Јубилејното 15-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 15 до 22 август во традиционалните простори на Куршумли ан, Музеј на Македонија, Сули ан, МКЦ и новиот простор „Лабораториум“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи со мото „Копање емоции низ времето“.
Главната прес- конференција за фестивалот се одржа на 8 август 2024 година, во МКЦ, а фестивалската програма ја претставија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“, и Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
– Среќни сме дека оваа година на 15-то издание на „МакеДокс“, кога славиме еден наш мал јубилеј, посветен на кинотечната дејност и архивските материјали, на нивното чување, реставрирање и дигитализирање, како и на нивната креативна употреба во документарниот филм, ќе имаме можност да копаме и ловиме емоции низ времето, да ги пресоздаваме сеќавањата и да реконструираме состојби… Токму поради ова, ќе прикажеме разновидна програма од документарни филмови, како нови, така и постари, кои во себе изобилуваат со архивска граѓа, со посебен акцент на документарните филмови кои веќе се дигитализирани во поширокиот балкански регион и грижливо се чуваат во кинотеките и архивите, сѐ со цел да создадеме една одважна и фестивалска атмосфера во која ќе ја славиме кинотечната дејност која многумина од нас (филмаџиите, авторите од било кој вид, па и публиката) ја препознава како дејност која е мошне значајна, не само за зачувување на аудио-визуелното културно наследство и идентитетот на една земја, туку нејзините фундуси и како огромно богатство со неисцрпен креативен потенцијал кој инспирира на создавање нови идеи и сѐ подобри креативни документарни филмови – истакна Петрула Вељановска, програмски координатор на „МакеДокс“.
Тематскиот сегмент „Земја во фокус“ годинава е фокусиран на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на Југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Северна Македонија.
– Бројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души – посочи Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Филмската програма на 15. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Фестивалот ќе биде отворен на 15 август со проекција на документарните филмови „Како се мери годината?“ на Џеј Розенблат и „Целулоидно подземје“ на иранскиот автор Ехсан Кошбахт, а ќе биде затворен на 22 август со македонската премиера на „Патување пеш“ на Тамара Котевска. Во рамките на музичкиот сегмент „Ноќни приказни“ на 22 август концерт ќе одржи Дуке Бојаџиев, кој е автор на музиката на филмот на Тамара Котевска. На фестивалот ќе бидат прикажани 92 филмски остварувања, од кои десет се од македонски автори. На фестивалот ќе бидат присутни стотина гости од странство.
Меѓу насловите што ќе бидат прикажани на фестивалот се новиот филм на значајниот филмски автор Виктор Косаковски, кој ќе биде претставен со „Архитектон“. Во програмата е и победникот на годинашното Берлинале – документарниот филм „Дахомеј“ на режисерката Мати Диоп. Филмот „Холивудгејт“ на режисерот Ибрахим Наша’ат, чиј монтажер е Атанас Георгиев, ќе биде прикажан во програмата „Нови автори“. Македонска премиера ќе има филмот „Градина“ на Бојан Тантуровски, додека во студентската програма ќе биде прикажан филмот „Живот на даската“ на младата авторка Леона Јариќ. На фестивалот премиерно ќе бидат прикажани и три документарци произведени од школата за млади филмаџии „Докуникулци“.
На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет. Надвор од селекцијата за награди на 17 и 18 август во МКЦ ќе бидат прикажани Анимирани приказни за деца од 5 до 55 години.
Во програмата на фестивалот ќе се одржат два мастеркласа. На 17 август во „Лабораториум“ ќе се одржи мастерклас со филмскиот режисер Столе Попов со наслов „Бекни бе, ќе ми снема лента“, кој ќе го модерира филмологот Илинденка Петрушева. Вториот мастерклас ќе се одржи на 18 август во „Лабораториум“ со наслов „Звуци и слики од втора рака“ и ќе ги открие методите на филмската режисерка Инеке Смитс и уредникот на радиосодржини Јероен Стаут за реупотребата на архивски звуци и слики.
Во рамки на тематската одредница на фестивалот ќе се одржи и Работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август во студиото „Фх3х“ со менторите Кумјана Новакова, режисерка чиешто авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми. Во рамки на главната програма ќе биде прикажан и документарниот филм „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова.
Во индустрискиот сегмент на фестивалот ќе се одржи шестото издание на МакеКоПроДокс форумот, чијашто главна цел е развој на стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.
Годинашното издание на МакеКоПроДокс форум ќе се одржи од 19 до 21 август во Скопје. Модератори и ментори на форумот се Хеле Хансен (консултантка за документарен филм, поранешна филмска застапничка за документаристика во Норвешкиот и Данскиот институт), Бриџид О’Шеа (коосновачка на Документарното здружение на Европа), Зејнеп Ѓузел (раководителка на „Doc Station“ во рамки на Програмата за таленти на „Берлинале“, виша консултантка во Документарното здружение на Европа) и продуцентот Виктор Еде (Cinephage Productions) од Франција.
– Оваа година имаме значајна соработка со Францускиот институт и Француската амбасада, така што ќе имаме панел помеѓу претставници на балканските филмски центри и продуценти од Франција, а на панелот ќе се зборува за договорите за копродукција помеѓу балканските држави и Франција. Со акцент на документарните архиви директорката на „Док Индустри“ на фестивалот „Док Лајпциг“, Надја Тенстед, ќе ја презентира работата на професионален маркет за архиви. Ќе има презентација и на „Документарница“, која е лабораторија за развој на документарни филмови од Словенија, којашто е создадена од Словенечкиот филмски центар и Друштвото на режисери од Словенија – истакна Сара Ферро, раководител на индустри програмата на „МакеДокс“.
Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб- страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а ќе може да се симне и фестивалската апликација.
Автор на фотографиите- Сашо Алушевски.