Скопје, 8 октомври 2021
Синоќа со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“ во киното „Фросина“ беше отворен 9. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“.
„Се радуваме што по две години повторно сме во Македонија. Посебно ни се драги младите од Македонија кои се наши учеснции на „Џифони Италија“. Тие се секогаш најактивни, се истакнуваат по елоквенција и оригиналност. Повторното доаѓање во киносалите е знак на нов почеток и нешто што многу ни недостига. Културата не смее да ја снема, што и да се случува во светот, таа ни треба. Ви посакувам убав фестивал – рече Јакопо Губитози, извршен директор на „Џифони Експериенс“.
Благодарение на поддршката од Агенцијaта за зфилм, Министерството за култура, „Џифони Италија“ и во последните години благодарение на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија поддршка посебно од минатата година е многу важна и годинава имаме фестивал богат со содржина, истакна извршниот директор на „Џифони Македонија“, Дарко Башески.
-Не скративме програма, а вклучивме и деца од другите градови, преку тн. хабови, за што ни помогна Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Пред точно десет години прв пат во 2012 година токму овде паднаа првите разговори за „Џифони Македонија“. Ова е многу емотивен момент за мене – рече Башески.
Преку зум-врска, присутните во салата ги поздрави и Клаудио Губитози, основачот на фестивалот. Тој истакна дека „Џифони Македонија“ е единствената меѓународна активност што годинава е поддржана од нивна страна.
-Македонија е единствената земја во која годинава е поддржан концептот на „Џифони“ надвор од Италија. Јас му честитам на тимот на „Џифони Македонија“ за сè што прават овие години. Младите од Македонија се дел од големото семејство на Џифони и имаат важно место таму. Во пандемијата сфативме колку ни фали близината, прегратките, насмевките. И во 2022 година ќе почнеме нов пат на Џифони и ќе се концентрираме на овие вредности повеќе – рече Губитози.
Присутните ги поздрави и амбасадорт на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.
Амбасадор Андреа Силвестри во нашата земја, кој и самиот е љубител на филмската уметност, истакна:
-Се радувам што повторно сме во киносала, каде се случува магијата. 180 млади учествуваат годинава. „Џифони“ секогаш бил повеќе од филмски фестивал. Ова е место каде што младите учат да дебатираат, учат за животот од филмовите. Киното не е само забава. Знам дека со голема одговорност и со задоволство ќе ги гледате филмовите и ќе ги оценувате – им порача Силвестри на младите.
Тој додаде дека културната соработка помеѓу двете земји е се подобра, а му честита и на Губитози за упорноста и визијата што ја има во сиве овие години.
Силвестри ја најави Неделата на италијанскиот јазик, која годинава е посветена на големиот италијански поет Данте Алигиери.
-Тој е голем поет на светско ниво. Во неговото дело „Божествена комедија“, во последниот круг на пеколот, повторно се појавуваат ѕвездите. Тоа е силна порака за надеж и дека човек може да се надева дека ќе го види небото – заврши тој.
Денес веќе почна работата на првиот фестивалски ден. Во Младинскиот културен центар и во Кинотеката џифонците ги гледаат првите филмови и почнаа со работилниците што ги избраа.
Италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри во 16 часот ќе одржи предавање на тема дали цртаните и стрипот можат да се користат во пропаганда? Веднаш потоа Розарио Минервини, селектор од „Џифони Експериенс“ ќе одржи предавање за тоа како се прави селекција на филмови за фестивал. Денешната програма ќе заврши со презентација на odas.mk, за што ќе зборуваат Анисија Угриновска и Филип Најдовски.
Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – „Џифони Експиериенс“ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
„Џифони“ е повеќе од фестивал – тоа е место каде што се учи за животот преку филмската уметност
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.