-
На оваа ФИЛМСКА УЧИЛНИЦА учествуваа и триесетина ученици од тетовските училишта. Филмологот-советник Игор Старделов и филмологот Арсим Лесковица ги запознаа учениците со дејноста на Кинотеката, начинот на кој се чува националното аудиовизуелно богатство и условите во депоата, процесот на реставрација и дигитализација на филмовите…
Старделов со предавањето насловено „Вкусот на филмот“ ги воведе учениците во тајните на кинематографијата создавана на класичната филмска лента од нитратната и целулоидната ера.
Во вториот дел од ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учесниците имаа можност да видат филм проектиран на малку подзаборавената 35 мм лента и од некогаш многу популарниот жанр на репертоарот на домашните киносали. Станува збор за филмот ЗА ГРСТ ДОЛАРИ (Per un pugno di dollari / A Fistful of Dollars, 1964, 99 мин., колор, 35 мм) на Серџо Леоне (Sergio Leone), родоначелникот на тн. „шпагети вестерн“, засебен и екстра популарен поджанр на сите светски меридијани. Филмовите реферираат на класичниот американски вестерн, но главно се снимани во Италија, на италијански јазик, нахсинхронизирани на англиски јазик. ЗА ГРСТ ДОЛАРИ е дел од трилогијата во која спаѓаат ЗА ДОЛАР ПОВЕЌЕ (Per qualche dollaro in più / For a Few Dollars More, 1965, 132 мин.) и, веројатно најпознатиот, ДОБРИОТ, ЛОШИОТ И ГРДИОТ (Il buono, il brutto, il cattivo / The Good, the Bad and the Ugly, 1966, 178 мин.), со Клинт Иствуд (Clint Eastwood) во неговата иконична улога на мистериозниот револвераш.
Учениците од скопските средни училишта кои се учесници во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА под менторство на филмската и ТВ режисерка Марија Џиџева низ десет сесии, кои се одржуваат секоја сабота, имаат можност да ги запознаат основите на филмската историја и на филмскиот јазик, да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат.
Овој едукативен проект е поддржан од Министерството за култура. Во ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА се вклучени десетина средношколци, кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење се запознаат со националното аудио-визуелно и културно наследство.Во реализацијата на ФИЛМСКАТА УЧИЛНИЦА учествуваат Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски, Арсим Лесковица, Кире Велков…
35мм лента во фокусот на четвртата сесија на Филмска работилница
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.