Да се отсвири “мир, тишина и слобода” од својата уметност е можеби и најтешкиот и најобврзувачки предизвик за оној кој сака да остава траги.
Тивкиот и ненаметлив креативец и млад мултимедијален уметник Глигор Кондовски, нѐ покани токму на таква “случајна средба”, синоќа во скопското “Аудиокултура”.
Ако прашувате што значи тоа, тоа значи дека кога си пред него и кога преку еден креативен музички процес на изведба ги смирува сите твои разиграни делчиња од телото, кожата и умот, но не ги остава ни за миг да се одвојат или оддалечат од процесот, тој успеал да те стави под своја “контрола”. А кога тоа ќе успее, и понатаму заедно сте се поврзале и го водите тој процес, вие заеднички сте успеале да го ставите него под своја “контрола”…Процесот!
Навидум тоа би било опис за ова синоќешно музичко продолжение на проектот “Крај Вардарот сесии” на ПМЏ џез, кој уметникот го оствари пред педесеттина свои почитувачи.
Не е лесно, верувајте ми, затоа што повеќето уметници претендираат да создадат бука во вас, што секако и тоа има своја вредност, но мирот, тишината и слободата на духот чинам се чекор понапред, барем кај публика кога ја надминала возбудата на тие некои свои бурни години.
И, како што доликува на една камерна топла и пријателска атмосфера, каква што создава овој сѐ попопуларен скопски клуб, тој беше исполнет со пријатната музика што на сајзер, и на виолина ја изведе Кондовски, но подобро би било да речам ги отшепоти своите ионака шепотливи музички дела. Вбризгувајќи нѝ го својот творечки импулс со осет, од оној највешт осет, ронлив под прсти- полека и леснопримачко.
За да го слушате Кондовски најмалку што ви треба е претсознание за неговата мултимедијалност како творец, а за да го перцепирате соодветно, ви треба да имате следено барем по нешто од неговите себереализации на различните полиња на уметноста.
Еве зошто:
-Глигор Кондовски е дипломиран виолинист и магистер по филмско и ТВ сценарио кој денес работи како професор по виолина. Горд сопственик е на шест албуми со амбиентална џез музика и на бројни музички композиции, а зад себе има и три музички албуми во соработка со џез- музичарот и тромбонист Владан Дробицки и со пејачката Марија Каева. Покрај музичкото творештво Кондовски има реализирано и кратки и документарни филмови и три самостојни изложби со фотографии. Работи и на музика и на филм и на слика, сето тоа ја создава таа богата расширеност, како и поширока рамка своето уметничко тесто да го прелева од еден во друг калап, зависно од своите уметнички илузии, и да го “меси” по своја желба…
Комбинации многу! “3×1=3” (аудио, видео и слика × творец), но според калкулаторот на уметноста, пак ќе речам – многу!
Во оваа прилика, 45 минути нѐ (н)ежнеше со современа, а сепак евокативна музика од својот последен албум, чија звучна репродукција пак се реализира кристално чисто и јасно преку врвните звучни системи “Теохаров Аудио”.
Фактички, го слушавме последниот албум за соло виолина, кој опфаќа шест композиции кои раскажуваат приказни за остатоците од политичките случувања во нашата земја и културно – уметничка катаклизма во светот и дома.
Тој се вика Encounter.
Го слушавме внимателно и релаксирано, со постојано прашање во себе од типот- “колку ли само поливалентна уметност може да има во еден млад човек, и, до каде ќе отиде истата како понатамошен резултат и исход?”
Времето ќе покаже за вториов дел од прашањето, за првиот, горе- долу, одговорот е видлив.
Соседот (на “Аудиокултура”) Влатко Стефановски, намина пред самиот крај и малку фати од настанот, а ние кои ги живеевме тие 45 минути со Кондовски верувам ќе имаме повторно (случајна) средба, rencounter, по наша желба: или крај Вардарот, или повторно во овој наш сега веќе освоен и прогласен за свој музички “аудиокултура дом”.
Валентина Ѓоргиевска Парго,
Новинар и уредничка во КулАрт
Скопје, 05.03.2023 година
culture-club-podcast/gligor-kondovski-audiokultura