ОД МОЈ АГОЛ: Ние не сме лоши луѓе Мирко, ние не сме лоши!

Репертоарот на ПМЏ колектив го познавав затоа што го слушав како и сите други, поради упорноста на нивниот предводник Мирко Попов.

Ќе го протне и низ иглени уши ако треба и ќе го направи актуелен, иако техно не секој слуша; ќе направи/ат теми кои провоцираат, и дури и да не се согласуваш со нивниот агол на претставување, ќе ти влезат во уши и си ги потпевнуваш.

Да имавме подобра комуникација со Мирко, ќе ги слушав и од “прва рака”, но, подобра- немавме. Сѐ до, за жал, неодамна, а можевме.

Мирко Попов и јас сме дамнешна приказна… Од самото формирање на неговиот состав, кога бевме многу млади од некои дваесет и неколку години.

За него најпрво слушнав кога беше средношколец од мој роднина со кој учеа во иста гимназија и кој сметаше дека треба да се вразуми еден Мирко “зашо многу се занасал”…

Многу! И јас велам. Секогаш!

Сега, а и многу пати порано сето тоа ми беше симпатично и безопасно, а често пати знаеше да ме изиритира и да посакам да биде “поразумен”.

Од нашето лабаво запознавање во МТВ каде беше соработник во претпладневните емисии, па сѐ досега.

А првата (по)официјална најава кај мене ја направи Милорад Цаиќ Џајо, со кого, како активен менаџер во деведесетите кога јас бев новинар во весникот “Нова Македонија”, имавме активна комуникација.

Ме покани на концертот што му го организираше на Игор Џамбазов во Универзална сала, одговорно тврдам најреволуционерниот музички момент во нашата држава, затоа што се одржа кога сѐ молкна и секој остана дома со морници од страв, онаа вечер кога се случи бомбардирањето на НАТО врз Белград, а ние едно неколку стотина отидовме во Универзална да го проследиме во живо.

Зад сцена, буквално зад црните завеси една млада група со возбуда го чекаше својот прв настап и ние си поддадовме рака, јас и нивниот фронтмен, Мирко.

Потоа Цаиќ ни договори пладневна средба во специјално за нас отвореното кафуле “Аквадро”, кое инаку колку што се сеќавам отвораше после 16 часот и работеше до доцна ноќе, а тогаш беше хит место за излегување.

Беше многу збунета пладневна средба, дојде и режисерот Срле, по 10 минути веќе немаше што да го прашам Мирко и му го поставив најчудното прашање, а воедно исто толку чуден одговор добив.

-Ако светот на музиката постојано доживувал трансформации, имало класична, џез, би-бап, свинг, поп, рок, инди, рап, хип-хоп многу, многу правци, и се дошло до техно и електро музика, какви жанрови може да очекуваме понатаму?

Рече- “Ејј стварно, што понатаму? После техното што ли би можело да има, нема музика, јас не гледам друга музика. Тоа е крајот. Со техното”.

Победи мојата упорност текстот за нив да се најде во “Нова Македонија”, техното во тоа време сѐ уште нејасно за повозрасните уредници, но по речиси цел месец чекање и убедување се најде во една коцкичка каде што и не му беше местото, меѓу програмата за телевизија, но, важно излезе.

Тоа беше и првата објавува во весник, нешто што Мирко, чувствував дека го ценеше секогаш, иако нашата релација имаше амплитуди.

Понатаму не соработуваме директно, а ми направи и една “зврчка” во 2009, кога една недела на дежурство, во весникот “Време” во кој бев уредничка на рубрика, договорил или да речеме можеби и нарачал интервју со соработничка која му беше пријателка, и таа го протна без да ме праша, како што е ред, ко божем јас немаше да го објавам.

Секако ќе му го објавев, ама тој тоа го направи во заднина, веројатно сметајќи дека немам интерес за нив и нивната музика, а и дека немам разбирање за неговата “урбаност” на која различно гледаме.

Чисто недоразбирање, создадено од нашата некомуникација, а малку и рековме “он многу се занаса”…

Мирко “се занасаше”. Се “занасаше” поради неговиот концепт и енергијата која ја вбризгуваше во сета своја визија да го направи овој град поинаков, по негово, преку една негова култура, што често го правеше поеуфорично и со вербални пресметки со неистомисленици, на крај сепак докажа дека е сопственик на свој урбан концепт на Скопје, и дека има нешто што него го влече напред, не само обично “голо занасање”.

Пред да дојдеме да објаснам за тој момент, ќе кажам и дека повторно ми направи зврчка, заради која имав право да му се лутам, ама не му се лутев. Знаете зошто ? Затоа што и покрај таа крута мисла всадена во неговата глава, каде и да ме видеше по улици се приближуваше да ме поздрави, а еднаш дури и го видов намерно направи полу-круг, кога ме виде одејќи од другата страна на улицата, се врати за да помине покрај мене и за да ме поздрави.

Едно “здраво” на поминување, секогаш имало меѓу нас.

“Зврчката” овој пат беше намерна и повидлива, од која и јас сфатив дека и тој за нешто ми е лут. Е, ама, таа наша заедничка догодовштина го откри нашето меѓусебно притаено почитување и заеднички пријателски симпатии, неколку години подоцна, кои можевме да ги почувствуваме само ние.

Не знам дали нему му сметаше што самиот мислеше дека јас не му ја ценам неговата “урбаност” што ѝ да значи тоа, и така некако се оддалечувавме.

Откако јас пеев на “Новинарите пеат”, и ја снимив мојата верзија на “Лидуду”, за мене тоа лето 2010 беше неочекувано урнебесно и возбудливо.

Но ми пренесоа дека Мирко на своите сетови во “Менада” ја пуштал таа песна… јас му се налутив дека со тоа ги “потценува” моите легендарни автори и ќе види саааамо ако му одам некоја вечер на сет…

Отидов, по неколку години на кафе со мој другар во “Менада”, кога и бев заборавила на тоа, а баш кога Попов пушташе музика, а кога ме виде како и на многуте ноќни сетови на кои сум му била и претходно, веднаш се забележа неговиот обид дека да се “покаже” пред претставничка на медиуми, не, не ја пушти мојата песна, секако, но направи добар избор и цело време ми следеше реакција.

Оној момент кога јас тргнав да се симнам по скалите надолу, каде што беше пултот на Мирко, а немав намера да го поздравам, тој со восклик ги извади слушалките, излезе од пултот и тргна кон мене срдечно. Како ништо да не било.

“Оној што се занаса” си помисли дека тргнав кон него и почувствува чест од моја страна и се промени.

Недоразбирањата не одделуваат, недоразбирањата нѐ спојуваат.

Позборуваме многу пријателски, едно 10-тина минути, зборувавме за јас нивниот тогаш нов спот за кој мене и многу ме израдува што е од мојата (на кусо време и колешка) Ана Јакимска тој почна да ми кажува дека не му е “филмот” барок, како во спотот, но сакајќи да ми удоволи мене и на мојата перцепција почна да зборува сѐ попофалувачки и попофалувачки, и кимна со главата дека спотот е ок, Ана е супер…

Толку требеше повторно да станеме срдечни. И тоа натаму да има сѐ подобар взаемен ефект.

Ах, имавме уште нешто…

По промената на власта, пред десеттина години, на ФБ се разви дискусија Мирко да стане директор на МРТВ и да ја предводи Евровизијата. И тука веќе се смешав и јас и му одговорив дека не може да ја предводи таа делегација некој кој не ја почитува Евровизија, што беше и единствен коментар контра, таму, во сите поддржувачки за него. Ми врати и тој, но и овој пат со умерен тон и со задршка, не сакајќи со мене да се расправа жолчно како што често знаеше со другите, поради неговиот темперамент…

Понатаму почнав да добивам и покани за следење на прес конференции на неговите џез фестивали и изданија. Е дури тогаш му го признав неговото “урбано” значење, кога почна да прави нешто не за себе и своето “занасање” да искреира и остави нешто заедничко со и за надоаѓачките генерации.

Имавме и уште е еден личен момент во однос на неговите емисии на 103-ка. Ликот му се промени и блесна и уште повеќе ја крена главата, а отсјајот на сонцето во неговите темни очила, како да значеше одобрување на неговата среќа, кога му кажав нешто што му годеше…

Нека остане мала тајна.

За оној ден кога си игравме со неговото преитро синче пред МКЦ исто така ќе биде мала тајна, но слатко ме насмеа и сфатив колку децата со една детска итроштина може да ги избришат сите неубави работи кои нивните претходници си ги направиле сакајќи или несакајќи.

Секоја следна (случајна) средба беше љубезно официјална и со сѐ повеќе почит, последната во МСУ на изложба веќе видов еден сосема поинаков Мирко. Го снема она “недоразбирање” кое нѐ подјадуваше во комуникацијата, и нема да ги споменувам оние понекогаш зад грб кажани озборувања, никој од нас не е имун на тој “горчлив зачин”. Во некоја линија и тоа е некој вид скриена почит, оддавање некому свое време…

Го читав како пишуваше. Многу детален и интересен. Одличната рецензија за враќањето на “Бастион” и си ја ставив во моја архива, и уште неколку други негови. Најмногу ми се допадна преубавиот текст што го напиша за Преспа минатото лето … Видов и дека му значи, го споделуваше сам на страници.

Сакав да му напишам на ФБ, не знам зошто се премислив и не ни лајкнав, ми се закочи кликот. А требаше. На луѓето треба да им кажуваме во моментот, не го знаеме кога ќе е следниот момент.

И после сѐ, тоа што тогаш не му го кажав и го оставив за следен пат, за кога ќе го видам во живо… тоа е овој момент кога сакам да му кажам само едно “Благодарам за преубавиот текст за Преспа! Се пронајдов меѓу редовите во дел од тоа”…

Ние не сме лоши луѓе, Мирко, ние не сме лоши, ние само не сме доволно “урбани” во секојдневието и лошо комуницираме меѓу себе, поминавме турбулентни општествени услови во кои некогаш и со “глава во ѕид” сакавме да промениме нешто секој од своја позиција и гледна точка на подобро, низ виори ја водиме и својата лична битка, бевме жртва на многу несредени работи општо кои ни се одразија и ни се одразуваат,  понекогаш кажуваме тоа што не мислиме,  а напати забораваме да си кажеме отворено сѐ што треба, во вистинско време…

А во тоа “благодарам” сега го ставам и што ја пушташе мојата “Лидуду” имаше нешто и зад тоа, ја ставам и срдечност од “Менада” ја ставам и песната “Скопјанка”. Па што ако сум од преубавата Преспа и јас сум “Скопјанкааааа”…”паметна сум колку што сум убава, и сакам да играм во диско”…и ги сакам оние што се “занасаат”, а сепак на крај оставаат убава трага… Мирко!

Валентина Ѓоргиевска Парго

Новинар и уредник во КулАрт

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.