Неодамна беше објавена книгата “Процвет”, првенче со кое младата поетеса Цветанка Невчева се претстави на потпишувањето на Цветиновата декларација за мир, книга која е исто така и добитничка на награда на конкурс, кој се одвиваше во рамките на една издавачка куќа.
*Честитки за ова издание. Медиумската промоција на книгата е сѐ уште е во тек.
-Ви благодарам за убавите зборови и честитките. Како што напоменавте ‘‘Процвет”, ја доби наградата ‘‘Душата на чаршијата’’, за најдобра поетска книга, на конкурсот организиран од страна на издавачката куќа – Дата Песнопој од Битола и истата е дел од Современата македонска книжевност, едиција- Книжевни меридијани. ‘‘Процвет’’ излезе од печат на 8 август 2024 година и во рамките на тридневното потпишување на Цветиновата декларација за мир (6- 9 август 2024 година) имаше неформална, кратка ама суштински одлична промоција, којашто се одржа пред Спомен куќата на Мајка Тереза, на улица Македонија од страна на Горан Анчевски, писател и член на друштвото на писатели на РСМ и Живко Поповски- Цветин, нашиот познат хуманист и уметник од кого ја добив Цветиновата награда за мир, заедно со мојот 8 месечен син, којшто е најмалиот потписник на Цветиновата декларација за мир. Медиумската промоција е во тек, доколку пак официјалната промоција на книгата со Господ напред се надевам дека ќе се случи на есен. Поддржувањето на Цветиновата декларација за мир всушност претставува еден вид на порака- Да се остави аманет за идните генерации, преку сопствен пример и тие да се вклучат во зачувување на мирот- зарем тоа не е прекрасно?!
*Непроценливо е… Процвет! За каков “Процвет” станува збор?
– ‘‘Процвет’’- значи да се постигне висок степен на развој, подем, благосостојба. Станува збој за прекрасен, миговен спој на мисли и чувства, нов почеток- раѓање, поезија во којашто секој ќе се препознае. Процвет носи порака во себе, која се надевам дека ќе стигне и ќе ги освои срцата на читателите, за да имаат процвет- во секој животен миг. Затоа, секој изречен збор- процвет нека е!
*Уште самиот наслов рашири еден бран од позитивна енергија. Некако, дава надеж самиот збор. Ја отсликува ли овој збор пораката што сакате да ни ја пратите?
-Прекрасно, Вашето прашање е всушност и одговорот, целта на ‘‘Процвет’’ е постигната ако со својата порака допре до срцето барем на еден човек- читател, а Вие ми покажавте дека тоа е остварливо. Ви благодарам за тоа!
*Каква поезија најчесто пишувате?
-Најчесто пишувам поезија инспирирана од животот, од луѓето коишто имаат животни приказни за прераскажување, природата која што плени со целиот свој раскош, љубовта, ‘‘цвеќето’’, вербата и духовноста. Поезија која извира од душата, затоа што за да се твори-создава потребно е да се чувствува, кратко речено да се биде Човек, ранлив и постојано подложен на промени- влијанија од ветрометот на животот.
* За поезија, велат, треба да имаш душа. Да објасниш што чувствуваш. Не е важно од каде доаѓаш, колку си (на)образован, ни каква професија имаш. Најважна е душата. Впрочем, најголемите поети на сите времиња го докажале тоа. Се согласувате со оваа констатација?
– Што всушност претставува ‘‘Душата’’? Тоа е целокупност на чувствата, свеста и на карактерните особини на човекот. Таа го карактеризира нематеријалното начело на животот на човекот кое по смртта го напушта телото. Покрај сето останато, секако дека основно е да се има душа! Какво би било творештвото без тоа !?
*Пред да ве запознаеме како поетеса, јавноста ве запозна како хумана медицинска сестра. На кој начин кај Вас се преплетуваат овие две животни определби?
– Признанието за најхумана медицинска сестра за 2023 година ми беше доделено од страна на Националното Здружение на медицински сестри/ техничари и акушерки на РСМ (ЗМСТАМ) за време на свеченото одбележувањето на Меѓународниот ден на сестрите 12.05.2023 година, за посебен придонес во развојот на сестринството и грижа за здравјето на населението. Овие две благородни би рекла животни определби секако дека се преплетуваат една со друга, затоа што емпатијата, хуманоста, вербата, љубовта, насушната потреба на човекот да помага, во медицината на еден начин, а со поезијата преку зборот на друг начин поразличен ама сепак заеднички и за двете- допирот од ‘‘зборот’’ што лекува е алката што ги поврзува.
*Наградите за поезија, се интересни, но од друга страна поезијата пред сѐ не можеш да ја ставиш во трка од друга поезија. Секоја си е посебна на свој начин. И сѐ е до тоа какво чувство буди одредена поезија кај читателот. Но наградите знаат да укажат дека некој пишувач треба да продолжи да пишува. Ве води ли вашата патека кон ново творештво?
-Убаво кажано, во целост вистинито, секоја поезија е убава на свој начин, како што секој цвет е убав на свој начин и своја приказна крие! Наградите секако дека можат да послужат за поттик, како еден вид на охрабрување, потврда дека се наоѓате на вистинскиот пат особено кога сте на почетокот на творењето или во периоди на двоумење, на различни животни раскрсници но, сепак наградите не треба да се пресудни! Според мене, вредноста ја даваат не наградите туку луѓето, до кои успеала да стигне вашата поезија. Зарем има поголема награда од тоа ако вашите зборови изнудат насмевка на лицата на читателите, ако некого го направат посреќен/а, го утешат, охрабрат, разнежнат, гушнат преку моќта на изречениот зборот- друго ништо не е потребно, нема поголема сатисфакција од тоа! Верувам дека секоја поезија има своја вредност и убавина и дека постои поезија за секој да се пронајде во неа!Креативниот процес на творење кај мене сѐ уште трае и се надевам дека ќе ме одведе кон нови неотпакувани хоризонти по кои заедно со читателите ќе чекориме!
*Заедно со “Процвет” добивте и Цветинова награда за мир, веќе спомнавме на почеток на овој разговор. Што значи таа за Вас?
-Значи едно заедничко заложување за подобар поглед кон Светот! Стимул да се прави добро, преку дела на љубовта затоа што делата на љубовта се дела на мирот, а кои се тие – тоа се малите работи што ги правиме секој ден и не воздигнуваат над бесполезноста што ја носи денот, кое може да доведе до крахирање на човековото битие во небитие. Мајка Тереза еднаш изјавила – “Има работи кои ти можеш да ги направиш а јас не, но има работи кои јас можам да ги направам, а ти не. Затоа ајде да направиме нешто убаво заедно!”. Правењето на добри дела, помагањето еден на друг, простувањето, заложбите за мир и секако љубовта кон Бог и кон секој човек, треба да претставуваат стремеж на секој од нас, без разлика на било каква општествена, национална и/или верска определба.
Валентина Ѓоргиевска Парго