Доделена Цветинова награда за Петре М. Андреевски

 Скопје, 12 јули 2024

Во паркот на поезијата и уметноста во Капиштец, денес по повод празникот Свети Петар и Павле, со пригодна програма беше одбележан ликот и делото на Петре М Андреевски, и постхумно доделена Цветинова награда за мир, што ја доделува уметникот и хуманист Живко Поповски Цветин.

Во таа пригода беше прочитан расказот што Андреевски го напишал за познатиот цветно- мисионерски уметник, од страна на Валентина Ѓоргиевска Парго,  како и песната што му ја посветил “Каде ја научи таа магија пријателе”, а која ја интерпретираше поетот Горан Анчевски од ДПМ.

Поетот од ДПМ Мирче Нешовски се потсети за нивните заеднички средби, а песни прочитаат и поетот Мендо Димовски, шаховскиот велемајстор Димитар Илиевски.

 

Во чест на овој настан беше поставена и еднодневна цветна изложба.

 

***

Петре М. Андреевски е македонски поет, романописец, раскажувач и академик.

Петре Мито Андреевски (Слоештица, Демирхисарско, 25 јуни 1934 — Скопје, 25 септември 2006) е попознат како Петре М. Андреевски- македонски поет, романописец, раскажувач и драмски автор. Се вбројува меѓу најдаровитите, а воедно и најпопуларните македонски поети и раскажувачи. Неговите приказни се честопати необични и чудно испреплетени, но во особеноста на својата упатеност кон читателот, раскрилуваат еден познат и близок свет, што го препознаваме како ехо на дамнешни, напати, темни кажувања. Во мај 2000 година бил избран за редовен член на МАНУ.

Припаѓа на трета генерација повоени македонски писатели

Значајни дела: Пиреј, Дениција

Основно образование завршил во родното село, гимназија во Битола, а студирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата по југословенска книжевност.

Работел во Македонската телевизија, а бил и уредник на списанието „Разгледи“. Андреевски бил член на Македонската академија на науките и уметностите, на Македонскиот ПЕН центари на Друштвото на писателите на Македонија (од 1964 година, a во 1983 година бил и негов претседател).

Петре М. Андреевски почина на 25 септември 2006 година во Скопје. По неговата смрт, на 9 октомври 2007 година, Претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, посмртно му доделил Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.

Во 2022 година, во родното село Слоештица, е отворена Спомен- соба во чест на Петре М. Андреевски, каде ќе биде сместена и оваа награда.

Творештвото на Андреевски е разновидно и опфаќа: романи, поезија, раскази, драми, есеи и детска книжевност. Неговите дела се преведени на повеќе јазици: српски, хрватски, француски, романски, англиски, шпански, јапонски итн. Во два наврати (1984 и 2002 година) биле објавени одбраните дела на Андреевски, во пет и во шест тома, соодветно.

 

Стихозбирки:

Јазли (1960)

И на небо и на земја (1962)

Дениција (1968)

Дални наковални (1971)

Пофалби и поплаки (1975)

Вечна куќа (1987)

Лакримариј (1999)

Збирки раскази:

Седмиот ден (1964)

Неверни години (1974)

Сите лица на смртта (1994)

Боеми (посмртно)

 

Романи:

Пиреј (1980)

Скакулци (1983)

Небеска Тимјановна (1988)

Последните селани (1997)

Тунел (2003)

Бежанци (посмртно)

Книга со драми (1984), во која влегуваат:

Време за пеење

Богунемили

 

Есеи:

Сегашно минато време (2006)

Стихозбирки за деца:

 

Шарам барам

Касни- порасни (сликовница)

Интервјуа:

Тогаш така реков (2006)

 

Награди

Андреевски бил добитник на наградите: „11 Октомври“ (во 1968 година), „Браќа Миладиновци“ (двапати), „Рациново признание“ (двапати) и „Стале Попов“ (двапати). Романот “Пиреј“ македонската критика го прогласи за ремек- дело на македонската современа проза, а збирката “Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената ит атковината и златна книга на македонскиот модернизам.

Извор: Википедија

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.