ОД МОЈ АГОЛ: “Магичната новогодишна елка” на Маестрото по хармоника!

31.12.2024, Скопје
Хармониката е мој прв инструмент како дете, прво една мала играчка која веднаш ја средив, а потоа вистинска хармоника која и ден денес ми е реликвија и од почит не можам ни да ја допрам ни да посегнам да ја отворам и извадам  од големата кутија.
На неа се учеше и брат ми и братучедите, а потоа децата на соседите и затоа нема неколку клавиши.
Откако ја научив напамет да ја свирам “Билјана платно белеше” (ама на еден тон ако ми го кренеш прстот после не можам да продолжам) изгубив интерес и видов дека талентот не можам да го развивам, па дури ни да откријам дали постои, затоа што без голема посветеност и цело срце нештото нема да успее како што треба и подобро да не продолжуваш…
Понатаму, тој чудесен инструмент со силен и весел звук, го заменив со звукот на други инструменти и не ми беше нешто во прв план сѐ додека на една школска приредба на училиштата во Илинден не го запознав младиот  Маестро на хармоника.
А Тој беше само скромен професор кој предаваше на учениците и секогаш освојуваа  први места по пеење и свирење на натпреварите на Град Скопје ама тивок и срамежлив, кој јас пробував да го ставам во медиумски “бубањ”, и некако едвај некако го убедив да излезе еднаш два пати, откако пред тоа ми направи песна.
И како што сите ние си имаме своја вистина на нештата, сега мене ако ме прашате кој ја измислил и конструирал хармониката јас би им се извинила на Кристијан Фридрих Лудвиг Бушман  (1822 година во Берлин) и на К. Демиан (кој во 1829 година ја патентирал во Виена) и ќе речам- за мене, Маестро Јовче Петковски! Така тоа го доживувам.
Да се вратам пак, откако учителката Јованка Грозданоска ме покануваше на најмалите ученици на час по пеење да им зборувам за професија новинар и да пееме песни од Тоше па и да им раскажувам по некоја случка од тоа време, јас го запознав Јовче на кого прва му реков дека е Маестро и се насмеа.
А тој првата песна која ја компонираше во неговиот опус беше за мене затоа што бев поканета и сакав да пеам на еден фестивал. Таа сега носи наслов “Valse pour Pargo” ама најпрво не се викаше така.
А знаете ли зошто? Мојот текстописец Цане Трајчевски беше упорен дека треба да пеам (знаејќи ме дека многу пеам) на “Серенадата” во Битола кој таа година беше ревијален. Јовче на хармоника за една ноќ ја искомпонира песната многу лесно му дошла во само неколку минути, и една вечер доцна, во последен момент, отидовме во студиото на мојот драг пријател композитор, маестро Горан Милошески Бато, авторот на првата фестивалска песна на Тоше “Пушти ме”, кој го откри како талент, и ја снимивме.
Бев несериозна. Јас не ја знаев мелодијата на таа преубава песна па уште ни зборовите. Ме снимија вечерта колку да ми помине меракот, односно да се распеам и ја извежбам, ама Горан ми се подналути.
Ми се подналути затоа што Тој очекуваше дека следните денови ќе ја доснимуваме и обработуваме, а јас му велам “утре патувам за Москва и се враќам крај на неделата”. Па некако само ја беше залепил (нешто малку додал свои вокали, ама така снимена од моја страна ништо не ја оправаше). Се пееше на високо во рефренот а јас сум алт.
На “Серенада”, организаторот ме прифати срдечно и со зборовите “многу Ве почитуваме како новинарка, но ова е битолска публика со истенчен вкус и немојте да се разочарате ако не добиете аплауз”. Напротив, публиката грмна кога настапив и в рака држев бидермаер кој на крај го фрлив кон нив. Директорот на фестивалот господинот Борче рече дека песната е ремек дело, “Па таква сме немале”, се насмеа.
Но јас ја сокрив да не допре до јавност затоа што на рефренот не го фаќам високото, потоа еднаш беше пуштена на мое гостување во Македонско радио кај авторката на емисијата Валентина Самац, па маестро Јовче тогаш рече дека ќе ја сними само како инструментал и ќе ми ја посвети како “Valse pour Pargo”, а и нема да ја даде на друга пејачка да ја пресними, како што јас тогаш инсистирав.
“Ти си ми омилената пејачка!”.
Сега по десет години нештата се сменија. Тој вели- “Туф, како не ни текна само да ја рецитираш. Оваа песна треба да ја испее…”и набројува разни врвни пејачки, а јас велам- “Нема шанси да ја испее ни Селин Дион, таа е моја и не ја давам”. И прснуваме во смеење.
Тој е единствен кој може да ми најде забелешки за моето пеење а да не му се налутам (затоа што јас пеам само од задоволство, а не дека сум професионална пејачка) и еднаш дури до солзи сме се смееле кога по една претстава во училиштето каде што сега е директор, во Кадино, ние двајца и неговата тетка, а мене драга колешка Милева Лазова од Тв Сонце нѐ носи на вечера во еден ресторан и ми предложи вака:
-Ајде да ти направам песна, ама некоја многу јака сите да полудат по неа.
– Ајде!
– Ќе ти помогнеме јас и мојот “Мега бенд”
– Ајде… А што,  вие ќе пеете на рефрен?
–  Не, не ние ќе пееме, а ти после ќе се вклучиш некаде само на припев.
– Како само на припев? Вие да ги пеете строфите, а јас припевот?
– Не, ние ќе испееме сѐ а ти на припев само ќе шепнеш нешто вака- Oh je t’aime mon Amour. И толку.
Ех што  солзи ни протекоа од смеење на арно да е, и дека муабетот убав не ни се стануваше, ама ноември ладно беше, а газдата штедлив на затоплување и јас завршив на антибиотици.
Е сега имаме преубаво кафуле во населбава, “Кафучино”, какво што нема во цела Македонија и Јовче ми е блиску и доаѓа на кафе- смеење. Некни пиевме замислете јас Тој и Првата дама на хармониката Зуица Лазова, негова  драга и многу почитувана професорка и колешка и колку беше убаво.
Потоа го снема и деновиве се договоривме на едно предновогодишно кафе- смеење и тоа доцна, еден час пред затворање на кафулето, каде дел од персоналот и му се и пријатели.
Дојде, му се извинив лично што поради сообраќајот на 25 декември не можев да одам на Новогодишниот базар кој го прави во дворот на училиштето (и минатата и оваа година). Тој ми се извини што не можел да ме земе со автомобил зошто немал време. А годинава дури ме покани и официјално и приватно пријателски,  со зборовите: “Вале ајде дојди да пееш на новогодишниот базар. Ама да не пееш!”.
Велам: “Зар ваква понуда се одбива” и се смеевме пак, секако.
Годинава не отидов можеби не толку заради превозот, колку што бев мрзлива после турбо периодот на многу работа, а базарот ми го покажа на мобилен и видов преубави фотографии и видеа.
Во нашето кафе- смеење го прашувам.
– Па добро, нели ќе се одиме во насока на тоа што помалку општествени пари да трошиме, а ти којзнае колку си дал за ваква оваа гламурозна прослава? Ваква нема ни на плоштад.
Рече “Многу малку. Нешто некои светулки прикупив, нешто имав од изминатите години и сите украси ги правев сам”…
Ми раскажа дека последните денови не спиел до рано наутро. До 4 до 5. Гранките од дворот кои ги исекле од дрвјата ги боел, па ги декорирал, па сам ги поставувал и украсувал, се качувал низ цел двор.
– Мора да личи. Доаѓаат деца доаѓаат, сите жители, се дружат, се социјализираат, зарем не треба да е најдобро од сѐ?, ме праша.
Еве ќе ви кажам колку го чинело- нешто над 50 евра.
Заедно со колешките, сестра му која му е и колешка, учениците и другите од училиштето сами изработиле дрвени и секакви други декорации, тој купил чај и им го дал на дечињата да го направат и да го послужуваат на нивните штандови, а сите кои доаѓале на забавата, бидејќи базарот е хуманитарен имале обврска да донесат шал, капчиња и нараквици и да ги донираат на штандот на Црвен крст. Поразговарал со дедо на ученик кој финансиски добро стоел да ја платил претставата за деца со врвни актери, меѓу кои и Снежана Коневска Руси, Борче Начев, Софиа Насевска Трифуновска и Анастасија Аневска, еден друг дедо купил пакетчиња кои им ги дале на првачињата и направиле прослава од која никој не мрдал кон дома. Цела населба на едно место се веселеле и уживале. Јовче како директор ги споил сите елементи во едно, со цел да создаде убавина и магија. Висока општествена и педагошка свест.
Изработки-декорации и украси, театарска претстава, музички точки, топло чајче, вистинска новогодишна магија, многу родители и посетители и најважно со хуманитарна цел, тоа бил базарот овој пат.
А Јовче како идеја тоа го видел пред неколку години кога имаше соло турнеја во Канада со својата хармоника ( и во Торонто  еден свечен  концерт на кој му присуствувал и канадски  министер), па си рекол, зошто да не се случи ваков базар и кај мене во училиште? Сега кога е на раководно место тоа го прави.
Јас му велам “Еее ајде да видиме следниот базар кој нема да пее. Има да пеам и тоа најгласно и не само на припев, на сите песни”…
Ми прифати. Со широка насмевка, како и секогаш.
Песната, кој и да ја испее, најдобро легнува кога нешто убаво се прави.
А децата пак се тие кои не знаат да најдат “маани” туку и кога се смеат се смеат од срце, и се чувствуваат топло и кога нив им е топло околу гуша од шалчето и од  подадената грижа и внимание на возрасните. А во вакви славенички денови и од нивниот педагог и учител кој им е и директор и другар. Тој за нив  секогаш прави сѐ да им е најубаво и најдекоративно.

А хармониката како мотив му послужила на српскиот писател Мирослав Јосиќ Вишњиќ да го напише расказот„Уметник на хармоника“ ама и нему ќе му се извинам, јас мислам овој мојов расказ сега е прв, бидејќи е во име на нешто најубаво и магично. За децата.
И, кога веќе е магична хармониката  како инструмент, особено за мене таа на Маестро Јовче Петковски, нека шири топла мелодија за Среќна Нова 2025 година.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 
 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.