Предизборие! После 30 години „слободни избори“ на кои се „изразува вољата на народот“ , во воздухот сеуште се чувствува добро познат мирис на политичка кампања, овој пат на субјектите кои учествуваат на овие избори. Дошепнувања меѓу народот, медиуми преполни со реклами за “перфектноста“ на субјектите особено на оние кои се “големи“, и ветувања, ветувања, ветувања! А народот тука кај нас, дефинитивно:„ Со кратко паметење“ !
И најважното од се меѓу него, НАРОДОТ: За кого ќе гласаш?
И одговорите: За овие на власт, да не се другите подобри ?! Ах за било кој, само не за овие на власт? ….. и така се делат луѓето, секој пред се, според свој интерес и според своја идеолошка определба, да се рече.
А медиумите? Станаа сопственост на власта и на приватните олигарси. И медиумската вистина е секогаш таква на која страна и чии се? Ако и сакаш да си независен и “со никого“ , нема шанси да успееш. Така велат! И така е!
Затоа ние, како тим на КулАрт, се договоривме во ова предизборие да ги поканиме сите претставници од политичките партии, учесници на Локалните избори 2021 на разговор, со и околу нивните планови за културата, уметноста, креативноста, за сето она што нашиот Портал го интересира, со нашата првична идеја “без политика, црна хроника и жолт интернет “печат“.
По трпеливо чекање на одговри од оние кои сеуште, што би рекле “не седнале во општинските фотељи а се однесуваат како административни челници“ одговорија неколкумина и сите разговори ги објавивме. Но, за жал не ни одговорија повеќето. Зошто? А сите ги поканивме! Затоа што немаат интерес? Или пак немаат време ? Или затоа што сме ничии ама СВОИ?
И додека ги дискутираме односот на поединци во нашиот тим , предизборието не само што тече туку е пуштено на најјако!
Според резултатите, многумина ќе го сменат правецот или курсот на движење и мислење, но ние ќе си останеме на истата навигација, онаа во име на културата, уметноста, музиката, образованието, патувањата, вредностите, едноставно на убавината на животот.
И затоа: Пардон! За да нема забуни!