Утрово, првата информација која пристигна на електронската адреса беше тоа што вработените во Македонската филхармонија реагираат на владината одлука новоформираната НУ „Оркестар за џез музика” да биде сместен во истиот објект.
Испратија и петиција потпишана од 108 вработени во Македонската филхармонија, до Министерката за култура и Претседателот на Владата со цел промена на одлуката.
И сето тоа можеби ќе беше една “обична” реакција, и “обично” писмо во кое ги наведуваат своите аргументи зошто бараат промена на одлуката, додека на крај не завршеше со зборовите кон медумите “Уште еднаш ве замолуваме за објективно информирање на јавноста и однапред ви благодариме”, што многу кажува. Кажува сѐ!
Кажува тоа што досега можеби потајно сме го (или не) размислувале, знаеле, сфатиле, а јас богами и доста се занимавам со тоа со години, што би рекол еден легендарен панкер- “на своја штета, но во општествена корист!”.
Оваа порака, овие зборови укажуваат на тоа дека испраќачот на писмото упатува замолница- Владата, но и јавноста, да не потпадне на своите симпатии, и одлуката да заврши тука. А знае дека тие симпатии не се мали, тие се огромни, значајни и решавачки.
Затоа што, се создавани чекор по чекор, со многу упорност, со екстра квалитет, и маестралност.
Џезот е најрафинирана форма на музичка поп култура. А тие нѝ ја претставија во лесно прифатлива варијанта.
Но ајде да видиме кои се македонските џезери?
Академски музичари, професори на Музички академии, инструменталисти вработени во Филхармонија или МОБ, познати нѝ се од разни состави од поп- рок, фанк, блуз, џез сцената …кои порано работеле за други продукции и организатори, но последниве години (од 2015) успешно го прават тоа за себе.
Како Здружение на џез музичари направија “бум” со концертите во Градски Парк во Скопје, во Антички театар во Охрид, во НОБ и во Филхармонија, и со тоа ја доближија антологиската, но и авангардната светска музика до многу генерации, пред сѐ до младите.
Со концертот на Рамбо Амадеус и Луис Бонила пред Нова година, удрија “печат” за заверка, дека тие се од големо општествено значење.
Тоа е всушност спој од маестра (изведувачи и аранжери) во средни години и млади врвни џез уметници, едуцирани кај нас и во Грац, Австрија.
Ја подигнаа музичката свест и вкус. И затоа уживаат големи симпатии и углед во јавноста. И со својата маестралност зададоа силен удар на просечноста, на некреативните поп рок шеми, на непотизмот кој и тоа како се провлекува на македонската популарна музика, и затоа таа тапка во место со децении немаме хитови и концепт.
Тие се нашата надеж за современа држава!
Направија културна револуција и затоа ги заслужуваат сите услови, се разбира не руини и импровизирани сали, ами големи, грандиозни, почесни и модерни. Ако треба и нова да ѝм се изгради. Во нив е иднината!
Дел од нив се и мои лични пријатели како соработници, дел запознавам, на некои сум ѝм направила интервјуа на некои допрва, но мојата одушевеност од нив како комплетни музичари е на повеќе нивоа, или да бидам попрецизна- на сите нивоа.
Не би да навлегувам во тоа како ќе се реши просторното прашање, тоа останува на тие што ќе можат стручно да проценат. Сакам само да апострофирам дека нивниот е пример кој треба многу, многу да укаже во сите сегменти на нашето речиси непоправливо непотистичко општество.
Дека време е за квалитет и расчистување со минатото кое кочи. И со шемите кои кочат. Со тоа што беше досега- толку може да се постигне. А со новото- многу повеќе.
Многу верувам во нив. Тие се тивка културна револуција, но силна и моќна. Предвесници на нов амбиент во општеството.
Единствено имам една мала резерва, која се надевам е неоправдана. Неодамна правев разговор со Сале Николовски, музичар кој свирел дури и во придружбата на Реј Чарлс во Скопје. И кој има џез албум од кој не можам да се одделам. Го споделив мојот впечаток дека таква институција несомнено е потребна. Но стравувам да не станат мрзеливи или да почнат да влечат луѓе по линија на помал отпор, на оние на кои не ѝм е место таму. А некогаш, и со еден неправилно поставен човек се руши сѐ.
Вети дека нема, бидејќи знаат дека нивната одговорност пред јавноста сега е многу голема. Сите се радуваме на новата институција и посакуваме работите да одат мазно. Мазно и весело, како џез кој восхитува…
А знаете ли колку е џезот сѐ уште важен и на светско ниво, а и секогаш ќе биде?
Во една прилика, Барт Симпсон рекол дека цртаниот филм е единствената изворно американска уметничка форма, а џезот не треба да се брои, затоа што е „без врска“ („It sucks“). Но, ова што го помисливте е спротивно на она што Барт всушност сака да го каже во оваа анегдота- понатаму образложува зошто е најважен…
Но за тоа, во некоја следна прилика.
Валентина Ѓоргиевска Парго,
Новинар и уредник во КулАрт
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.