Велат човек без се може, ама без вода и воздух никако. Тоа се повтори и вчера во главниот ни наш град, кога од Центар до Лисиче и Сопиште, многу луѓе останаа без вода заради огромен дефект. Иако уредно беше известувањето од ЈП Водовод и канализација и екипите веднаш отидоа на терен да го отстранат големиот дефект, граѓаните се вознемирија. Се чини дека во тие неколку часа заборавија дури дека го живееме непознатото исполнето со страв Корона време, заборавија на можните рестрикции, полициски часови и се растрчаа обезбедувајќи си вода за домовите. Како да ги занемарија и информациите дека возила со техничка вода ќе бидат нон стоп достапни на повик на граѓаните, едноставно наеднаш останаа избезумени од претпоставката колку време ќе бидат без вода.
И, нормално е кога се работи за единствената насушна потреба која ја немаат сите, за жал во светот толку достапна како ние среќниците од оваа страна на Земјината полутопка. Не можеме да замислиме како е на милиони жители на Планетава кои одат со часови да наполнат вода за основните потреби.
Во истовреме беше најавено дека заради зголемениот број на новозаразени од Ковид 19, ќе има нови рестриктивни мерки меѓу кои повторно ќе бидат ставени на “почек“ сите културни и спортски настани. Кому му е грижа за културата па и за спортот сега? Сега треба да се преживее а за се после тоа. И така остануваме во кругот на новото реално во кој е важно само да се преживее а тука богами ВОДАТА има многу клучен фактор.
Верувам дека на сите им олесна утрово кога чешмите во домовите беа со полн млаз. Не знам дури ни дали ја прочита информацијата дека службата на ЈП Водовод и канализација цела ноќ работела и во рекордно време го отстрани дефектот. Кому му е грижа за тоа?
Важно вода да има. Се друго ќе почека. Има време !
М-р Татјана Гогоска