ЛУЃЕ СО МАСКИ, ЛИЦА БЕЗ ЛИК, ЖИВОТ БЕЗ ДУША
Колумна на Мр-Татјана Гогоска
Се навикнавме ли? Прифативме ли за секое излегување, влегување автоматски да ја ставиме маската на лице, за да си обезбедиме нормално движење и завршување на секојдневните лични и професионални обврски. И плус секогаш посегнуваме по мобилниот или новчаникот да го покажеме сертификатот и „гордо“ да речеме,“еве вакциниран/а сум “ затоа што само така и може да се биде дел од нешто или да се поделат минути со некого или некои, било да станува за личниот или професионалниот живот.
Маските станаа „наши“ , па дури и моден детал кој го комбинираме со боја или облик со другата облека која ја носиме. Веќе се навикнавме да не се препознаваме, да не се поздравуваме а не дај боже со некого да споделиме пријателски емоции на улица да се изгушкаме. Некогаш постоеше една убава акција, насловена како “ГУШНИ МЕ“ и ги поттикнуваа луѓето да се гушкаат меѓу себе, затоа што така енергетски позитивните вибрации се пренесуваат, и човекот станува насмеан и посреќен. И да, ако не сте забележале, следниот пат кога ќе решите со некој на улица што случајно ќе се сретнете и ќе се гушнете, веднаш лицето ви се озарува а насмевката е незибежна. Ама не! Сега под маските сите го кријат своето лице, својата тага, својата среќа едноставно својот живот. А маски нели мора да се носат.
Така нашите лица останаа без лик, без идентитет. Многумина сум слушнала како велат “само по очите се познаваме “ или “ кога прозборе те препознав“ . И некако прифативме, го прифативме она “мора“ а не беа учеле на тоа: ништо не се “мора“ се човек треба да прави ако сака и ако може. Но, времињата се сменија, па оттаму и лицата на луѓето и изгледот на светот околу нас, барем она што го гледаме доби нов ни малку пријатен лик.
И така полека се движиме кон патеката во која остануваме и „без душа“. Она најважното во секој од нас, она што на нашиот физички облик му дава смисла, онаа енергија заради која зрачиме, оној внатрешен порив заради кој сме НИЕ. Така животот во круг се врти, се додека не се откине а патем некаде во тркалото да внимаваме да не се изгубиме.
Но, има нешто што не ни дава! Во ретките мигови на среќа, денови на радост, љубовта која ја носиме во себе и ја даруваме на најблиските и оние кои ги сакаме, сето тоа не ни дозволува сепак да станеме “безлични луѓе“. Затоа треба да ги создаваме се почесто тие моменти на среќа и да не забораваме дека секој од нас треба да го создава она што неговата душа го бара а тоа е среќата.
П.С. текстотв ме поттикна да го напишам моето денешно утринско возење во автобус. Заборавив да ставам маска. Прв пат ми се случи. И не само тоа, ги гледав луѓето со маски околу мене а јас не забележав дека не ја ставив. Ме опоменаа…… се сепнав. И си реков “страшно е ова “ , “луѓето се веќе без лик“.
Затоа наслушнувајте го своето внатрешно ЈАС и смејте се, се почесто и се погласно.