Балетот „Дамата со камелии” распродаден, втората изведба е на 2 ноември

Билетите за балетската претстава „Дамата со камелии“ на 30 октомври се распродадени!

Втората изведба на раскошната балетска претстава „Дамата со камелии“ работена по музиката на Џузепе Верди, а драматуршката подлошка е земена од неговата популарна „Травијата“ е на 2 ноември 2024 година со почеток во 20.00 часот.

Претставите ќе се изведат под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, кореографијата е на еден од водечките руски кореографи Василиј Медведев, кој работи со големите театри „Бољшој“ од Москва и „Марински“ од Санкт Петербург, a раскошната сценографија и костимографија се на Павол Јураш од Словачка.

Во улогите на Маргарита и Арманд на 30 октомври ќе настапат првенците: Марија Кичевска Шокаровска и Франциско Хименес Руиз (Шпанија), а на 2 ноември: Наташа Трендафилова Гицев и Валери Љубенко (Украина).

Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

„Не е првпат тажната приказна во „Дамата со камелии“ да ги инспирира кореографите. Заедно со костимографот и сценограф, Павол Јураш, сакав претставата да ја направиме класична, традиционална, но и наша оригинална, различна од другите.“- Василиј Медведев, кореограф.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.