Сите сали наликуваат една на друга, Универзална сала е посебна на свој начин. Таа е македонската Статуа на Слободата, вечниот симбол на европско Скопје!
Универзалната сала е и најтоплата приказна на Скопје, со историја како ретко друг објект. Срцето на градот, најпрепознатлив симбол и сведок на најзначајните антологиски збиднувања. Како Статуата на слободата за Њујорк, тоа е Универзална за Скопје.
Изградена со помош од 37 земји, во знак на универзална солидарност, по земјотресот во 1963 година. Од тогаш е една од точките на Скопје кои „најсилно“ зрачат. Последниве години емоциите ги разбранува најавата за нејзино рушење и изградба на нова, но и преименувањето, кое требаше да го понесе името „Тоше Проески“, а стана Конгресен центар „Александар Македонски“.
Официјално беше пуштена во употреба на 10 јануари 1966 година, со изведба на драмската претстава „Виктор или деца на власта“ на „Атеље 212“ од Белград. А, на 16 јануари 1966 голем концерт на Македонската филхармонија со пијанистот Александар Унински. Одржани беа над 5.700 манифестации, следени од над 8.500.000 посетители и секој си заминал посреќен отколку што влегол, порадосен. Ноември е месец кој не потсетува на “Златното славејче”, со кое пораснаа децата. Редовно се одржуваше во Универзалната. Но, и „Поточиња“, “Скопскиот фестивал“, “Еврофест”, “Цветници”, “Златна бубамара “, танцови натпревари, „Глумците пеат“, “Новинарите пеат”, “Докторите пеат”, 12. величенствени“, “Леб и сол”, Бајага, “Парни Ваљак” , “Рибља Чорба”, Балашевиќ, “Бијело дугме”, Оливер Драгојевиќ, Мишо Ковач, Есма,” Танец”, “Лорд оф денц”, Џез фестивали, Оффест, Скопско културно лето, Есенски музички свечености, величествените Реј Чарлс, Цезарија Евора, Тито Пуенте, Јусу н Дур, “Буена виста сошл клаб”, Мариза, Лори Андерсон, Пети Смит.
Тоше одржа низа хуманитарни концерти и рекордни последователни пет концерти. Го помниме и вратарот чичко Трајче, ако немаш билет како ќе се налути, а потоа сите ќе ги пушти, особено децата. Голем дел од старите Скопјани, и оние кои со децении работеле тука, не се согласуваат дека треба да биде срушена и да стане „нова“.
Пред повеќе години стручна екипа го проверувала железото со кое е изградена железната арматура и заклучиле дека тој челик ќе трае „илјада години“, сосема е издржив и Универзална ќе трае. Тука се надоврзува само потребата од реновирање, нов покрив, седишта, прозорци. Но да се сруши не мора, не треба, не смее.
Пред повеќе од една деценија, наводно, биле дадени три милиони германски марки за проценување и поправка, од тоа ништо не се видело. Салата лежи на шест душеци кои ја одржуваат нејзината статичност и стабилност. Земјиштето под неа е полно со вода. Тоа го докажува и површински бунар кој постоел во Југославија, со кој тогаш се ладела Универзалната. Има неколку сопственици на земјиштето. Вработените со носталгија зборуваат и за златните времиња и директорот Бошко од седумдесеттите години, тогаш добиле солидарни станови. Оваа сала е градена од Бугарите, слична има кај нив и е сала за циркус.
Универзалната сала припаѓа на Македонија. И на Европа. И на сите солидарни држави. И на секој кој во неа вградил дел од себе и својата душа, а и понел парче од ентериерот за спомен. Веруваме дека крајното решение ќе биде најдолично, најхумано и ќе остане симбол на солидарност и можеби најдобро нереновирана, како “музеј на едни топли сеќавања, долги пет децении”.
Универзална- ја стоплува душата и го пламнува срцето. Скопје немало и ќе нема поубаво место за културно- концерти настани, фестивали, перформанси и уметнички доживувања…
Валентина Ѓоргиевска, новинар и уредник во КулАрт
(Извор: Викимапија)
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.