Почетна КОЛУМНА ОД МОЈ АГОЛ: Пропадната женска гордост!

ОД МОЈ АГОЛ: Пропадната женска гордост!

Минатата година ја заокружив со објавување на книгата “Горка кнедла”, во издание на Новинари за човекови права, сосема непланирано за тој период од годината, кога жената се подготвува да слави. Во неа стануваше збор за насилството кое го трпи по разни основи во речиси секој сегмент од животот и од општеството, воедно и за одбрана на нејзините женски права.
Не сум јас феминистка колку и да делувам така, дури и слободно можам да речам по малку ме навредува тој поим врзуваан за мене, јас сум само бранителка на женските права, знаејќи колку тие се погазени во налетот на новото време и во налетот на новите наметнати трендови и сулудо однесување. Но дали само од мажите, како што обично помислуваме?
А женски права пак без машки нема и не може да има. Треба да се изнајде паметен баланс до каде може да одат едните а до каде другите, и кој што треба да почитува и гради, како животен концепт.
За да жената оствари свои права треба првенствено да има лична чест и достоинство, и женска гордост, и во рамките на својата животна ситуација да се обиде да биде своевиден позитивен пример кој ќе влијае врз другите. Особено ако е јавна личност и е под лупа на јавноста- а за јавните личности сѐ брзо се шири од уво на уво, најчесто ги прикажуваме како анегдоти, а тоа знаат да бидат и срамови.
Еден пример што го видов со свои очи, мене лично ме шокира. Станува збор за позната жена со контроверзен приватен живот, преполн со кратки спојувања и флертување и предизвикување проблеми во туѓи бракови, кои неретко завршувале и со физички пресметки за што напати морала да бара и помош од безбедносните служби. Но, тоа овој пат да го оставиме настрана, иако е печат за неа, и доста околу тоа било и прераскажувано.
Во една ситуација таа со својата другарка отпатува во соседен град на концерт на голема ѕвезда. Како што таа пред тоа се сплеткала со еден член од бендот, очекувано беше дека и овој пат ќе биде таму присутна, би рекле само заради музиката, а како своевидна “гаранција” за таквата помисла најмногу го зедовме предвид фактот што веќе имаше партнер со кој се појавуваше во јавност- мирен и тивок човек кого го раскина од прегратките на неговата венчана сопруга и двете малолетни деца.
Дотука околу тие детали, не би да коментираме туѓи приватни животи, бидејќи тоа се коси со правото на секоја поединка и секој заклучок би бил непотребен, нецелосен и некоректен.
Но она што мене посебно ме изненади што по концертот најладнокрвно и бесрамно си замина во собата на музичарот, и тоа се случуваше, ни помалку ни повеќе, туку во градот од каде што потекнува нејзиниот актуелен партнер. А градот не е голем за да не се дознае.
Онемев ама не реков ништо, и јас тоа немаше можеби и никогаш да го соопштам јавно, колку и да бев шокирана во моментот, доколку неодамна не слушнав дека приказната наголемо кружи и дека се зборува за тоа, а за јавни личности, повторувам, сѐ брзо се шири.
Овде не станува збор за мешање во приватен живот, ниту за пуританство. Овде веќе станува збор за слика на една жена која таа ја гради во јавноста и остава трага на недостоинство, пред сѐ.
И зошто би го чувала како тајна кога тајна не е? Таквиот испад неа ѝ се случувал во неколку градови пред тоа, за кое беа зачудени и самите менаџери. И овој пат беше намерно однесување. Дискрецијата не беше загарантирана. Сето тоа се одвиваше пред очите на персоналот во хотелот, каде таа отседна со својот ноќен пријател и целата негова екипа, а пријателката со која беа во друштво се врати назад дома со својот автомобил.
И, што означуваше таа средба?
Љубов? – Не!
Неверство? -Не знам, но очигледно.
Младешка авантура?- Не!
Жената е во доцни 40-ти, а не е млада за да се каже дека случајно потпаднала под трендот на групигрл, а музичарот е среќен семеен човек.
Означуваше намерност и означуваше потценување на женското достоинство и гордост, кое по еден таков чекор не може да се врати.
По таква ноќна средба зар би смеела некому и да се пофали дека била со славна личност? Тоа би било пофалба на глупоста. Женското тело не е ни за продавање, а ни за поддавање. Ваквиот гест не е за славење.
Оваа случка ќе ми ја отвори новата книга како приказна- воведник која ми падна на памет откако повозрасен пријател ми ја раскажа дека ја слушнал, и тоа во детали, а исто така и ми рече дека тој самиот го видел нејзиното претходно вакво заминување по концерт (во друг јужен град) и многу се засрамил.
-Како не ѝ беше срам, не знам, замина пред сите и сите видоа, јас се засрамив наместо неа, ми се довери вчудоневиден и после неколку години од настанот. А маж штом проговори навистина го вознемирило јако.
Лекоумното однесување на жените ги навредува и здраворазумните мажи, јасно. И тие тоа го сфаќаат како потценување на нивната интелегенција, подеднакво како и на женската. Време е да почне во општеството да се уважуваат жени кои градат со ум, а не кои рушат сѐ пред себе со кревање нозе.
Е, новата книга овој пат ќе биде за правата на мажите, на база на нивни искази. Ги има навистина многу анегдоти но и многу тешки и мачни случки и доживувања. Но ги ислушав, без трепнување, ги издржав иако беа горки и ги запишав.
Не можеме еднострано да ѝ пристапиме на оваа проблематика, за да се остварат одредни права мора да постои чест, чист образ, пример и почитување на туѓите правила. И на машките и на женските.
А жената доколку сака да ги оствари своите права треба да го држи цврсто кормилото на својот живот. Не треба да си дозволува таков низок пристап кон себе си, воедно и кон другите жени. Бидејќи со примерок на секоја една жена, најчесто се опфаќа и целиот женски род. Особено, рековме и пак повторувам, дотолку повеќе ако е со јавна професија и секаде ја препознаваат.
Со какви впечатоци и визии си замина музичарот и музичарите околу него и дали во автобусот се раскажувало за ова како виц, кој би знаел, јас останав со впечатокот на уште една непроголана “горка кнедла” која стои во грло и ме обврзува како новинар дека треба да направам нешто и за машките права, а какви впечатоци остави тој пример во околината, сѐ уште се раскажува и добива на одек. Како ноќ на- пропадната женска чест и гордост!

Валентина Ѓоргиевска Парго,
новинар и уредник на КулАрт

metropolis-big