Оваа година јас сум премногу среќна што сѐ се случуваше кај нас на музички план. Посебно со нивото на кое се случуваа главните музички настани, меѓу сите нив оние на џезерите.
Минатата година тастатура ја абев од пишување кога беа оние случувања со просторот во Филхармонија, годинава не, но со задоволство читав што сѐ се случуваше со нив, нешто во живо нешто од една блага просторна дистанца, каде што не можев да присуствувам.
Затоа што- едноставно имаа многу настани. И!Се надминаа себе си.
А пред да се формираат срамежливо најавуваа по максимум два три концерти годишно, што секако е премалку со оглед на бројноста на публиката која веќе ја имаат стекнато.
Националниот џез оркестар, како што од минатата година официјално гласи нивниот назив кога од Здружение станаа државна културна институција, одржа низа концерти, кој од кој подобар, но оној кој го одржа на 30 ноември, во салата на Филхармонијата, се оценува дека беше најдобриот од нив досега.
Стануваше збор за најсвеченкот концерт на кој публиката која пристигна уживаше во златните ноти од настанот под наслов „Golden Rock Swings“, на кој по четири пет хитови испеаја Светлана Јовановска, Бранислав Николов (Пијан Славеј, „Фолтин“), Џон Илија Апелгрен и Дејан Бобиќ- Дексо.
„Smells Like Teen Spirit“, „Hello“, „Just a Gigolo“, „Wonderwall“, „You Are the Sunshine of My Life“ и други беа дел од концертот за кој сите аранжмани се направени од легендарниот Пол Енка, и како такви беа отсвирени во оригинал, а и како оригинали откупени од нашиот оркестар.
А еминентниот диригент Емин Џијан песната „Crazy Little Thing Called Love“ од „Квин“, која ја најави како песна за љубовта и за лудилото, ја искористи со неа да му го честита јубилејот на Филхармонија од 80 години постоење.
Сликата во салата беше понесувачка, ја имав можноста да се префрлам од поблиските редови во последното столче на последниот ред и сѐ да следам, па така кога дојде оној најеуфоричен момент сите седеа а јас станав и аплаудирав, без срам дека некој ќе ме осуди, затоа што другите присутни беа толку свечени што помислија дека доколку станат би ја нарушиле таа форма.
Аплаудира затоа што битката е добиена, џезерите со својот џез само си ги купуваа срцата на публиката сиве изминати години и сега веќе истите се во нивни раце, а публиката им дозволува и ужива што ја имаа таа привилегија.
Не знаете, ако не бевте, какво расположение и чувство на припаѓање на нешто светско, покажа сите. Многу убаво.
Но, ајде да речеме тоа е оној дел што нас нѐ усреќи…
Другиот дел од приказната е исто така голем. Без многу да креваат прав, со мали скромни најави, дознавме дека џезерите одржуваа најелитни концерти низ цел Балкан, а добивам инсајдерски информции дека нивниот фамозен концерт со Рамбо Амадеус “Чудо на Балканот” премиерно одржан кај нас во декември 2022 година, напролет ќе биде одржан и во Белград.
Најдоброто доаѓа допрва!
Тие се генијални музичари и тоа нема веќе потреба од нагласување дека се перјаницата на нашата сцена која со сопствени сили изминативе години ја промени матрицата на размислување, дека сѐ треба да остане такво какво што е. Тие направија своевиден бум со кој ги донесоа работите во сликата на свое место- кој е најдобар треба да е најгоре, а кој не, каде што му е местото.
Затоа што умеам често а и сега со задоволство да го парафразирам Моцарт – “Музиката е за сите”, а и да додадам дека “не сите не се за во музиката, само одбраните”.
Сега дозволете ми мала ретроспектива за оваа година:
23.01 концерт “Џез нова” во Национална Опера и Балет;
-Настап и награда на “Златна Буба Мара”;
– 28.02 во Националната опера и балет прва Оскаровска гала вечер на која беа изведени најубавите филмски песни наградени со „Оскар“ од врвни поп и оперски пејачи, во придружба на оркестарот на Национална опера и балет и Националниот џез оркестар;
-6.03. во Штип концерт “Џез нова”;
-16.03 концерт “Џез лектира” во МНТ на
-24.04 “Џез лектира” во Велес;
-30.04 целодневен џез хепенинг, Today It’s All About Jazz Vol.8, со кој го одбележаа Меѓународниот ден на џезот;
-12.05, преполна сала на Академијата за уметност во Тирана;
– 1.06 настап во МНТ со господата- виртуози, Џон Рајли и Зиги Фајгл, на концертот Beyond Bop – Sigi Feigl & John Riley & National Jazz Orchestra
-Делириум во Сплит, во Шибеник, со Рамбо Амадеус на Вис, предизвикаа летово;
-На 11 август настапија со Васил Хаџиманов на летната сцената на Долни Сарај, Охрид;
-На 5 септември настапија со Мартин
Ѓаконовски Шпато во Битола;
– „Националниот џез оркестар“ беше дел од централната свеченост организирана по повод Денот на независноста на Македонија- 8 Септември во салата на Филхармонија;
-Вонвременските хитови на легендарните “Битлси”, прозвучија на сосема нов начин на концертот што го одржаа на 1 октомври на Летната сцена „Славиша Кајевски“- МНТ;
-На 8.10 во Македонскиот народен театар во Скопје одржаа концерт со студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип;
-Во октомври нивниот Кирил Кузманов прогласен за најдобар џез музичар на годината од страна на Скопскиот џез фестивал;
-На 25.10, на сцената на Клуб Театар Комедија- Контеса во Загреб, го отворијс есенското издание на фестивалот Џез Хр Фестивал;
-На 23.11 настапија на концертот „Crossover Stories“ на Владимир Николов, во салата на театарот Јордан Хаџи Константинов Џинот;
-Национален џез оркестар го отворија Џез фест Сараево 2024;
-Во ноември одржаа и свечен концерт на официјалната свеченост по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Јапонија;
И за крај споменатиот “Golden Rock Swings”… и на истекот на декември преубав Новогодишен детски џез концерт во Филхармонија.
За арно, доста е за годинава.
За догодина?
Малку се доцни, со документацијата и некои технички работи околу средување на просторот кој државата им го даде, во долниот кат на МОБ Национална опера и балет, но и тоа ќе се среди. Следна битка е да се доврши уредувањето и, Боже здравје, таму да ги распостелуваме нашите чувства кон оваа наша музичка гордост.
И повторно очекувам некоја нова Џез победа во 2025 година, односно сигурна сум уште поголема!
Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт