31.10.2024
И по толку многу години и децении, јас и ден денес немам чувство дека се медиумски отсутни, бидејќи кај мене во домашниот етер се презастапени и преприсутни, доволно често. Некогаш преку касета, а во поново време преку Јутјуб.
Јас сум им главен придружен вокал, кој почнува тивко, а потоа им го зазема местото и ги натпејува. Грми. Како молња.
И, иако и имињата (и презимињата) на членовите малкумина ги знаат да ги кажат, тие се многу големи.
Нечујно големи!
Невидливо големи!
Јас за нив не знам речиси ништо, а до пред неколку години, рака на срце, не знаев ни точно дека се од Гевгелија, само дека се некаде од внатрешноста.
Не би рекла дека тоа е непознавање и недоволен интерес на новинар, особено за лично најомилениот мој македонски рок бенд на сите времиња, во случајов тоа само зборува дека нивното творештво и нивните песни, ја победиле потребата за било какви дополнителни потребни или непотребни информации, па така сум била речиси лишена и од желбата да ги дознавам.
Што треба да знам повеќе околку нивните песни? Па тоа е најдоброто од нив. И секако нивните антологиски имиња Ацо Митрев, Ице Ќорнаков и браќата Коце Динев и Ангел Динев.
А нивните песни да ме разбудиш и сред сон, на полноќ, и во полусон ќе ви ги кажам наизуст. Сакате како песна, сакате како стихови?
Еве ме, деновиве интензивно се подготвувам како да ќе треба да ги испеам и на бина, на нивниот за мене предолгоочекуван концерт, најавен за 7 ноември во МКЦ како повратнички по 30 години во таа, нив, омилена сала.
За “Зијан”, кои рековме се неоправдано и недозволиво отсутни од медиумите некој ќе рече дека се “значајна група”. А тој некој е токму продуцентот на нивниот албум “Низводно”.
Да, во право е.
Значајни.
За историјата.
Никој не ја има подобро опишано во пет – шест збора од нив самата (македонска) историја.
Не постои поголем патриотски стих било кога кажан/ испеан… Запеј запеј …
“…Бистра водо, изми(ј) душа, влечи камен”.
Колку ли има талози на душа и колку бремиња, влечи влечи, а каменот од место не е помрднат.
Чиста филозофија.
И судбина.
И таксират.
Македонска.
Ромска.
Балканска.
Каква ти не?
Секаква…
Крик.
Гордост.
И болка.
Песната која уште со првиот риф навестува дека ќе биде нешто прејако. Најспецифичен, интригантен и веднаш препознатлив риф. Риф кој не наликува на ниеден друг.
Но, искрено пред да го пукнат рефренов мене секогаш нешто ми се тресе, при самото исчекување … И трчам проверувам по лустериве да не стресе и тлото….
“Грото” од публика го чека она “Пушти коси ветар да ги коси” бидејќи е катарзично и кога ќе се извикаш ти се чини излегува “лошото од тебе ” и те потсеќа на младоста ако си девојка, или на косите на саканата ако си машко.
Ама песната е за друго.
Оди стих по стих, цели псалми.
Цели библии.
Ги “пуштам и косиве” ги поддавам на ветрот додека не се изретчиле и да нема што да носи.
Само тоа.
Па си велам- уф колку брзо поминувале бујните коси.
Кос(к)ите ионака ќе ги однесе ветрот, кога ќе им дојде ред …
Но дотогаш има уште многу бистри води да поминат. Да измијат душа и да одвлечат камен…
Ги слушам и ми доаѓа да им речам дека ни самите “Зијан” не можат да ги испеат песните на “Зијан”.
А дали вие драги мои сте слушнале ли поеротска песна од “Елизабет”, а без ни грам еротика во неа?
Внимавај сега, вели вака: “Само еднаш, само еднаш да те видам како од мајка родена, само еднаш само, еднаш да те видам како бел коњ водиш, само еднаш, само еднаш да те видам како сама ти спиеш, само еднаш, само еднаш да те видам како, како ти пиеш”.
И таман ќе си помислиш дека тоа е песна за она што сега со модерен речник би било one-night stand, доаѓа рефренот и прави пресврт.
И вели:
“Елизабет сама ли си, Елизабет зарем не си, Елизабет бегај, бегај со мене …”
“Зијан” ја сака Елизабет за најдолго. Во истиот час Елизабет може да се усреќи во љубовта засекогаш.
Епа, помашка песна нема од мајка родено. И такво освојувањето какво што би сакала секоја жена.
Во врска со текстуалниот дел на песните малку тука ќе подзастанам.
Она што го имаат “Квин” како основа го имаат и тие и обратно. Таа јасна директно кажана филозофија која ем е филозофија со метафори, ем е јасно опишување на нештата. Каква ли само формула е тоа, која можат да ја создадат исклучиво генијалци, во тоа нема сомневање.
Но ги одвоив овие две песни како песни за кои пред неколку години гласав на антологиската севкупна топ листа, во која од избор на 20 песни на сите времиња јас вметнав дури две од “Зијан” (од другите по една) и во избор на 20 најтоп албуми неминовно го ставив нивниот “Низводно” од 1991 година, затоа што оној што го снимиле претходно во Белград, за кој давам цело богатство да го слушнам, никогаш не бил ни издаден.
“Пушти коси”, “Стамена”, “Кате Сваќе”, “Елизабет”, “Денови”, “Рушиме сѐ”, “Град” и фантастичниот инструментал “Низводно”…
И сега ќе речете дека, се разбира, се осврнувам на двете најпопуларни песни кои секој ги знае, а јас за “Пушти коси” ја знам и легендата како настанала, во термин за снимање во МТВ, во оние времиња кога си чекал со години и тамам ќе влезеш во студио ти даваат многу кусо време, па ти мораш да импровизираш, пишуваш, допишуваш, на рака, на хартија, на кутии од цигари … Така е и “Пушти коси”, со допишување на стихови во студио и некако набрзина, “несвесно” ја создале како дел албумот, кога тоа “тааак!”, ремек-дело, за сите времиња.
Тоа се две ненадминливи песни, ама сите ние си имаме свој фаворит кој нѐ освојува и никогаш не нѐ пушта.
Мене ми е “Обична песна”. Ах таа толку обична, а ни малку обична. Магична песна. И ретко убав спокоен спот со уметнички барок- вкус, различен од приказната, но неоптоватувачки и посебно интересен.
Одиме:
“-Како жар или злато погледни ме ти јако, јас не ќе бидам чесен од љубов сум јас бесен, како жар или злато…
-Како море, како зора, ќе направам што морам, да ме видиш, да ме чуеш, осетиш и псуеш како в сон потен да е.
-Како камен, како лед, а ти сама и цел свет, не ќе можат да ме спречат, а ти не слушај ќе речат биди камен биди лед…”.
Епа, драги мои, вакво освојување на жена е повторно нешто само во стилот на “Зијан”. Машки, ветувачки и стамено. Какви што се и самите тие.
Во изведбите.
Во гитарските изведби.
Во пеењето.
Каков стамен машки рок вокал. Делува чиниш лек, те смирува и те ежи. Па оди брани се и одбрани се, да те видам…
Признавам, малку прикриена итрина има во оваа моја колумна, зашто на ваков начин сакам и вас да ве вовлечам да ги научите нивните текстови, доколку не ги знаете целосно, има уште осум дена, па да видите колку убаво ќе се чувствувате.
Одбројуваме!
Да ги научите, затоа што заклучивме дека медиумите недоволно нѐ поттикнале на тоа досега, па да ги испееме во едно грло на седми единаесетти, а ние остануваме на линија и по концертот.
Да. “Зијан” се незастапени (можеби еден ден ќе ни објаснат и зошто, доколку имаат објаснување) ама дека се најдобри, е околу тоа мислењата се неподелени.
Не мислам најдобри во трка со некого. Најдобри сами по себе. Најдобри сами за себе.
Тие се рок фундамент.
Се согласуваме, нели?
И тие не се враќаат. Тука се цел век. А ќе останат и до век.
Затоа што се нешто вечно.
И:
-Еднаш “Зијан”- засекогаш ќар во македонската рок антологија!
Валентина Ѓоргиевска Парго, колумнистка и уредничка во КулАрт