БАЛКАНСКА ПОЕТСКА СРЕДБА ВО КОЧАНИ

 

 

Во рамките на Деновите на кочанскиот ориз, на 4 октомври во Кочани, се одржа Балканска поетска средба во организација на градската библиотека „Искра“ од Кочани.

Настапија поетите Киро Герасимов, Славица Цветкова, Аника Илиевска Ѓорѓиева и Филип Димкоски од Македонија, Жикица Димитриевиќ и Власта Цениќ до Србија, Росица Зиновивева и Петја Хантова од Бугарија и Андрија Радовиќ и Ивана Ѓукиќ од Црна Гора.

Публиката во библиотеката уживаше во тематски различна поезија, слушна различни јазици, а сите песни беа прочитани на македонски од проф. м-р Љупка Стојменова а во препев на поетот Филип Димкоски.

Објавен е и билтен каде се застапени песните со кои настапија и биографиите на сите поети учесници на настанот.

Директорот на библиотеката, изрази задоволство што оваа средба е уште еден убав начин да се промовира градот Кочани.

  • За нас е важно, поетите да се чувствуваат достоинствено и да уживаат во секој миг од престојот во Кочани, да понесат убави спомени и да посакаат пак да дојдат. Најважно е дека на ваквите средби се раѓаат многу нови пријателства, се возобноуваат старите а се создаваат можности за нови соработки за вмрежување на поетите од регионот-рече директорот на библиотеката „Искра“ од Кочани, м-р Коце Стојменов.

Поетите ден по настапот, присуствуваа и на други настани од програмата за одбележување на Деновите на кочанскиот ориз, беа присутни на традиционалното зажнејување на оризот на кое присустуваше и премиерот Зоран Заев, го проследија дефилето на домашни и странски фолклорни групи, а имаа можност да ги дегустираат и традиционалните кочански специјалитети со ориз.

Власта Цениќ, познат српски поет, како еден од учесниците на оваа средба, задоволен и среќен, за Куларт.мк изјави:

  • Задоволство е да се биде дел од овој кочански празник. Јас сум од Кочане ама во Србија, така што во Кочани сум како дома. И домаќините наавистина ни приредија домаќинска атмосфера, пријателски ги раширија рацете и не прегрнаа нас поетите од различни земји. Повторно покажавме дека поезијата и пријателството не познаваат граници. Посебен печат на оваа есенска убавина и даде традиционалната жетва на орзиот. Народот што ги заборава обичаите, ќе биде заборавен. Браво драги Кочанци. Му благодарам на директорот на библиотеката што  ми го прореди ова доживување и им благодарам на новите пријатели-рече поетот Власта Цениќ.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.