6.09.2024
Деновиве, за прв пат после 30 години мој драг колега и пред сѐ другар ми рече дека може да се искараме ако продолжам да го убедувам, и останав затечена. Да се искараме јас и Тој? За што? За Бора Чорба. Се шегуваш со мене?
А, предмет на нашата дискусија беше тоа што медиумите кај нас ја пре-објавиле онаа (не)славна изјава на славниот Бора дека еднаш одамна рекол “Македонија е Јужна Бановина и Македонците се Срби со говорна мана” а јас му тврдев дека се сеќавам на тоа, за кое тој тврди дека не било речено и не постоело.
Се сеќавам, затоа што бев лично присутна кога се извини на концертот пред салата “Борис Трајковски” каде специјално дојдов од Охрид, го прекинав одморот, а го имам и пред тоа добиениот маил од организаторот со покана за прес и средба со “Бора Ѓорѓев” (на која не бев, веќе ви спомнав летував, и не знам што кажал), а самиот Бора на импровизираната бина од голем камион на настапот рече- ,”еве ви се извинувам и сега во Ваша чест станав Македонец Бора Ѓорѓев!”.
Нашата дискусија со другарот отиде до таму што од мене побара да му ја приложам снимката каде така за “говорната мана” рекол добриот и во македонците вљубен Бора (тоа беше пред експанзијата на фејсбук, па ако постои и ја има некој сепак нека ја стави), а бидејќи јас ја немам снимката, а морав да се бранам за да не се скараме, единствено што можев да заклучам според некоја моја конспиративна филозофија дека четникот Бора (како што сам се нарекуваше) кој навистина беше ептен наш, можеби па бил договорен со “нашите” прво “као” да нѐ нападне, за ние да се браниме и со тоа да се подигне националниот морал и чувство за припадност (бидејќи политиките на овие простори се толку хаотични што и јас не се снаоѓам во ништо од тоа), еве не знам…
Но, знам дека своевремено и да дојдев до таква снимка сигурно немаше ни да ја архивирам, во рамките на тоа што сѐ важно со големите уметници јас си архивирам. Бора ми беше до некаде симпатичен кога ја формира “партијата на пијаниците”, ама кога почна со национализам верувајте ми не прочитав ниедно интервју со него потоа, за да не ме оттргне од неговите песни, додуша и не можеше- тие бе поголеми од неговиот брз остар јазик… за секој случај.
Но како и да, јас лично го сметам за неважно и тотално ирелевантно за мојот фокус на следење на еден таков историски музички лик, затоа што, драги мои, јас сум толку отрпната на тие национализми што веќе не сум во состојба да разликувам значење на официјална химна од песна со сила набиена во умовите на народот како “одбранбена” и “патриотска”. Верувајте ми!
Па секој ден слушам дека “Солун е наш”, “Косово е Србија”, “Србија до Токио”, па секојдневно прекројување и менување граници, па тврдењето дека нашата земја ќе биде поделена на три дела меѓу три држави, море не, ние ќе ги освоиме уште двата дела па да биде цела, и не знам какви сѐ не измислици се кажуваат, па дури и за чудо веќе истите тие се опејани во купишта и купишта песни кои и се форсираат и препејуваат, за жал како култура на живеење.
Мојата култура на живеење се сепак песните на Бора, оние љубовните, не неговите среќни или несреќни изјави, затоа што истиот тој всушност во секојдневниот “чамче муабет” беше националист, како и сите околу мене што ги знам, се нарекуваше четник, повикуваше на распарчување на Југославија и отцепување особено од оние “виенските коњушари” мислејќи на Словенците, за да крајот на својот живот го дочека во Љубљана покрај саканата своја сопруга, Словенка.
Типично балкански, друже.
На вилица јак- на срце мек.
На уста четник, на подадена рака- брат и другар.
Не памтам што сѐ има кажано на трезно и под дејство на чашката, која си ја љубеше, како што ви велам и не следам многу такви изјави ме заморуваат непотребно (и кога ќе ги слушнам веднаш ги заборавам), но јас Бора и ден денес го поврзувам само и само со песните со кои ја запознавме и учевме нашата младост, ја учевме љубовта, го учевме животот и правилата на заедницата и општеството, песните кои нѐ возбудуваа, чии плочи ги купувавме и ретко пуштавме да не ни се оштетат, песните кои му ги знаевме и преку нив најдобро го учевме “практичниот српски” и ги запишуваме оние фраерски зборчиња “шврљаш, надрљаш, пљуга” и трк кај постарите да ни кажат што значат тие, а како врв на сѐ оние фамозни, славни и ненадминливи “два динара” кои остана единечна мерка за најголема тага и загуба во љубовта (загуба за која сам си крив), друже.
Бора згасна, со него згаснува “нашето време”, нашето убаво и неповратно време и нашата држава (тогашна) за која, ние кои таму се имаме родено и ја имаме доживеано нашата спокојна младост, во себе вечно ќе жалиме за тоа време.
Време во кое сѐ беше некоја друга димензија, се беше спокојно и безбедно, мирољубиво и мирно, без сиромаштија, поделби, без национализам туку нѐ учеа дека сите треба да се сакаме и почитуваме меѓу себе без граници и предрасуди, и за нас како младинци најважно ни беше што беше – време со фантастична музика, музика која ги допре сите врвови на совршенствата, и време по кое… преку ноќ наеднаш се променија нештата- сѐ стана насилно, агресивно, деструктивно, освојувачки, воено, полно со омраза и без никаква општа човечка култура…И “музичка сцена” која е толку лоша, неинтелегентна, бесмислена, речиси и непотребно постоечка и неинтересна, што жалиш што барем не е ни нешто како пародија па да можеш да се насмееш “поштено”.
Врв и- спротивност!
Време во кое акцентот на музиката е сведен на “Тарзан од џунглата” и закани од типот – Ќе теееее освојааааат, не те давамееееее, те изгубивмееее, ќе те бранимееееее, душманоттт ќе видиииии, не ќе излееезеее…
Додека нас внатре во (д)ушите ни врви “Колку кошта кад утра плачем, кај унутра плачем, кад унутра плачем”.
Затоа што каков и да беше, со Бора се пееше со фраерско шепотење за- Љубовта. (националистички Тарзан, во песни, за волја на вистината, Тој не стана никогаш!)
И на авионот му се заканувавме “Авиону сломит чу ти крила” со радост во себе, ако момчето или девојката ни ги однесе некаде далеку, на летување на Јадран на пример, а сега со тага родителите што децата им ги носи некаде на работење и живеење.
И на мафијата и одбивавме членство “Нечууу да бидем члан мафије”, и се смеевме, бидејќи- мафија немаше.
Ах, каков апсурд на нашето живеење некогаш и сега.
И каков апсурд што истата музика и истите стихови беа реалност и тогаш и сега, само што сега со поинакво, обратно значење.
Бора беше најголемата рок легенда на овие простори, најголемиот рок поет со најголемите рок химни за љубовта и сѐ околу нас, и таков уште еднаш нема ни да се роди нема ни да се повтори. Тоа никој не очекува ни во најлуди сништа. И рок пророк кој сѐ што опеа тогаш важи и за сега и овде и ќе важи и засекогаш и секаде. (За Македонија му е најнезаборавно што пееше во Вевчани за време на едни нивни моменти со водата, и напиша стихови за песна за нашиот Тоше Проески, “Мала“).
Таквите пишувачи навистина се пророци, не се тие секојдневни луѓе иако нам ни изгледале секојдневни само затоа што физички сме се среќавале и ни биле на дофат.
Бора се од оние на кои не треба на некое помладо лице да му речете “чекај да ти кажам кој беше Бора” и да почнете да гњавите бла, бла, бла. Доволно е да посегнете по стара плоча од неговата група “Рибља чорба” (која ретко ја споменуваме под целосно име, најчесто само него, зашто групата на повеќе начини беше самиот тој) или касета и грамофон ако е во функција и да му ја пуштите со она симпатично “пуцкетање” на плочата која ќе ве посети дека се тоа некогаш беше вистина, живо и Живот.
Живот кој згасна, а со него ден по ден, парче по парче, атом по атом, згаснуваме по малку и ние очевитците на тој Живот.
Но, за среќа пак музиката е вечна и таа ќе сведочи за тие недофатливи висини во рок уметноста.
Биди рокерски висок и на небото, “Четниче”!
(П.С .А јас кога бев 15- 16 годишна тинејџерка едно момче ми раскажа тогаш за мене зачудувачка фрапантна анегдота на ниво на куриозитет, дека кога седнувал да руча на маса барал салветка и почнувал да пишува стихови за песна, која ќе ја напишел за три до пет минути, што тогаш ми изгледаше нешто невозможно и неверојатно…Со текот на годините сфатив дека тоа веќе ни станала заедничка црта и често на маса сама ќе се насмеам што напишам нешто на салветка (поточно на мобилен) и тогаш помислувам на легендата Бора Чорба, впрочем како што е напишана и оваа моја посвета за пет минути, на маса, за време на доручек…но од срце и со сета моја длабока почит кон неговото музичко “савршенство без мане”).
Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт