Деновиве е објавен романот „Прашај го тато“ на чешкиот писател Јан Балабан, во превод од чешки јазик на Донка Роус и Даниела Роус Мишевска. Романот е награден со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2011 и со Книга на годината во Чешка, 2011 година.
Јан Балабан е еден од најпознатите писатели во современата чешка литература. Уште при неговиот живот е нарекуван „најдобриот современ чешки писател“. Кај него е посебно препознатлив начинот на којшто ги раскажува приказните и настаните и токму начинот на раскажување остава посилна импресија отколку приказната што ја раскажува. Освен за романот „Прашај го тато“, тој има освоено високи книжевни награди и за книгата со раскази „Можеби заминуваме“ (објавена и на македонски јазик од „Македоника литера“ во 2018).
Таа е наградена со најпрестижната книжевна награда во Чешка – „Магнезија литера“ за најдобра чешка проза во 2005 година и е прогласена за книга на декадата во Чешка (2002 – 2011), како и со наградата на читателите – Книга на годината според анкетата на весникот „Лидове новини“ во 2004 година (објавена е и на македонски јазик во издание на „Македоника литера“).
Романот „Прашај го тато“ речиси е автобиографски . Кога авторот го завршил пишувањето на романот, си заминал од овој свет. Раскажувањето е потрага и самопотрага, за времето што поминало и за иднината што ја претчувствува… Мачниот и депресивен тон во раскажувањето е само привиден, зашто овде се открива нишката која ги менува односот и сознанието за суштината на животот. Балабан пишува со смирен и раскошен поетски јазик.
Јан Балабан е се чини најитан чешки писател, преведувач,новинар и публицист и девет години после неговата смрт (23.04.2010) година. По завршувањето на студиите работел како технички преведувач во Витковицките железарници, а од 2000-та година работел како слободен преведувач и писател. Освен белетристика објавувал и разни текстови во весници и списанија, а пишувал и рецензии за ликовна уметност.
Автор е на книгите со раскази „Среден век“, 1995, „Божјо јаже“, 1998, „Распуст“, 1998, „Можеби заминуваме“, 2004, на новелата „Црн овен“, 2000, на романите: „Срцето на змејот“, 2001, „Каде одеше ангелот“, 2005, „Тука сме“, 2006, романот „Прашај го тато“, 2010, кој беше прогласен за книга на годината во анкетата на „Лидове новини“ и награден со „Магнезија литера“ во 2011 година, како и на драмата „Ветерни мелници“, 2009.