се биде сам со својот лаптоп туку нуди и можности за дружба и соработка. Можеби искуството од овие шест дена ќе им помогне на учениците полесно да се соочат со новата учебна година која ќе се одвива онлајн.

Дарко и Деа, како носители и главни организатори на овој прекрасен Филмски проект за млади, пред почетокот на 8.издание , што би им порачале на младите? ….Светот се
менува, реалноста е поинаква , како треба младите да ги насочуваме за полесно да се справат со овие големи промени?

Дарко – Пред се би сакале младите да останат свои, да се борат за својата иднина, идеали и посебно да опстанат реализацијата на својата визија за иднината која тие ја замислуваат колку и да не се разбрани од околината, па и од родителите. Децата секогаш имаат огромна имагинација и големи желби и очекувања, најголемиот
предизвик за да се зачува креативноста за секоја личност да остане со детски дух и во возрасните години од животот.  Само со детска чистота и младешки дух може да се гради подобра иднина за сите на нашата планета Земја.

Деа -Светот се менува, но вредностите кои ги промовираме се универзална категорија, која не познава граници ниту технологии. Тоа е љубов кон културата и филмот, почит и грижа за другите и за човековата средина, запознавање на различното, развивање на  сопствена критичка мисла. Нашите млади учесници знаат дека Џифони е место кадешто се раѓаат единствени другарства и големи идеи.Затоа, не ги насочуваме младите, ние им нудиме место, информации и алатки за тие да ги развијат сопствените идеи и да израснат во креативни, свесни и одговорни возрасни луѓе, способни за големи дела во било која животна или професионална област, со еден збор луѓе кои ќе можат да го подобрат светот.

Вечерва „Џифони Македонија “ со проекција на филмот „Мојот брат брка диносауруси“  во Кинотека на Македонија,ќе го започне својот пет дневен возбудлив лет, исполнет со многу содржини, во оваа по многу што специфична 2020-та година. Убав и успешен лет, пред се на младите учесници-Џифонци, за кои сум сигурна дека ќе имаат убаво и незаборавно искуство а на организаторите мирен лет на „Џифони Македонија“ 2020.

М-р Татјана Гогоска 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.