Излезе од печат книгата “Бисерна фантазија” од Моника Стојанова 

“Бисерна фантазија“ е двојазична поетска збирка (македонско- српска) која содржи три циклуси песни: 1. Страниците на бесконечноста; 2. Мистичен лавиринт на мечтите; 3. Небесен еликсир.

Песните претставуваат разнобојна лепеза на која се насликани различните аспекти на мисловните текови кои ги условуваат човековите дејства, милозвучните созвучја на природата како атом на светот, кои компаративно се поистоветуваат со човековата природа, со материјата како егзистенцијална супстанца, и нијанси на борбениот дух наспроти духовниот и морален пад на општеството. Тука се вклопува и дивергентноста на раскошот на растителниот свет кој на планетата ги испраќа најплеменитите пораки, феноменот на безусловното создавачко давање и пронаоѓање на патот до внатрешниот мир кој е одраз на совршената Креација. Песните се карактеризираат со философски и психолошки приказ на материјалното и есенцијалното. Меѓу нив, застапени се и романтични стихови посветени на изворот на исконската љубов која одѕвонува низ гласот на морето, одата на облаците, во тишината на ѕвездената ноќ…

… Бидејќи „Светот е ваша школка. На вас останува да ги пронајдете бисерите“ (Крис Гарднер).

Како рецензент зад делото се потпиша академик проф. д-р Драгутин А. Ѓукиќ, кој во својата рецензија истакнува:

„Авторката се одликува со изразена елоквентност, универзалност (во однос на темата и значењето) и длабочина која е испреплетена со универзалноста и се рефлектира на суштината на поезијата, што особено се забележува во песната Неиспишан поетски сон, во која таа апострофира дека „Ако поетот не би се побунил, / реалноста не би била разбрана“, зашто „одѕвонува како од празно ѕвоно, / кое чека да се исполни“ (…)

Во песната Нови записи од минатото, таа, како Десанка Максимовиќ, ја насетува љубовта: „две птици делат цветна гранка, / и низ црцорењето на душите се спојуваат во едно“.

Ова поетско дело од младата поетеса Стојанова е добро осмислено и реализирано во согласност со нејзините поетски ставови, за што сведочат многуте убедливи и сугестивни песни. Поради сериозноста со која пристапува кон пишувањето поезија, со недвосмислено јасна порака, која ја подига свеста и облагородува, на читателите им препорачувам

повеќекратно да ја прочитаат оваа поетска збирка“.

Препевот од македонски на српски јазик е на проф. д-р Александра Стојановиќ- Донев и проф. д-р Боро Васиљевиќ. Книгата е во издание на Книжевниот Клуб „Драгослав Грбиќ“ од Чачак, Србија.

Покрај на оваа, Моника Стојанова е автор на следните книги: романите „Танцот на животот“, „Танцувајќи во тишината“ („Танцот на животот 2“), „Божественото во себе“, „Чекор до разумот“; сонетен венец и збирка сонети „Допирот на времето“; и збирка раскази „Игра, копнеж, вистина“.

Стојанова е добитник на повеќе меѓународни награди и признанија како учесник на поетски фестивали во Србија и Италија, а нејзината поезија е објавена во голем број меѓународни антологии и препеана на српски, италијански, англиски, руски и бугарски јазик. Член е на Друштвото на писатели во Крагуевац, Србија.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.