Филмот за старо Скопје “Човек-Лав стори”во Кинотека на 30 ноември

На 30. ноември (вторник), со почеток во 20 часот, во Кинотеката премиерно ќе биде прикажан третиот краток филм за “Старо Скопје”, насловен “Човек-Лав стори”, чиј автор е Катерина Габунија.

Носител на проектот НУФЦ Вардар Филм – Скопје, поддржан од Град Скопје, а реализиран во соработка со Кинотеката

Проектот “Тајните архиви на Скопје –Човек-Лав стори” е инициран, режиран и координиран од Катерина Габунија, а монтажата и дигитализацијата на Александар Трајковски. Третиот дел од серијалот филмови за Скопје и скопјани со наслов” Човек- Лав стори ” претставува колаж од дигитализирани 8 милиметарски филмски ленти, чии протагонисти се граѓаните на Скопје.

Во овој трет дел акцентот е на љубовта. Таа ги спојува сите генерации и ги поврзува минатото и сегашноста. Љубовта е најсилната емоција која секогаш ја освојува публиката пред филмското платно, неа сме ја искусиле сите  и најлесно ни е да се соживееме. Љубовта е наша движечка сила, која не мотивира да твориме. „Човекот“ не е совршен, знае и да згреши, но љубовта која ја дава, барем на кратко (онаа таинствената) е најсилна и вистинска. Нефилмуваната љубов на скопјани е послатка и пореална од совршената.

Процесот на реализација на овој проект, како и до сега,  започна со јавен повик до граѓаните за собирање на 8 мм и супер 8 мм ленти. Се продолжи со дигитализација и дигитална обработка на истите, а потоа се премина кон монтажа на слика и звук. На овој начин преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 мм и супер 8 мм) од домашната архива на скопјани се открива скриеното богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи.

Возрасна категорија: за сите возрасти

Влезница: бесплатен влез

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.