Нема да Ви се верува вчера што ме израдува. Новогодишниот коктел со прекрасната екипа на Националната галерија Чифте амам? Секако. Кафе- средбата со драга колешка во прекрасно кафуле во Стара чаршија? Секако. Посетата на црквата Свети Димитрија? И тоа како. Средбата со драга поранешна колешка која како службено лице специјално ме покани со мојот татко да биде нивни гостин да го посети Музејот на Холокаустот? Многу.
Но, најмногу од сѐ нејзината информација дека тоа ќе може да се направи дури во месец март, зашто јануари и февруари музејот ќе е затворен, поради штедењето со струја.
Луѓето ќе си одморат дома, нема да одат во ладните зимски денови, а Музејот кој сака да го посети тоа ќе може да го направи во потоплите денови.
Кој го одлучи ова сакам да му честитам и силно да го прегрнам. По толку долго време слушнав и една конкретна и правилна мерка, благовремено преземена од страна на властите.
Веројатно и одлуката е поширока и се однесува на повеќето музеи и институции, простории. Реков веќе- двојна добивка, ем вработените заслужиле да имаат време да за себе си, а и помалку потрошена електрична енергија.
Тоа е сега проблем. Не само кај нас. На светско ниво. Тоа не е проблем од сега, сега е само проблемот видлив.
Ова немаше да го верувам доколку со свои очи не се уверив неодамна во градот за кој велат е најбогат и најубаво се живее во светот, Виена, и за што напишав. И кога слушнав од прва рака од видни стручњаци и новинари, на конференцијата на “Енергетска заедница”. Тие сите апелираа да се штеди на најјако.
А потоа, кога го вратив сопствениот филм дојдов до заклучок дека всушност моите долгови потекнале од една многу висока сметка за струја, кога раскомотено трошев и не внимавав ама ни најмалку, а кога почнува еден мал долг со тек на време тој станува сѐ поголем.
“Штедиме електрична енергија”, не е флоскула. Тоа треба да нѝ е водич. Затоа што, ајде да речеме и доколку да не би ја плаќале сметката од свој џеб, доколку тоа е беспотребно потрошено, има штета на друго ниво. Се трошат ресурсите на планетата и што ние повеќе ќе потрошиме, помалку останува за другите луѓе, за следните генерации. Ако тие пред нас пак трошиле како ние сега, сега за нас ќе останело малку, или ништо.
Ресурсите не се вечно обновливи, освен Сонцето и сончевата енергија. Тие се трошат.
Но, мене искрено не ми е јасно, како и покрај толку отворени умови, информации, наобразованост, начитаност, ние дојдовме до ситуација да ги учиме основните работи за животот и згора на тоа да не можеме да го научиме, па и да измислуваме, прошируваме или веруваме во секакви теории на заговор?!
Не така одамна се сеќавам на советите на мојата Мајка секогаш кога бев нерационална во некое макар и најмало трошење , ме учеше дека не треба така, дека треба да остане и за другите луѓе и дека така јас ѝм намалувам. Влегував во расправии со неа, ние не сме среден век да нема за другите луѓе, каде гледа немашни луѓе кога сите имаат одлично услови за сѐ?!
Сѐ додека не ги запознав и таквите слоеви луѓе и не ја почувствував нивната бочка и немоќ а и на себе не почувствував одредени ситуации и сега освен што ме пече неможноста дека никогаш не ќе имам шанса да ѝ побарам прошка на Мајка ми за мојата дрскост и неверување на повозрасен, ме пече и тоа што додека тоа сум го велела некој навистина страдал за нешто а јас без да сум свесна за тоа сум се исмејувала со неговата мака.
И да не одам подалеку. Тоа било лично мојата најсакана баба, во селото на само десеттина километри од осветлениот град, која немаше улична светилка и кога ноќе ќе излезеше во дворот ќе паднеше, ќе се изгребеше а јас, дете, и се смее оти лесно паѓа. Како пердув. Паѓала бидејќи немала соодветно осветлување, не побарала, а морала да има и тоа го заслужувала како секој од нас.
Сега гледам колку не сум гледала од “мракот”.
Ние не сме гледале ништо. Не знам што толку нѐ имаше замаено?! Сега како да се будиме од некој длабок сон.
Зарем само мојата баба живеела во улична темница додека блескави светилки ми го замелушувале умот во дискотеки, клубови, улици…Колку деца, возрасни, стари можеби на само неколку километри од нас и ден денес немаат ни домашно осветлување, ни затоплување, сме помислиле ли некогаш? Како тие живеат, како функционираат, особено доколку се сами во напуштени темни села, доколку нема кој да ѝм запали оган, доколку волци и мечки вртат околу нивните трошни смеејни куќички во некоја планина? Како ли учат нивните деца, внуци, доколку одат на училиште? Како се греат во суровите ладни ноќи?
Никој, никогаш. Или па ретко кој само се запрашал, не нашол или нашол одговор и ништо не се променило.
Сега природата го возвраќа ударот. Го возвраќа од безмилосното и неодговорно трошење на ресурси, и секој ќе го почувствува тоа кој порано, кој подоцна. Или со немање електрична енергија или со немаше финансии да плати, бидејќи финансиската ситуација е варијабилна за најголеми финансиски моќници, не па за обичниот човек.
Земји кои ќе имаат ресурси ќе ги уценуваат оние кои немаат,или ќе им наплатуваат поскапо. Генералната светска политика не можеме да ја смениме, домашната можеби многу малку или незначително, но навиките кои ќе нѝ овозможат повеќе рационално штедење, треба да си ги смениме итно. Ех да сме штеделњ колку што сме можеле и досега, подруго ќе било.
Тоа мора да се учи уште на училиште. Од најмала возраст.
И со ставање на тапет секоја ситуација. Јас неодамна ноќе се возев со такси во празниот град. Забележав дека без никаква потреба силно светеа сите дворови на училишта, обложувалници и канцеларии за брзи кредити. Па се прашав – зошто да плаќам толку висока камата на одреден кредит, а тие се нештедливи дури и на струјата? Зарем не можат да бидат малку пофер кон клиентите кои ѝм носат леб и профит, и наместо високи сметки за струи, да го намалат осветлувањето и нас да нѝ ги намалат високите камати? Една светилка и камера е доволно, но таму беше осветлено како во диско…
Кога ќе почнеме паметно да штедиме електрична енергија? Веднаш, ли ?!
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник на “КулАрт”