ОД МОЈ АГОЛ: “Ниш да ти бил подалеко и од Штип, другарче!”

Август, 2024 година

“Далеко е Америка, а далеко е и Штип ако тргнеш пеш, другарче”, ќе рече една интересна и мене омилена шега, за недостижното, или она тешко дофатливото.

Далеко бил и Ниш, како и да тргнеме, иако автобусите натаму сообраќаат нон стоп.

А јас ги одбегнувам со години, и години, нозе ми трпнат потоа не можам на себе да дојдам, но оваа седмица дури три пати во рок од неколку дена патував на релација Скопје- Ниш, Велика Плана- Ниш, па повторно Скопје- Ниш.

Немаше да се случи ниеднаш да не беше прво пред еден месец личната покана од италијанскиот Маестрале Театро да ја погледнам нивната “Qualcosa di Grande” (мора да дојде и овде, не се прераскажува, веселата музичка дружина со петте симпатични млади италијани понуди комедија која само се гледа и ужива) и секако втората во тој момент за мене, споредна, а сега веќе важна работа- да настапам со своја поезија на познатата сцена Џез & Бук, на славниот фестивал Нишвил.

Ама ајде ќе речеш, можеби е супер важно да се има во своето CV настап кој би бил лична антологија, да кршиш мраз и станеш учесник на иста манифестација со светски музичари и уметници од различен жанр кои настапувале во изминативе 30 години, и кои го донеле фестивалот на глас и реноме на еден од десетте најпознати.

Но тој муабет нема да има содржина, ако сето тоа го почувствуваш дека е само факт. А се разбира, треба и основа.

На Тврдината сум била два пати пред тоа, и бидејќи сум била “ан пасан” или можеби дека само за концертите влези- излези, не сум забележана каде сум (била).

Ако поаѓаме од личен агол, нема да се создаде нешто што може да ми стане помило од бањалучкиот “Демофест”, сум пишувала во многу наврати, а на тој фестивал пред да згасне, на последната прес конференција како новинар дадов шлагворт и случајно ми дојде да кажам дека ја доделувам мојата награда за животно дело на еден така најдобро организиран фестивал- од секаков агол.

Сега експресно воведувам и доделувам уште една таква награда, и од прва, таа оди директно во рацете на “Нишвил”. Без нималку сомневање.

Чудно, за прв пат се вратив со цели влечки (а носев уште два чифта чевли за резерва). Никој не ме изгази, а не ме ни стапна, барем. На ниедна од тие 17 огромни сцени во Тврдината со парк, која е вистинско задоволство да ја шеташ и уживаш.

-Каде ја научиле Нишлии таа култура, во кој ли учебник, каде тој се продава?

-Каде научиле да не фрлаат ни барем една лименка или било што каде стигнат, пред бина, на тревник, на улица…?

-Каде научиле на исто место спокојно да носат деца во полноќните часови и тие да се толку тивки и мирни, за малку да не ги забележиш?

-Каде научиле на фестивал да одат и пензионери над 8 деценија, под рака како на корзо и спокојно како во тишина?

– Каде научиле да нема довикување, туку само природни насмевки едни кон други?

– Каде научиле обезбедувањето без нималку закани да не се перчи пред тебе и да те турка, туку млади девојки и момци на смирен тон и љубезно да го решат секој проблем?

-Каде научиле да нема силна музика која ќе ти го разнесе мозокот?

– Каде научиле да не ти се лепат на концерт и да одржуваат дистанца?

– Каде научиле дека за да се биде најдобар треба да ги ангажираш најдобрите. Сите до еден. Од музичар, до менаџер до асистент. Без подметнување на нешто колку “да се залепи и помине покрај она главното” ?

– Каде научиле дека култура кај деца се создава уште од мали, па имаа доста програми и џез за деца?

– Каде научиле сите да се вклопат како едно големо хармонично семејство, и сите да се чувствуваат пријатно?

– Каде научиле за да ти е убаво не ти треба препуштање на пороци, тоа не забележав овој пат.

-Каде научиле дека за да е функционален прес треба да е на самиот влез и во огромна сама со сите потребни услови и љубезни хостеси?

– Каде научиле тревниците и улиците да им сјаат низ цел град?

-Каде научиле дека за нешто да те потсетува на земјата во која престојуваш, во случајов Србија, сосема доволно е што дискретно мостот во центарот и фонтаната да бидат обоени во боите на знамето, без притоа да го вееш и на навиваш за сам себе, кога веќе си го поканил светот да ти дојде дома….

По логика на нештата јас треба да бидам топла само во однос на помислата дека моето CV доби уште еден интернационален предзнак (кој секако би се ценел само во земји кои умеат тоа да го ценат), дека си поминав фантастично, дека се пресмеав со феноменалните “Грбави танги” и мојот колега од Радио 202 меѓу нив, дека се сретнав со драг бугарски колега од по фестиваливе, дека се запознав со поетеси од разни места со светски титули и многу творештво и споделувавме пријатни дружења, и дека влегов во нова песна напишана од жена, и дека запознав врвен бугарски сликар од нивната Академија на науките и уметностите со кој најдовме и заеднички пријатели и куп заеднички теми, и поминавме прекрасни муабетења, и дека запознав новосадски махер менаџер (кој ја организираше поетската сеанса), исто така поранешен новинар, колега, од кој “украдив” уште некој нов организационен трик, и дека сместувањето (во студентски дом на ранг на хотел) ми беше на десеттина минути и од прекрасната пекара- кафуле “Бранковиќ”, каде го поминував целото слободно време….и уживав.

И дека, над сѐ, доживеав толку музички совршена програма.

И тоа спектакли во спектакли, и од кои

за прв пат се вратив одморена наместо уморена. Со план за догодина.

Да, само што излегов од капијата на тврдината се изнаселфирав и веднаш седнав на првата клупа.

И тука сфатив и зошто поемата која ја изведов, е првата песна која што ја напишав, сама од себе, на јазик со “чиј падежи се гаџам и никако да их погодим”, а ја напишав течно и без грешка. За да биде изведена тука. На големи ѕвона. Таа ме однесе таму. Посветена на мојот Татко, кој можеби и со овој мотив индиректно невидливо ме водеше до оваа поетска сцена, за да го видам одблизу и ова чудо на Балканот.

Но. Сѐ беше радосно. Не само мојот личен дел.

За музичкиот дел што да се каже и издвои? Зар може нешто? Не, не може. И да сакаш.

Убавина.

Занес.

И Констракта, како врв на сиот тој занес, за крај. Таа со нејзиниот концепт е како друга димензија, паралелна на балканскиов- нималку комерцијала и толку музичка естетика, шизиклук и интелектуалност, што не мора да облекува трико и да крева нозе на сцена и да развикува и со сила да форсира – ајде раце горе, ајде нозе доле, ајде да ве видам, ајде сите заедно… Па таа е елегантна уметничка душа, каква што доликува. И каква што одговара на Нишвил.

Те полни со здрав разум, без никаков обид да манипулира со тебе и твојата мисла и чувства.

Уметница каква што Балканов па можеби и Европа (сигурно) немал последниве 30 (+30 претходни) години.

Ете, таква сакам на сцена. Гордост за секоја жена.

Би пишувала за неа многу. И за уште многу други работи. Но, ајде да резимирам сѐ во само една вистина:

“После Нишвил 2024 за прв пат од срце ја почитувам Србија како држава!”

Како што и самите тие рекле “Шта је лепо и Богу је драго”.

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во КулАрт 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.