Не можам да допрам до љубовта? Или пак не сакам, плашејќи се дека повторно и повторно ќе се соочам со чуството дека: таа “вистинската љубов реално не постои“. Ја барам во себеси, во блиските, низ улиците, дружбите, ја барам во погледите, во сјајот на очите, во скриените насмевки, и секогаш изгледна залудно . Можеби таа „вистинската љубов “ е некаде “од другата страна на мојата реалност“. Во оние напишани страници на милони книги, стихови и проза, во прашината на градските библиотеки и книжарници, во сенката на незаборавот или пак неа “вистинската љубов“ ја оставив во детството, испреплетена со мечтите, игрите и желбите.
Многу прашања, на кои не можам да најдам одговор а упорно го барам. И повторно ги вртам истите некои веќе излитени страници на книгите од детството, кои чудно и после се, барем за миг ми го враќаат чуството дека “таа “ постои.
Можеби сме се разминале, јас одејќи од едната страна на улицата таа од другата. Можеби сме се разминале заобиколувајќи го дрвото во паркот или пак одбирајќи ја оваа наместо онаа улица, ова наместо она место… Кој знае! Можеби е така.
Во меѓувреме се навраќам, талкајќи низ градот и мислите на животните лекции прочитани или горко научени. Ги научив ли? Ги запаметив ли? Да, да запомнив неколку, посебно оние од безвременскиот Егзипери “Малиот Принц“. Таму стои дека “од секој треба да го бараме само она што може да го даде“, или онаа народната “колку повеќе зборуваш , повеќе грешиш“, Малиот Принц ја кажува :- Говорот е извор на сите недоразбирања….
Научив ли дека светот на возрасните е свет на суровост, каде за среќа има позитивни луѓе кои мора да ги бараш а ако ги најдеш потруди се да не заминат од твојот живот. Затоа што се ретки а потребни се. И тоа како потребни! Затоа што „на крајот ќе почувствувате силна порака, која ја враќа надежта дека во морето на пијаните, студените и себични постојат и оние кои ја сфаќаат силата и значењето на вистинските вредности.“-вели Малиот Принц.
Но, повторно се враќам во детството, во морето на мечти, безгрижни игри и надеж, затоа што и покрај врвулиците низ улиците на градот, покрај гужвите на постројките, пазарите, маркетите, театрите, киносалите, концертите, јас како и многу други, сум осамена меѓу луѓето.
Треба ли уште лекции да научам,треба ли да простам на многумина,треба ли да престанам да ја барам онаа основната “вистинска љубов“ и да прифатам дека едноставно ја нема, едноставно сме се разминале.
Којзнае можеби тогаш ТАА мене ќе ме најде !
М-р Татјана Гогоска