ОД МОЈ АГОЛ: МизАРТиско пеење!

“Мизар” пред некоја година логично и сосема  недискутабилно, добија титула “група број еден на столетието”, така нешто, во една нејасна мешавина на гласање од поп, рок, хардрок, етно-поп, електро, панк, фанк, диско, ска, реге, мелодии, шлагери, сѐ на купче, а нивната “Девојка од бронза” најголем хит.
Тоа не беше податок кој ме возбуди, но и не беше ни податок кој ме вознемири, или изненади, особено и со фактот во истото гласање што и јас дадов глас за нивниот албум “Свјат Дримс 1762-1991”, како класика.
И, кога станува збор за нив, јас имам мои анегдоти со пријатели, но грев што би било да се лаже- имам многу малку концерти проследено, едвај три сите во временско растојание од 15-тина години, но и тие се доста со цел да можам да си направам споредба (тоа овој пат ќе го прескокнам).
Поентата ми е нешто сосема поинакво. И затоа ќе почнам на еден мој личен спомен од пред повеќе од 25 години, кога голем музички колекционер од Атина, со тогаш околу 10.000 плочи, ми подари ЦД со византиска музика што магично ја изведуваа нивни монаси и ми рече дека таа музика секогаш ќе ме реанимира во духот и ќе ми создава нови свежи илузии, дотолку повеќе што тој начин на пеење ја спојуваат старата грчка и старата македонска музика, односно имаат ист корен, и затоа ќе ја чувствувам за блиска.
Малку нелогично ми прозвучи објаснувањето, иако знам дека во некои древни времиња од Панонските простор надолу сѐ се подудира и преплетува, ама дека е возможно да се исто, не ми одеше некако. Хххм. Затоа што, кога го слушав тоа пеење и она на “Мизар” а се свртуваше во византиско пеење- различно ми беше. Медитативно наспроти рокерски.
Малку пред тоа почнав да ја осознавам “мелодиската византика” преку албумот на  “Мизар” (истиот за кој гласав) кои во тоа време, во деведесетите за мене не беа баш многу атрактивни, бев многу млада и сакав потемпераментна музика која ќе ме крене на телесен начин пред духовниот, која ќе ме направи во диско да се почувствувам “жива” и музика на која не ќе можат лесно да ме соберат од “на маса”.
И сега исто сум млада, ако се оди според вкусот на музиката што ја сакам, но доволно созреана да сфатам дека, да- така е, византиското пеење е највисокиот репер за квалитет и компас според кој треба да оценам дали нешто е чиста уметност, арт, или чиста комерцијала.
Првиот албум од “Мизар” и од “Кисмет” го добив во кафулето “Штрк” од нивни член, односно основачот, кога штотуку се беше вратил од Австралија и не му е јасно зошто медиумите, тогаш тие неколку весници, не пројавиле доволен интерес колку што очекувал. Во однос на медиумите, очекувам и денес да го има истото мислење, иако долго не сме се виделе со Горазд Чаповски.
Оттогаш наваму имам сѐ од “Мизар” и па едно време дури и кај мене дома, вака во недела попладне, организирав една блиска новинарска слушачка промоција на “Поглед кон цветната градина” и “Свјат…”. Со ликерче.
Така ги доживував “Мизар”, само за домашно слушањето во потесен круг. Во тишина.
Горазд во една прилика нѐ викна во студио неколку новинари да ги преслушаме двете песни со тогаш новиот вокал Горан Таневски, но јас сѐ уште не можев да се прешалтам лесно, бев навикната на другиот Горан (Трајкоски, познат и како Го- Тра), ама, како што Стапот (Таневски на прекар) знае да пее, мене се виде преработката на омилената ми песна од Жо Дасен  “Et si tu n’existais pas” и пошизичка од оригиналот, а новата па “Нож” ме полуде, ме шизна.
Промената ја прифатив успешно.
“Мизар”, често прават промени на своите членови и тие веќе воопшто не се истите од првиот состав, освен големиот дон Горазд, кој предмалку го спомнав, а на последниот концерт повеќето од првите членови веќе се во улога на публика, додека на сцена се некои нови дечки. Нови и многу многу добри дечки.
Овој последниот концерт го следев приватно и во последен момент, без намера да напишам било што повеќе од најавата која ја имав објавено.
Ама кога се вратив, се фатив себе си како со полузатворени очи во два- три изутрина пишувам текст, со цел во него да е втисната онаа импресија и чувство кое го донесов дома од концертот, бидејќи ако преспиеш тоа станува поинакво.
За репертоарот на “Мизар” нема да зборуваме, нели, тој им е наменет на кругот на групата кој е стандарден и кој се проширува со нови слушатели кои исто го знаат, сигурно подобро и од нас, новинарите.
За вокалот да! Тој беше новината и изненадувањето. Гром од ведро небо. Хемиска реакција. И стрес, со продолжено дејство од неколку денови потоа…
Една природна хемија која сите нѐ збуни до таа мера што јас лично забележав кај себе- не пеев и не се селфирав неуморно на концертот, се вклучив во само неколку стиха пред крај, на она антологиско “Разбуди сееее” (“Девојка од бронза”).
Да, да, да.
Овој пат, јас слушав.
Со тишина како исто да сум на опера или Филхармонија.
Не ми одеше некако да земам да пеам.
Ќе ја нарушев хемијата.
Тоа што го доживеавме таа ноќ тие што бевме во МКЦ, на 15.12.2024, не се случува често.
Некој нов “Мизар”. Во целофан. Неотпакуван.  Ребрендиран. Освежен и во склад со некоја нова генерација, во која се пронајдов и јас.
Овој нов “Мизар” навистина ми создаде стрес колку беше предобар. Зошто ако употребам друг збор (а не знам кој) ќе е премалку.
Сепак се воздржав и не напишав суперлативи, со цел да не ја изместам јасната слика на тие што беа таму, со мои додавања, па ниту па зборовите можеа да додадат нешто повеќе од тоа што мајсторите сами го направија- си се ставија на пиедестал од каде ништо не ги поместува.
А метафори сами ми надоаѓа, куп.
Нико, новиот пејач беше “виновен” за тоа.
Кршење граници, поставување контрола и свои правила.
Сум го слушала на свирка- топ.
Сум го слушала во пештера- топ.
Сум го слушала оперско пеење во МОБ- топ.
Топој бре луѓе топој.
Ама овој пат разби.
Испечен вокал се вели тоа. Со сите нишани. И стишан гнев во него.
Волкот зошто е дебел во вратот? Па затоа што сам си ја брка работата.
Нико! Бравос.
Сите го искоментираа тоа и сите го прифатија со одушевување, на кој начин ги препакува  песните. Дури и старите скопски рокери симнаа капа. А старите скопските рокери се фаци, но работата е ако кикснеш нема втора шанса- лесно те прифаќаат, од прва, ама само еднаш. Внимателност треба.
Те мерат со остро око. И изострен слух. Ги купи ли, ги имаш.
Е ги имаш, веќе.
Сфативме дека се искачил Нико некаде, со созреана емоција.
Зашто технички ќе извежбаш, ама ела емоцијата извежбај ја да те видам. Гласот го водиш ти, емоцијата те води таа.
Јас за првиот од двата негови концерти на кои бев во пештерата Врело на Матка, од една соседна земја брзав со неколку превозни средства и со такси да стигнам навреме. Беше преромантично и уникатно. 
А за овој, да не ме повикаа да одам, ќе жалев што ќе  го пропуштев (некако сѐ ми се недела за “Мизар”).
За да се “симнеш” до (онакво) византиско пеење не може лесно. Биди си ти оперски пејач колку сакаш. Ама пак ќе речам, и на моменти да звучиш како Фреди Меркјури на оној фамозен концерт Вембли од 1986 година, со глас (на суво) кој одеше до ѕвездите и назад. Не, не е лесно.
Таа емоција не се стекнува лесно. Тој осет кога како треба да реагираш, како да ја обоиш песната со бојата на душата, не само со вокалната техника.
Затоа е добро човек да го изоди потешкиот пат,  доаѓа до повкусни плодови.  
Затоа и рекле, волкот е дебел во вратот затоа што сам си ја брка работата.
Тоа го воочив.
Можеби само ова сакам да додадам.
Процесот на онакво изградување на емоција е бавен, скап и со бројни загуби. Цената е превисока. Самиот си знае која цена ја има платено. Она не е преку ноќ ни преку ден, ни преку ден и ноќ. Она е преку Живот!
Блазе оној пејач кој може да оди до онакво  византиското пеење и да им одржи лекција и на оние кои дотогаш биле на тронот и сам да си постави уште еден пејачки трон до нивниот.
Кога се мериш со најдобри, тоа е истоштивачка и безмилосна одговорност и нема “ама”. Ама да си Нико, немаш проблем…
А патем и да и дадеш нова форма на некоја што е замрзната со векови, како Волт Дизни, нели треба голема мајстор за да ја/ го одмрзни и оживее. Како Нико Ѓоргиевски!
Чекајте да се соземам, ова е пробна колумна, да се приберам во чувствата и кога ќе ми дојде на врв на срце и на прсти ќе напишам подетално што и како.
Целиот репертоар го претстави поуниверзално и многу го рашири.
Па јас се вљубив. Во тој глас што ја кршеше сета звучна завеса во просторот и во нашите мисли.
Со класично византиско, модерно рок, инди, дарк, живо оперско и многу многу арт пеење во едно.
На “Мизар” не беа горди само Мизарци. И публиката беше како паун. Па и на нив онаков концерт да им влезе во концертно CV како посетители, не е мала работа. Да тежи. Кантар да не го мери. Збунета беше публиката, не?
Истата таа се сепна, градот стана нем, а воедно и се почувствува здив на слобода.
Ново откровение.
И… растур!
И најважно што сфатив иако сосема различно навистина, таа ноќ според параметрите на ниво и висина на убавина- мене ми звучеше како византиското пеење на монасите од моето ЦВ,  нималку слично, и според математички речник кажано МизАРТиско пеење ми звучеше повеќе “>” од византиското пеење.
Разбуди нѐѐѐѐѐѐѐѐѐ!!!!
Сакаме уштеееее!!!
Сакаме уштеееее!!!
И нема “Ама”…
Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник во порталот за култура и уметност “КулАрт”
 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.