Театар/ Театри! 

За театарот долго време не коментирам. Не само од причина што последнава деценија поретко одам, едвај неколку пати годишно, поважната е што сѐ уште внатре во мене ме држи онаа визија што некогаш ја имав за оваа сценска уметност.
Ајде да бидам попрецизна- во МНТ последен пат чинам бев на “Сината птица”, долга 4 часа, во Драмски последно бев на кафе, а пред тоа на “Ни ваму ни таму”, во НТБ бев на “Битола Шекспир театар”, во “Театар Комедија” на “Дони Дарк”, а на импровизирана сцена во “Јавна соба” на “Човек актер”, пред некоја година кога на моја чест преку маил ме покани младата режисерка и отидов. И во МКЦ Фросина бев пред некоја година на перформанс на млади актери – аматери… Сѐ на сѐ можам да констатирам недоволно, со оглед на тоа што некогаш “киснев” по театрите, а во она време ко студентка доаѓав специјално во Скопје само да ги гледам претставите. И немам “дупка”  од ниедна култна претстава. Сите ги имам изгледано. Некои по неколку пати.

По подолга пауза од театарското следење, пред неколку години станав дел од почетниот тим на порталот “Наше театарче” кој го формираа новинарот Борче Грозданов и неговата сопруга, поетесата Екатерина Грозданова, која сакам да ја споменам, уметничка душа и вљубеничка во театарот, за жал веќе се смести во вечните спомени и никогаш нема да биде заборавена!
Можеби во иднина ќе пишувам почесто за “штиците што живот значат”, мојата голема детска љубов, нешто што посебно ми буди топли спомени од детските залети и фантазирања во Битолскиот театар и мојот прв славен пријател, глумец Бабецот, сѐ уште сликите кога ме галеше по косата ме тераат за момент се почувствувам ко детенце. Ме враќа тој спомен, како со временска машина.

Не залудно сите до еден актери рекле мирисот и магијата на театарот се нешто од што не можеш да се ослободиш лесно, а штом ти влезе таа чивија, веќе нема назад.

***
Причината заради која не се осврнувам на театарот е  како што нагласив, тоа што сакам во себе да го чувам оној театар што јас го знам, а беше некој посебен свет.
Во него, глумците беа навистина фаци. Само штом ќе се појави пред тебе ти знаеш дека е глумец и без да знаеш кој е. Таков му е ликот. Глумски.
“Убав си како глумец или глумица”, беше уште еден стандард кој укажуваше на тоа дека тие луѓе се најубавите и нема поубави од нив. Ако си сакал да си глумица или глумец, некогаш, ти мораш и да изгледаш и да си уникатен, и да си доминантен, и сугестивен и со убав глас дикција, со сите манири, и да се издвојуваш од другите луѓе. Еве да Ви споменам некои имиња па вие визуелизирајте си ги, еден по еден, па да си оформите една цела замислена галерија. Петре Прличко, Ристо Шишков, Џумерко, Дарко Дамески, Мите Грозданов, Благој Чоревски, Борис Чоревски, Дади, Пепи Мирчески, Илија Милчин, Петар Горко, Никола Ристановски, Дејан Лилиќ, Емил Унџел, Ѓокица Лукаревски, Владимир Ангеловски, Ацо Јовановски Снагата, Илија Џувалековски, Данчо Чеврески, Јовица Михајловски, Ѓорги и Шенка Колозови, Катерина Крстева- Мара Попара, Игор Џамбазов, Раде Рогожаров, Кирил Поп Христов – Кили, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски, Лупка Џундева, Марин Бабиќ, Мери Бошкова, Сабина Ајрула, Јасмина Поповска, Тања Кочовска, Мето Јовановски, Магдалена Ризова  и многу други… Утнавте ли некој или сите еден по еден ви се наредија пред очи? Признајте, убаво чувство ви дојде одвнатре. Сѐ уникати, специфични, посебни и свои.
Некогаш да се биде актер или актерка значеше да се биде над просекот. И тоа далеку над просекот. Пред сѐ образован и културен човек, затоа што инаку не можеше да бидеш тоа. Начитан и филозоф. Боем, за кој се шират интересни прикаски, но никој не го видел во “згужвана” варијанта, како билет после претстава, зошто тие се дружеа и “ќејфосуваа” во свои бифиња и во свои кругови и нивните слабости не допираа до публика.
Со медиумите имаа строго професионална релација. Новинарите кои ги канеа на претстави, се случуваше да одат многу пати да ја гледаат истата, но релацијата никогаш да не премине во приватна или блиска. Се држеше дистанца а богами се држеше и ниво во комуникацијата. Претставата растеше од издание во издание.
Беше успех кога некој актер ќе добиеше интервју во дневен весник и најголем успех доколку добиеше награда на ревијата “Екран”, а насловна пак врв над врвовите. Но секој до тоа не допираше, само уникатните.  А нивните ги оценуваа посветени новинари кои ја знаеја секоја нивна улога. И публиката пред сѐ. Продадените билети. Силината на аплаузот. Тогаш немаше ни фејсбук, ни социјални медиуми да ја изрекламираш претставата. Имаше само плакат ставен пред театарот и главен магнет беа глумците, за кои одиш повторно само ако ти оставиле впечаток од некоја претходна драма. Значи, тие беа сами своја реклама.
Имаа толку висок однос кон медиумите што јас ќе В, и кажам една моја случка од почетокот на моите работни денови во весникот “Нова Македонија”. Многу познат легендарен глумец по добивање на награда на “Екран” за најдобар актер пред мојот диктафон изјави: “Тоа е мал чекор за мене, а голем за Екран”, па потоа доби бура критики за таквата надменост во една реченица, што мораше дури и јавно да се извинува. Се знаеше што е театар и што е медиум и кое е нивното значење и релација.
А како тие луѓе глумеа, јас и денес кога се сетам на претставата “Емигранти” на мала сцена на Драмски театар, со тогаш младиот Сенко Велинов, која јас од прв ред ја следев, се чувствував  (а и сега) толку внесена како и јас да глумам со него. Или во “Калигула” со Ѓорѓи Јолевски …
За претставите “Грев или шприцер” се чекаше ред  со месеци, или “Животот е сон” со Ненад Стојановски, ех колава среќа беше кога дојдов до билети…
Актерите беа толку внесени во висината на својата уметност што дури се сеќавам за сѐ нешто одмавнуваа и велеа – лимонада. Дури и за најгледаната комедија “Женски оркестар”, која рушеше рекорди и чии реплики се хит и ден денес, и за манифестацијата “Глумците пеат” за која тврдам е најубавото сценско нешто што се случило кај нас и во Европа, знаеа да забележат дека не е доволно длабоко, како театар.
Но, да не навлегуваме сега со микроскоп. Само нафрлам податоци од тоа време. Театарската уметност, оние венецијански маски од гипс, беа култ. Тргна се надолу кога с еоткрија наголемите негативните пороци и дејства зад сцената на некои театарски луѓе, од кои народот беше шокиран и ужаснат.

Потоа, многу повеќе, кога политиката го стапна со својата немилосрдна чизма.
Политика во театарот имало отсекогаш, тоа е познато. И тоа не пречело до мера да го турне, да го снеможе. Но, сѐ се промени кога театарот се вклучи во политиката. Кога најдобрите глумци се поларизираа во двете партии и почнаа да “глумат” некои други, а не себе си. Кога посакаа да се политичари. И, кога својот примат и аура доброволно или за “грст долари” им ги поддадоа да не речам им ги подарија на политичарите. И улогите преку ноќ се сменија. Таа публика која чекаше во реки редови  да се поздрави и гушне (а потоа и да не ја мие својата рака и облеката со денови) со некој актер/ актерка, да се фотографира за спомен и да се фали со двете разменети реченици, сега истата таа публика е застаната во истиот таков ред, ама кај политичарите. Чиниш тие се ѕвездите.

Време е да се вратат улогите, секој својата улога, зашто “џабе” си добар глумец ако глумиш лоша улога, или  уште “поџабе” ако имаш добра улога, а си лош глумец.
Е, тогаш и јас, пак ќе му се вратам на театарот, мојата некогашна Љубов голема!

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.