ТРАЈКО ЈОРДАНОВСКИ, РЕЖИСЕР: Имам свои убави пердуви на паун, не би се красел со туѓи

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

Да се зборува за македонскиот оперски режисер Трајко Јордановски, станува веднаш препознатливо во оперските и уметничките кругови. Име и потпис, ставено на значајни сценски дела од областа на културата и уметноста, низ сиве изминати години.

-Неодамна осамна и најновата претстава за Куферко, и таа под ваша режисерка палка. Но, ајде прво една ретроспектива- Вашето био вели, роден на 18 август 1972, во Кратово, Македонец. Студентските денови ги почнувате во 1991, а ги завршувате во 1999 година на Универзитет “Св. Кирил и Методиј ”- Скопје, Факултет за музичка уметност – Скопје, oтсек музичка теорија и педагогија, стекнувајќи се со титулата дипломиран музичар теоретичар и педагог. Последипломските студии ги поминувате од 2005 до 2007 на Националната Музичка академија “Панчо Владигеров”, стекнувајќи се со научниот степен, магистер по музичко сценска режија. Навистина добра наобразба. Музиката сама Ве вовлече во овој свет, или Вие по ваша одлука тргнавте по нејзините патеки?
-Љубовта кон музиката чинам дека ми е отсекогаш. Од кога се сеќавам постојано пеам од најмали години, а и по кажувањето на моите најблиски. Се сеќавам дека уште како дете освен што сакав да пеам посебно ме привлекуваа покомплицираните мелодии оние придружните гласови, кои постојано ги пеев наместо основната мелодија во песните. Е во подоцнежната фаза, во пубертетот, сакав да одам и да учам факултет за безбедност, но златна мајка, не си го даде синчето да оди во тие несигурни и небезбедни води, па смисли приказна дека ете баш таа година кога требаше да се конкурира, факултетот од не знам какви причини правел пауза со примање на нови студенти. И ете така повторно бев вратен во колосек каде си се запишав на Факултетот за музичка уметност во Скопје и до ден денес цврсто и сигурно газам во водите на уметноста. Мислам дека љубовта меѓу мене и музиката или посигурно кажано уметноста е секако безусловна и нераскинлива.
-Од 1991 сте хонорарец како хорски уметник, а од 1998 со постојано вработување како хорист во МОБ. Понатаму, од 2008 до 2014 сте вработен како асистент на режија во МОБ. Што е поголем предизвик за Вас, од оваа гледна точка сега- хорист или режисер?

Во хорот на Македонската опера почнав да се градам како посериозен уметник и работата како хорист максимално ме исполнуваше. Како што велат, животот ми стана песна. 24 часа во денот беше исполнет со најубавото нешто на планетата – музиката. Не станува за помал или поголем предизвик туку станува збор за природен пат во развојот како уметник. Постојат фази и фази, па познавајќи го мојот карактер, неминовно беше да преминам на повисок “левел” а тоа беше режијата. Кога ќе се сетам уште како дете, на свои 7- 8 години, се сеќавам беа моите први обиди актерски и режисерски. Знам дека ќе звучи чудно, но ќе ви раскажам. Во тие времиња, животот имаше други приоритети и младите тогаш за разлика од денешно време, своето слободно време го поминуваа многу поинвентивно. Немавме мобилни, таблети, лаптопи па голем дел од нас ниту вокмени или пак музички системи кои беа популарни во тоа време. Сета забава се сведуваше на меѓусебна игра и целодневна комуникација меѓу децата во маалото. Така еднаш сите деца од маалото (од 5-18 години) решивме дека ќе правиме претстава. Да, да! Вистинска претстава. Со песни, со скечеви, со поезија и танц и што уште не. Заедно го правевме сценариото и работевме на осмислување на овој, тогаш за моето маало, доста напредно осмислен проект. Се одржуваше на рамниот покрив од зградата кај мене во маалото на која тераса беше импровизирана сцена и беа поставени клупи и столчиња за публиката (нашите родители, тетки, стрини, вујни, чичковци и други комшии) кои уредно си плаќаа влезница за овој настан. Верувајте дека имавме преполн покрив гости и со доза на позитивна трема, дадовме прекрасна претстава. Ете нешто околу моите почетоци и веројатно вдахната љубов кон актерството, пеењето и режијата.
-Ретко имавме прилика да прочитаме за Вас, барем досега, предлагам хронолошки да се осврнеме на Вашите остварувања. Во 2003 бевте асистент во Музикалниот театар во Софија на бугарскиот режисер Румен Нејков запоставувањето на операта “Островот на мечтите“ од Роберт Штолц. Какво е тоа Ваше прво искуство, што би кажале, како би го опишале?
-Да. Тоа беше мојот прв обид за зпочнување со режијата. Целта ми беше од близу да се запознаам со тематиката и да проценам, не само дали вистински ме привлекува, туку и дали имам капацитет да се занимамвам со режија. Беше прво и значајно искуство кое ги зацврсти моите позиции кон идеата да газам по патот на режијата.
-Истата година бевте асистент во Народно позориште во Белград на бугарскиот режисер Пламен Карталов за време на поставувањето на “Љубовниот напиток” од Гаетано Доницети. Слично или сосема различно искуство од претходното?
-На моја голема среќа и задоволство, во Белград во Народното позориште, поточно во белградската опера, добив зелено светло од светски познатиот режисер Пламен Карталов да бидам негов асистент на поставувањето на “Љубовниот напиток” од Доницети. По подоброто запознавање со Карталов, ја добив и понудата да станам негов студент во неговата класа во Софија на Музичката академија „Панчо Владигеров“ на смерот за Музичко сценска режија, кој го завршив со највисоки оцени. Од мојот ментор навистина научив многу нешта за животот и за режијата при поставувањето на сценските дела.
– И 2006 и 2007 ви измина со полни раце работа. На 04 септември 2006 изработен е јавниот настан на “Европски ден на еврејската култура”, на 23 март 2006 година во Кино Фросина се случува премиерата на пантомимата “Јас и мојот прозорец”, а на 12 март 2007 Мултимедијален проект Комеморативна средба по повод 64 години сеќавање на Холокаустот. Стилски различни проекти, на кои вие бевте во режисерката екипа.
-Морам да кажам дека на сите претходно спомнати проекти, им претходеше мојот дебитантски голем успех како режисер со поставувањето на моето прво оперско дело на малата сцена на Македонската опера и балет, операта “Рита“. Критиката ги даде највисоките оцени за неа и особено ми беше чест и задоволство бидејќи се направи доста голема фама околу неа, па голем дел од актерите, наши познати имиња во светот на театарот доаѓаа да ја видат “Рита” и меѓу другото даваа позитивни коментари околу самата опера и се разбира и режијата. Всушност тоа ме охрабри да продолжам понатаму да создавам. Ја спомнавте и “Јас и мојот прозорец“ која всушност беше пантомима и беше нешто поразлично од поставувањето на “Рита”. Во кино Фросина беше исполнето до последно седиште, каде исто така доживеавме голем успех. Марко Новески и Ели Клинчаревска- Младеновска кои се наши познати медиумски ликови ги играа двата главни лика а гласот на колешката Александра Лазаровска- Василевски, со својот прекрасен глас и стас, беше црешата на врвот од тортата. А шлагот кој беше и основа на која беше поставена оваа пантомима е авторската музика мојот добар колега и другар Игор Станковиќ кој со својата прекрасна музика дополнително ме инспирираше во целата оваа животна приказна. Инаку, мојата соработка со Еврејската заедница трае до ден денес и се надевам дека во наскоро време ќе излеземе со некое убаво дело посветено на еврејскиот народ и во Македонија и во светот. Голем човек и пријател кој веќе не е меѓу нас, но кој ме ангажираше и потпомагаше во моите почетоци беше тогашниот претседател на Еврејската заедница господинот Миодраг Тодоровиќ. Со не помала доверба и почитување оваа соработка продолжи во последните години со почитуваната претседателка, г-ѓа Берта Романо- Николиќ. За жал последниве две години со Ковид-состојбата бевме спречени во реализирањето на веќе договорени настани. Се надеваме дека во блиска иднина ќе ги реализираме на обострано задоволство и овие проекти.


-Ви успеа на 08 октомври 2010 да ја имате премиерата на “Веселата вдовица“ од Франц Лехар, а на 04 јули следната година, премиерата на операта “Орфеј и Евридика” од Кристијан Вилибалд Глук, и двете во Скопје. Веќе со одредено режисерско искуство зад себе, дали тоа значеше дека (по)лесно ги поставивте овие значајни опери?
-Како и за се друго во животот така и во режирањето на одредени проекти, имате подраги и помалку драги. Не затоа што не заслужуваат да бидат поставени туку едноставно вам не ви лежат како карактер. Овој случај беше и со “Орфеј и Еуридика” , каде откако ја поставив си реков самиот на себе, еве доволно е еднаш што ја поставив, но, како и секогаш сметката дома и на пазар не излегува како што сте планирале, па така во јули месец 2019 година “Орфеј” повторно го поставив на сцената на Домот на културата во Тетово со познатите певици, Славица Петровска-Галиќ, Бесијана Чани Мехмеди во насловните улоги. „Веселата вдовица“ е приказна сама по севе. Тоа е маестрално дело на композиторот Франц Лехар, чија оперета со големо задоволство повторно и повторно би сакал да ја поставам на сцената. Инаку ова дело беше извонредно голем предизвик и со неа преминав во позрела фаза како режисер. Бара сериозен режиски ангажман и би рекол искуство за да се постави. Бескрајно динамична музичка и драмска идеја, поддржана со севкупниот човечки арсенал во куќата кои треба внимателно да ги вклучите и искординирате во целината. Како да создавате мозаик со стотици каменчиња. Во секој случај, многу сериозно дело. На моја среќа таа имаше голем успех во своето премиерно издание.
-Вашиот потпис се сретнува како асистент режисер на сите поставени опери на сцената на МОБ во периодот од 2008 до 2014. Што реализиравте тогаш? Се спомнува Вашиот прв мултимедијален проект под насловот “Длабоките корени не се искоренуваат” како и Комеморативна средба по повод 65 години сеќавање на Холокаустот на македонски Евреи.
-Ова беше исто така еден сериозен мултимедијален проект во кој беа вклучени и нашите познати актерски имиња, Благоја Чоревски и Катерина Ивановска со кои создадовме едно компактно дело кое претставуваше спој помеѓу документираниот филм, хорското пеење, театарската игра, поезијата, танцот, камерната музика и други уметнички елементи во една компактна динамична целина. Како режисер ми е предизвик да разбудам емоции кај публиката. Потешко се доловува трагиката од комиката. Полесно е да насмееш некого отколку да го расплачеш за време на претставата. Но искуството ми покажа дека комиката може да биде моќен предизвикувач на тешките трагични емоции доколку вешто се искомбинираат и постават во вистински момент. Мојот ментор Карталов вели: „никогаш на црното не му додавај црно ниту пак на белото бело“. Така да во овој проект успеав од крајност во крајност да го разбудам спротивставените емоции кои на крајот доведоа до силна емотивна реакција кај публиката која ја доведов до солзи. Самиот повод и тематика се разбира придонесоа многу.
-На 27 ноември 2011 ја правите обновата на операта “Моќта на судбината” од Џузепе Верди, а многу ќе заскокотка и самиот наслов, ако кажеме дека на 3ноември 2012 е направена обновата на Националната опера “Лидија од Македонија” на композиторот Ристо Аврамовски. Сигурна сум имате збор – два повеќе за овие две дела.
-Да бидеме реални, кај нас тоа што се нарекува обнова, всушност не претставува некакво значајно авторско изразување на режисерот кој ја прави обновата, туку имате задача да ја донесете во првобитната состојба како за време на нејзиното премиерно издание. Така да, не би се красел со туѓи перја. Имам свои убави пердуви на паун. Што се однесува за насловот „Лидија од Македонија“, лично сметам дека е едно од поубавите оперски дела од македонски автори и би рекол ова е ремек дело на нашиот ценет композитор Ристо Аврамовски. Ја имав честа да ја направам обновата и се вложив максимално во овој чин.
-Да се вратиме некоја година пред тоа. На 30 ноември 2009 операта “Рита“ од Гаетано Доницети во Приштина-Косово ја има својата премиера. Каква е вашата улога во оваа претстава?
-“Рита” во Косово, беше иницирана од маестро Томислав Шопов кој е наше најпознато име во светот на диригентите и човек кој исто така во животот придонел да израснам во тоа што сум денес и за што многу сум му благодарен. Маестро Шопов беше професор на Факултетот за музичка уметност во Приштина, па откако им ја презентирал премиерната изведба на “Рита” во Скопје, веднаш предложиле да ја поставиме и во Приштина. Морам да признам дека носам прекрасни спомени од оваа соработка со Приштина каде сите нешта се одвиваа на едно високо професионално ниво, каде луѓето од уметноста ги носат на пиедестал. Барем така се однесуваа кон нас. Премиерата се одржа во Народниот театар во Приштина со оркестарот на Приштинската филхармонија под диригенстската палка на местро Томислав Шопов кој истот така беше диригент и на премиерата на Рита во Скопје односно тој беше и иницијаторот за нејзино поставување не само во Приштина туку и во Скопје.
-Вашата педантно напишана архива открива дека на 28 март 2014 ја имате својата прва премиера на операта “Слугинка господарка” на Џовани Батиста Перголезиво од Скопје.
-Да. Слугинка господарка е една симпатична оперета, кој како проект беше поддржан од Министерството за култура со кое речиси секоја година имаме плодна соработка. Многу сум задоволен од позитивниот однос на министерството, барем во поголемиот дел од конкурсите каде често позотивно одговараат на моите претставени дела и за кои даваат зелено светло за нивно поставување.
-Она што следува е мултимедијалниот проект минатата година, „Уметничка фузија етничка инфузија без дискусија “, кој чинам како да го одбележа влезот во Вашето ново поглавје во кариерата. Претстава со сонгови на неколку јазици, правена во “нови услови”, но сосема впечатливо за вљубениците на “камерата атмосфера”, ајде така да речам, дури и за оваа случување на отворено.
-Можеби не означило нова ера, но со сигурност едно прекрасно дело со мултиетничка содржина кое беше прекрасно прифатено од публиката.
-Во последниот Ваш ангажман за Куферко пак, неодамна, се открива еден сосема друг тип на режирање, од Ваша страна. А со авантурите на симпатичниот детски јунак, децата беа весели, глумците, а и публиката, исто така. Импресиите ви се свежи, слободно кажете ни се што е поврзано за Куферко, кој почна да патува по местата низ Македонија, кои ни ги опишува во претставата.

-Така е. Куферко е едно специфично драмско дело, кое е авторско дело на Симона Ристевска, која е извонредно талентиран автор полна со идеи, кои идеи верувам дека наскоро ќе иницираат и нови заеднички проекти од типот на Куферко. Соработката најпрвин тргна откако Ристевска ја напиша книгата „Куферко светскиот патник од Македонија“ со која која конкурираше и помина на конкурсот на Град Скопје, а од таму по разговорот кој го водевме, ми предложи овој весел и љубопитен детски лик да го оживеам на сцената, која понуда без размислување ја прифатив, бидејќи претходно ја имав прочитано книгата која навистина ми остави голем впечаток. Ова е едно извонредно пишано дело, кое за дечињата ќе претставува вистински водич во едукативниот процес, особено за дечињата од четврот до осмо одделение. Стилот со кој е пишувана книгата со своите описи директно ви визуелизира она што сте го прочитале, па оттука со леснотија успеав Куферко со придружните ликови од книгата, без проблем да ги оживеам на сцената. Имавме успешна премиера на платото на МОБ како и репризно издание во Домот на Култира во Куманово по поканата од Александар Митрички, одговорен за музичко сценските активности во домот.
-Не мирувате, создавачот импулс пулсира во Вас, и тоа е добро, чинам имавте свое дело на Скопско лето , што би било следно со што ќе не изненадите, верувам имате идеја.
-На Скопско лето подолго не сум имал некаква соработка, или поточно откако Мирко Стефановски не е на челната позиција на оваа престижна манифестација. Веројатно на сегашниот тим, моите дела не ги задоволуваат нивните вкусови и предиспозиции. Затоа ќе почекаме некои подобри времиња. Одушевен сум од сето она што го знаете за моето делување на сцените, и дури ме потсетивте на некои моменти кои малку ги имав и подзаборавено. Но морам да признам дека испуштивме едно од моите најомилени дела, а тоа е драмската претстава “Ана Франк” кое беше мој прв обид во театарската режија. Беше полн погодок и имаше премиерна и репризна изведба на малата сцена на МОБ на 13 Март, денот на Холокаустот во 2019 година, и за неа се бараше билет повеќе. За жал не бевме во можност за нејзино повторно играње, како и останатите мои успешни дела, бидејќи за вакви претстави кои не се под капа на куќата, извонредно тешко е нивното одржување на подолги стази без спонзори, каде во делот со менаџирањето имам оцена единица.
Исто така во декември 2019 на малата сцена на МОБ ја режирав оперетата „Тајната на Сузана“ од познатиот композитор Ермано Волф Ферари која како и останатите имаше и свое репризно издание. Во однос на моите следни планови, накратко ќе се обидам да ви ги раскажам. Сега за сега, од Белград од Културниот дом при Студентски домови во Белград, чекам потврда за играње на театарската претстава “Ана ФРАНК” на нивната сцена и на детската претстава „Куферко светскиот патник од Македонија“. Доколку се реализира оваа соработка подоцна ќе ви раскажеме нешто повеќе околу тоа. Исто така имаме неколку покани за готување со Куферко па ќе видиме каде се тоа децата ќе имаат можност да другаруваат со Куферко. Засега е сигурно гостувањето во Гевгелија во октомври месец кога всушност е Светскиот ден на детето. Исто така не поканија во Штип на фестивалот за деца каде се надевам дека исто така ќе гостуваме. Неготино, Гостивар, Тетово, Прилеп и Битола исто така не побараа да гостуваме но во тек се преговорите за овие гостувања. Во делот со нови проекти во очекување сум на конкурсите на Град скопје и Министерството за култура кои ќе бидат показател за тоа колку, што и дали нешто ново ќе поставам во периодот кој следи или поточно следната година. Би изразил благодарност за директорот на МОБ, Васо Ристов, секогаш ми излегува во пресрет и ми е поддршка во реализација на сите проекти. Голема благодарност до Вас како новинар и до вашиот портал и воедно ви посакувам голем успех во перпектива, каде ќе ги следите моите и успесите на моите колеги уметници во нашето уметникување, со што заеднички ќе ги разубавуваме овие по малку тешки моменти за уметниците и љубителите на уметноста и културните настани но и воопшто.
VIVA LA MUSICA…

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.