Музика за деца!

Се сеќавате на убавите детски песнички “Мојата учителка” , “Еј гулаби бели” , “Скопје радост ти ќе бидеш”, а потоа и на малку послободните “Наташа од трето три” , “Никола, Никола” , “Марионка” , “Визба стара и гитара” …будат најтопли спомени а и нема кој не ги знае.
Тие се создавани на најпознатиот фестивал на детска музика кај нас “Златно славејче”, но и на “Сидо”, “Златно штурче”, “Калинка”, “Поточиња”… Мајсторски сработени, напишани од маестра, изведени од прекрасни вокалисти. Ги пееја децата, но не само децата, и старо и младо. Со нив растеа генерации. Со нив денеска ние овде може да направиме една убава паралела.
Во една моја средба со Драган Каранфиловски – Бојс, кој за жал не е веќе меѓу нас, ми рече детските песни слободно може да одат да не претставуваат на големата Евровизија и една таква потоа беше неговата “100% те љубам”, навистина преубава песна за деца и млади.
Пак ќе нагласам, овие песни обележаа генерации и генерации, да ти е мило да ги слушнеш и денес после 3, 4, 5 децении, кога техниката е напредната и кога снимките се каде каде почисти, а можностите за правење песни неспоредливо поголеми.
Но, убавината и магијата останува во нив. Како се создаваа овие песни? Постоеја писатели и текстописци за деца кои беа селектирани како најдобри, и ги пишува тие стихови, писатели кои не само што го познаваа законот на “перото” го познаваа и детското главче и детското срце.
Постоеја маестра кои цела година се занимаваа со тоа како ќе звучи песната што ја компонираат, а и самиот хор кој беше составен од 50-60 златни славејчиња кои вежбаа преку цела година, го водеше еден маестро Александар Џамбазов.
Голем процес на изработка, голем систем и впрегната голема машинерија, раширена мрежа од професионалци.
Постоеше голема Редакција со детска програма на националниот сервис МРТВ и уредници, сценаристи и новинари кои 365 дена во годината беа максимално посветени на таа работа. Затоа се создаваа химни, кои траат, а и децата летаа на крилјата на песната.
Се чекаше веќе следното “Златно славејче” само што ќе завршеше, а во меѓувреме гласовито се пееја хитовите. Имаше и музички емисии кои останаа незаменливи, вистинско богатство за деца.
Потоа дојдоа чудни времиња. Се испоорганизираа мал милион приватни фестивали, исфрлија многу песни а не оставија ниеден хит. Нив ги правеа главно луѓе кои дошле до некои средства и спонзори, поддршка од градоначалникот и ја истерале работата. Музиката, како да била споредна, односно само повод а не краен резултат на она за што тие фестивали постојат.
Јас на еден таков “приватен” детски фестивал верувајте се вратив дома со полна торба. Во холот како на саем на храна, хостеси ти втурнуваа в раце смоки, чоколадно млеко, лижавчиња, сокчиња, мастики, бонбони, и кога им велев ама јас не сум дете, дајте им да децата- тие упорно ми ги ставаа в раце како да сака побрзо да ги раздадат и велеа-ама има и за децата.
Поентата беше што веќе тука се доаѓаше со поинаква цел освен музика. Тука се доаѓаше да се истера профитот на организаторот и работата на спонзорите. Да се изрекламира нивниот производ, шо е важно дали на дете или на возрасен?
Песните сите исти, снимани од неколку исти комерцијални автори, во некое поевтино студио, со деца чии родители имаат да платат партиципација и така, чекор по чекор, до… (малку подоцна за тоа).
Често пати поставував отворени новинарски прашања, кои не добиваа одговор зошто градоначалниците се мешаат кај што не им е местото и за што навистина “поим немаат”? Зошто некој дозволил спонзорот општествено одговорна компанија да се смета само ако даде пари по своја проценка и на свои блиски луѓе, а без претходна оценка на стручњаци? Зошто Министерството за култура дозволува лиценца на секој приватник да организира нешто што бара голема стручност и маестралниот и за што државата има и свои Музички училишта, Академии, Институции?
Одговорот стигна овие денови, кога на социјалните мрежи се прошири видео во кое воспитувачка во градинка со остар насилен, нападен глас им заповеда и воедно ги уценува децата ако не пеат ќе им ја исклучи песната. И тоа ни помалку ни повеќе, некоја турбо фолк песна, недолично и несоодветна на нивната возраста.
Следуваше потоа мала осуда од јавноста, но набрзо се појавија некои “храбри” родители да ја одбранат неа и ја смират јавноста, да оценат дека таа е најдобрата воспитувачка и песната ја пуштила по желба на некое дете. Успешно ја одбранија. На штета на своите деца.
Од некаде стигна вест ќе имало и некаква комисија и инспекција која ќе отидела во посета да утврди што се случило, ама од искуство претпоставувам дека ќе отидат, ќе пијат кафе, ќе се додадат на фејсбук и на инстаграм,  и никој за ништо нема да одговара. Особено ако е гласачка и организаторка на група гласачи (карикирам, не тврдам) дури и виновни ќе испаднеме сите ние што не ја знаеме и пееме “Жена од султан” , како што гласи самиот наслов на сега веќе славната песна.
Па кога немаат свои убави песни, децата ќе пеат за “Жените на султанот”. Оние што ги имаат, песните за деца, одамна не се ни забавни, ни воспитни, ни едуцирачки, ни песни кои може да го оформат правилно младиот детски дух и нивната љубопитност. Дури едно време почнаа и да служат за пародии кога хумористична група се осмели да им ја грабни најубава “Наташа од Трето три” да ја сними со пародичен текст “Дедо Мраз од Коњари”…
Сето ова што погоре го пишав, силно пара уши. Децата се најпаметни суштества на Планетата, секогаш прифаќаат нешто што е (нај)убаво, а кога тоа го нема, втора варијатна е да прифатат нешто што ги засмејува.
Каде сте професионалци за деца, ако сакате да растат здраворазумни генерации, да растат со убави детски песни?
Ах, да, има по некој/а, неодамна на моја чест ја сретнав диригентката на детскиот хор “Пиколо” , кој постои 33 години. Имаат снимено едвај една касета со духовна музика. Хорот е основан во Музичко балетски центар, во академска музичка средина. Го води професионална диригентка. Песните ги аранжира еминентен маестро и професор (Димитрие Бужаровски). Настапува на најпрестижни манифестации со големи хорови. И сега чека некои пари ако им префрлат од Министерство, за догодина нешто да подготват. Диригентката е волонтерски член и на Детската Амбасада “Меѓаши” и многу искрено пред диктафон рече- “лично свои деца немам, но се што знам и умеам во музичката уметност вложив во децата”.

Нејзиниот тон не беше ни висок, ни остар, ни наредувачки, ни заповеднички, и не рече- ќе ви ја исклучам музиката…беше тивок, смирен, радосен, милозвучен и со почит и љубов кон децата.

Паралели!

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредник и новинар на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.