ОД МОЈ АГОЛ: “Јанѕа(та)” ни е тестаментот од Конески?!

Секогаш, буквално секогаш кога се спомене името на големиот деец Блаже Конески, мене спонтано ме јаде некоја чудна, малце непријатна, а воедно и благотворна јанѕа, ме гризе неосетно и не знаев од каде доаѓа сето тоа. А секое спонтано прашање си наоѓа свое време кое ќе го даде својот спонтан одговор. 
Тоа ми се случи (заедно и со некое мое дежа ву)  на 19 април 2023 година, кога меѓу присутните ја имав честа да ја гледам премиерата на живиот документарец, а на ниво на игран филм “Јанѕа”, работен според мотивите на Блажевиот “Дневник по многу години”, од страна на нашиот еминентен и надалеку признат документарист Никола Т. Калајџиски.
Очигледно, соодветно на неговиот сценаристичко- режисерски статус му е доверена авторската улога да го оживее безвременскиот Конески и го седне во кино наспроти нас, да помуабетиме малце за јазикот наш насушен, и за многу други нешта. Тој тоа и го направи. Филмски.
Не дека ние немавме јазик и пред Конески, јазикот си ни е од баба, прабаба, од дедо, прадедо. Ние јазикот си го имавме, ние јазикот си го зборувавме. Но Конески, како основоположник на современиот македонски јазик, со својата животна определеност придонесе да го оживее во модерен дух, и да го стави и зацврсти на една непопустлива позиција. Придонесе да се стави таму каде припаѓа. И да стави меѓник и граница за непоминување на оние кои ја парчосуваат визијата дека овој јазик треба да постои, ваков каков што е.
Да нѐ направи дури и отповеќе горди, затоа што го концептуализира, го систематизира, му ја исцрта формата и неговите контури, до каде може да оди и до каде можат да одат кон тој наш јазик, или како што гласи официјалната дефиниција- го кодифицира. Го стави на цврсти нозе. На кои ние сега чекориме по своите патишта.
Го направи културна вредност. Го направи наша Татковина…
Конески на јазикот му пристапи како на светост, Тој му ја дава таквата аура.
И филмот, ќе речеш, е одлична можност да се потсетиме (или запознаме) со личниот идентитет на Великанот, со неговата речиси исцелителна кроткост, топлина, филантропија, и да ни се разјаснат некои нешта.
Но наместо да се разјаснат, се отвораат куп прашања од една, за мене изменета перспектива, денеска.
Како прво, се прашував- дали јазикот сме го научиле, го знаеме, познаваме, владееме, вреднуваме како што треба, или тоа ќе го направиме допрва?
-Дали го употребуваме како што Тој беше го замисли(л)?
-Дали со него сме ги кажале најубавите зборови, најубавите нешта, сме ги сториле најубавите дела, за својот ближен, за својот пријател, па дури и за непријателот, за својот добронамерник, за било кој, за својата земја?
 -Дали и Конески, најпосле, е задоволен што направивме ние од сето тоа што тој го направи за нас?
Овие прашања уште долго ќе ме мачат и ќе ги барам нивните одговори низ многу лавиринти.
Но овој пат сум презадоволна што како гледач,  видов низ еден добро документиран професионален и личен живот (даден во паралели) каков бил и приватно сестраниот академик Конески, Македонецот кој без сомнение, водел исклучителен, повеќеслоен творечки живот, креирал ненадминлива поезија, бил прв Претседател на МАНУ, прв претседател на Друштво на писатели на Македонија, прв претседател на Шаховски сојуз, и не се сеќаваат дека некој го победил дури и во шах…
Филмот во 104 минути го исцрпува секој аспект, рековме дека се “премотуваат” сцени и од неговото професионално дело и од неговиот личен живот, а и ги отвора сите полиња на неговата македонска душа.
Кога се зборува за Конески имаш чувство како и сега да е Тој тука. Како да не е заминат. Како да не е сам. 
Конески не е “алка” што виси во воздух. Конески е “алка” што се надоврзува на Климент, Наум Кирил Методиј, на Мисирков … на славното духовно светилиште Охридската архиепископија.
Животот на Конески е јасно дефиниран период на македонската лингвистичка креативност, која ќе трае за вечни времиња. Токму затоа неговото претставување во документарецот како жив (преку дамнешни снимки и негови изјави) е полн погодок!
Овој филм се движи кон точно определена цел со вештина и моќ на “споителство”. Дава еден животен екстракт, поточно национален екстракт од кој треба да го исцрпиме потребниот сок и еликсир.
Дава многу, а бара нешто. Знаеме што. Хмм! Можеби и нѐ предупредува.
Поентата во една реченица ја долови Претседателот Пендаровски, кој меѓу бројните снимени говорници, 25 реномирани професори академици, научници, лингвисти, потенцираше: ,,Без идентитет нема мајчин јазик. Без мајчин јазик нема идентитет”,  велејќи го и она најважното “Ние доаѓаме и заминуваме, јазикот останува!”-С.П.
На крај би ја спомнала и мојата поента:  творештвото на Великанот е неисцрпен трезор, тоа како тематика се надевам ќе повлече и снимање на други филмови, додека пак “Јанѕа” треба да се вметне како задолжителна филмска лектира во секое училиште, и основно, и средно и високо…
 
Валентина Ѓоргиевска Парго 
Новинар и уредник во КулАрт
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.