Колумна – Поглед и стихови без глас од покривите над градот

Некаде низ сокачињата и улиците, на станиците и по парковите, патем молчечкум невидливо ми се стори, како да ја „губиме“ нашата култура. А на оние што им е важен тој дел од секојдневието, се бркаме и бориме да ја најдеме и препознаеме во некој креативен здив, во некоја театарска реплика или музичка нота, филмски кадар,закачена слика во некоја галерија или поетски стих, убедувајќи се дека ја имаме и дека таа е дел од нас и нашето постоење. Ја носиме со себе, ја бараме како утеха како мотив или сила, да победиме во зачувувањето на она што е наша македонска вековна култура.

Колку едноставно  и лесно прифатливо е дефинирана културата, која настанала со постанокот на цивилизацијата и го означува развојот на секоја нација, ентитет, држава. Но за нас  “иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“, вели неприкосновениот Стефановски. И, вистина е. Како да ја одглумиме сегашноста а да не го изгубиме минатото за подготвени да ја пречекаме иднината? Прашања во моментов без одговори затоа што не можеме да се обединиме и да ги најдеме заеднички.

Во овие денови „културата“ ја имаме на празните плоштади и покривите. Оттаму се обидуваме да слушнеме некој звук кој ќе допре до нас, велејќи ни „тука сум“. Луѓето уплашени сместени во самоизолација во своите домови како да не го слушаат тој звук, затоа што малкумина ги отвараат прозорците, излегуваат на балконите и „уживаат“ во тоа што им го дава овој вид на “култура “, т.н “култура во време на корона “.

На луѓето им недостасува културата од она во кафеанските дружби која не ретко излегуваше од рамките и прејдуваше во “некултура“ , им недостасува отварање на некој Фестивал или  пак премиера на театар, опера, балет…некоја промоција на книга и секаде каде со поимот култура и создавање на дела вредни за идентитетот на македонскиот народ  имаше и од онаа “култура“ на градските шеми, каде и со кого да си виден. Но, од ова дистанца некако недостасуваат и тој вид културни дружби, затоа што во  оваа изолирана перспектива  сето тоа изгледа многу далечно и многу посакувано.

Во замирањето на социјалниот живот и покрај он лајн обидите, покривните и плоштадните осамени музички настани, културниот живот го нема. Патем бомбардирани од информации за укинувањето на нашиот вековен македонски јазик, оној по кој културно не препознавале низ векови, децении сето тоа ни создава немир и уште илјадници прашања без одговори.

Велат во најголемите епидемии, кризи, војни низ историјата најголемите епохални дела во многу области па и во културата се создавале токму тогаш. Но „ денес сè се купува и продава. Дури и она што луѓето мислат дека нема цена. Тоа обично е и најевтино“, се вели во@диво месо!

И тогаш во оваа саботна квечерина мојата култура ја барам меѓу покривите над градот и се обидувам да ја лоцирам низ музиката од далечината, говорот на ретките минувачи, онлајн однесувањето на поединците, меѓу уличните животни, растенијата што виреат некаде меѓу асфалтот и кои ослободени пак од секојдневното “некултурно“ уништување на минувачите, пркосат со своето зеленило и разнобојност на цветовите.

Седната на еден од покривите над градот, слушајќи “простата и строга македонска песна“ некаде од длабочината на мојата душа, се обидувам да ги спојам сувите гранки на пресечените дрвја, електричните жици на кои скоро и да нема птици ги посакувам „Орелските крилја  “ на Миладиновци , посакувам да го најдам Пирејот на Андреевски и повторно да го размножам а низ уста ми излегуваат стиховите од Везилката на Конески :“ Два конца парај од срцето, драги, едниот црн е, а другиот црвен, едниот буди морничави таги, другиот копнеж и светол и стрвен……..

 

М-р Татјана Гогоска
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.