Каде на одмор ?
„Ваучери за одмор дома“, „Најубаво е дома“, „Истражи ја Македoнија„, „Најубавите места во Македонија“, постојано се движат реклами, текстови и информации. Конечно се сетивме дека имаме преубави места, извори, реки, планини, езера вештачки и природни но, немаме море.
Е, тука настанува главниот проблем. Некогаш ние, нашата повозрасна популација со гордост викавме и одевме на “НАШЕ МОРЕ“. Откако пораснавме тоа море ни рекое дека не е веќе “НАШЕ“, а претпоставувам дека никогаш и не било. Генерациите после 90-тите години,за жал не го ни знаат тоа чуство на “НАШЕ МОРЕ“.
Потоа прилагодливиот народ прифати дека е многу далеку веќе тоа „наше море“ па се сврте кон најблиското јужно од нас Егејско море. Иако, соседната ни држава Грција никогаш не не сакала како туристи нас Македонците, сепак масовно се одеше на оваа наша најблиска морска дестинација, воедно и најевтина, а оние најнадежните велеа “па тоа е наше море“!
Да. Некако низ историјата и северниот дел на Егејското море бил Македонски, впрочем и сега , таму се е Македонија. Од плоштади, хотели, аеродроми..но таа Македонија се покажа дека “не е нашата“, која ЗА ЖАЛ остана непризната Македонија. Сите непријателски сили ни покажаа дека ние не сме „таа некоја Македонија“ , туку ние сме “Северна“ измислена некаде и некогаш ,ниту во Илинденското востание, ниту во Младотурската револуција па ниту во АСНОМ…а ние родените во Македонија, нам ни го менуваат и местото на раѓање па дури и етничката припадност-се може да бидеш во „Северна Македонија“ само Македонец -НЕ!
Туку, да се вратиме на морето!
Покрај сите непријатели се појави и еден глобален, невидлив а опасен .Тоа е вирусот Корона -Covid 19, кој ни покажа дека животот и не оди во некоја праволиниска насока. Светот се смени и во еден миг животот запре. А ние дефинитивно останавме без толку посакуваното МОРЕ. Нема летни одмори на долгите плажи, солена вода, зајдисонца над морската шир…и што?
Мора да се свртиме кон она што го имаме. Имаме преубави места, капацитети а и поевтино е дома.
Ама, НЕМАМЕ МОРЕ!