Промоцијата на книгата „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947 – 1952)“ на доц. д-р Наташа Диденко ќе се одржи во рамки на 22. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености” 2021 на 11.11.2021г. (четврток) со почеток во 12 часот во Музеј на македонската борба. Промотор е проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска.
Книгата „Октомвриски фестивали на народни игри и песни во Битола, Штип и Скопје (1947 – 1952)“ претставува прво монографско претставување за овие фолклорни фестивали, организирани по повод одбележувањето на важниот меѓник познат како „Денот на востанието на Македонија“ или „Денот на народното востание на македонскиот народ“, но и како државен празник „11 октомври“. Во современата македонска држава, биле организирани како први музички фестивали од областа на фолклорното творештво во 1947 година во градовите Битола и Штип, а од 1948 година се одржувале во Скопје. Според досегашните истражувања, не постојат многу информации за овие фестивали, коишто во суштина се стожерот за формирањето на идните културно-уметнички манифестации низ Републиката. Затоа, со оваа монографија се прави обид да се проследи развојот на Октомвриските фестивали на народни игри и песни, во периодот 1947 – 1952 година, со цел пошироката и научната јавност да добијат поконкретни податоци, но и да се запознаат со континуитетот и значењето на овие фестивали, кои во наредните години придонеле да не дојде до згаснување на фолклорната традиција, по која нашата земја е позната ширум светот, туку и го забрзале процесот за создавање на професионален ансамбл и други културни институции за проучување на националната култура и фолклорното творештво во Македонија.
Промоцијата ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани.