Почетна КОЛУМНА ОД МОЈ АГОЛ: На елитно кафе со Ванчо Чифлиганец!

ОД МОЈ АГОЛ: На елитно кафе со Ванчо Чифлиганец!

9.01.2025

Оваа година за прв пат моето традиционално новогодишно кафе не го испив во Пелистер,  местото кое го сметам за свој втор топол дом, туку во еден шик кафич “Кафучино”, а тоа е на само стотина метри до мене, преубав и со убави млади лица, што ми дава за право да размислувам дека кога имаш околу себе тоа што ти треба, ти не одиш подалеку.

И го испив со еден млад професор на највисока цена и глас кај нас, со многу памет и брилијантност. Учев од тоа што ми го кажуваше во опуштен муабет, затоа што неговиот збор многу кажува. Наобразован, разумен и едуцирачки во секој момент.

А на првото виртуелно кафе сега го поканувам бизнисменот Ванчо Чифлиганец, затоа што нему јас имам нешто да му кажам. Со најотворено срце и ум.

Всушност, преку него и на сите кои претендираат да бидат почитувани бизнисмени кај нас и пошироко. А пошироко тоа се стекнува ако си почитуван дома, а дома тоа се стекнува ако покажеш разумни постапки за почитување.

Да речеме, првата постапка Чифлиганец ја направи пред неколку месеци. Кога јас, за овие 30 и кусур години откако некогашниот универзитетски професор фигурира како бизнисмен, за прв пат го видов на вести како нѐ убедува дека треба да бидеме соработливи со неговите идеи, кои се за добро на граѓаните.

Стануваше збор за, колку што разбрав, некое земјиште кое било државно па во таа болна и мачка “какао транзиција” станало негово приватно, било депонија кое тој го чистел и сега сака да  го среди како што треба и да направи елитен станбен комплекс. Замислете, на само неколку стотици метри од самиот центар на метрополата.

Добро, не навлегов многу во суштината, доволно ми беше и толку за да може прво убаво да се изнасмеам, а потоа да седнам и да го размислам гестот. И искрена да бидам, многу ми се допадна.

Затоа што нашите бизнисмени имаме можност да ни се обратат кога на крај на годината  добиле некоја си титула за “нај- биснизмен”, нешто што ниту сакам да допре како информација до мозокот мозок, ниту му верувам на тој избор. Причините се познати и доста очигледни и воопшто не сакам да ги ставам во моја уста, ама ни за секунда.

Елитно беше она на кое слатко се изнасмеав, затоа што зборот елита кај нас главно се однесува на некој транзициски скороевич  “најсомнителен” бизнисмен и тој и неговата семејна и бизнис придружба, кој не стои добро со здравиот разум, вкусот, однесувањето, хуманоста, општествената свест и визиите ама стои добро со изигрување на законот и најмногу на своите вработени, кои ги смета за предмети и машина за правење пари, ама само за него.

Елита во суштина се водечки личности, кои освоите како личности, и најмногу со своите недостижни идеи или дела, но овде како што сме мала земја и се знаеме кој е кој, ќе прснеш од смеа кој сѐ себе си е смета за тоа. Од друга страна, па, и не можеш на луѓето да им го одземеш правото да си фантазираат к си се замислуваат што сакаат, но само од тоа да не ни прават проблем на нас “неелитните” и сѐ  би било прифатливо и во ред. Ама прават.

Откако се изнасмеав и пошегував, на втора топка ми се виде и клуч на решение она смешно “елитно” кое можеби само значеше дека бизнисменот всушност со тоа сакаше и да ни каже дека, освен што ќе ги продаде на финансиски добростоечки купувачи, ќе ни направи нешто што ќе биде напредно, добро и ќе личи. А ние сите сме “за”.

Богами, за прв пат некој наш бизнисмен да почне да размислува за какво-такво корисно  општо добро и тоа да ни го каже јавно. Иако е во сосема мала доза, и претпоставувам  повеќе за личен профит, се разбира. Сѐ досега што сум слушнала во изминативе три децении од нашиве (таканаречени) бизнисмени, од јад не ме ни терало дури ни на плачење, не камоли на смеење.

Се разбира, ова виртуелно кафенце ќе си го испијам сама, ама ако пак случајно дојде и поканетиов бизнисмен, најотворено би му побарала за мене едно мало – мало балконче кое ќе гледа на исчистена депонија, за да ме опушти и да ме направи да се почувствувам “елита”. Иако не сакам и не ми е блиско тоа. Чисто колку да го пробам чувството.

Ако пак навистина стане сериозен во пиењето на ова кафе, јас од него ќе побарам нешто многу поубаво-  на секој кат, од секој ќош на таа зграда барем по една гарсоњера или еднособен стан како подарок за истакнати уметници (актери, пејачи, сликари, писатели, спортисти …) кои живеат во Скопје, а немаат свое живеалиште, а знам со што се соочуваат при плаќање на кирии кои се прескапи, немање доволно средства, затоа што уметноста не се плаќа, па доживуваат кризи, разводи, депресии, хаотичен живот и тивко згаснување на нивниот уметнички талент и порив.

Кога тоа би го остварил овој бизнисмен јас него ќе го сметам елита и навистина вистинска мецена на уметноста. Може со така ќе даде и пример на другите бизнисмени. А меѓу нив вистински мецена сме немале, сѐ нешто муватори кои сакаат да уживаат некоја инстант слава, верувајте ми за збор. Добро знам.

За Чифлиганец имам еден многу добра информација од прва рака. Не, не од книга, книгата е некогаш џабе потрошени пари. Од предание кое ќе се пренесува од овој момент кога јавно ќе го раскажам. Градејќи зграда на имот на семејство на кое претходниот земјокупец не сакал да им даде ништо за возврат, Чифлиганец со многу лесен договор и на негова желба им дал три станови од кои во едниот имав големо задоволство да бидам поканета и да го посетам вечерта кога свечено се отвораше зградата и ви се колнам се радував исто, а може и повеќе отколку јас да сум добила стан. Која позитивна енергија беше тоа…

Е тоа ќе се раскажува…

Велам, станчиња за уметници, подарени или по исклучително поволни услови ама не за секого и за сите. Оние кое навистина се елита во своето поле. Елита, за каква што ви зборувам од мој агол а не “елита” од самонаречено друштво збрано. Елита која блеска. А најчесто е го безизлезна или тешка животна ситуација, која не се гледа со голо око.

Критериумите е лесно да се определат.

Ете тоа барам.

Ах. Намерно изоставив социјални станови за социјални случаи, самохрани родители, мајки, напуштени, запуштени…тоа нека си биде континуирана грижа на државата и на социјалните служби. А и имаат социјални станови за земање назад. Поголемата причина ќе ви ја откријам, искрено. Се ежам на “социјални станови” од моментот кога во доцните деведесетти заедно со мои пријатели бевме на честито на нов стан кај нивни роднини. Седнавме, вечерва е, наздравувавме, а мене цело време не ми беше некако пријатно чувството и како да седев на трње.

На крај, на бегање, со стекнат јазик реков – уф на тие пари што ги имаат (а беа едни од првите покрупни бизнисмени и застапници за огромна странска компанија),  можеле малку подобар стан да си купат. Пријателите ми одговорија – “ама не го купија, ова се два социјални станови кои ги зеле со мучки, и ги споиле…”, а имаа прекрасна куќа, тогаш и на прекрасни места. И не една.

А сега пак, којзнае каква “елита” се и колку станови можат да купат од најавениот елитен комплекс. Не сакам ни да знам, ни да стапнам уште еднаш кај нив. Ни кај сите други останати станари од таков “социјално загрозен вид” чии станови тогаш се расподелија по ликови слични на нив.

Често поминувам со автобус од таму и верувајте и ден денес ја вртам главата на спротивната страна.

Јас сакам, навистина елитен комплекс со елитни станови и елитни души, каков што овој во најава, можеби би бил, доколку се оствари  некој силен општествен момент.

На здравје кафето!

Следното, на моето елитно балконче…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредничка во КулАрт

metropolis-big