КИРЕ МИРЧОВСКИ: Учителот ги научи и ѕвездите да пеат на македонски!

(Посветено на Јанко Узунов, 2017)

…Простете што оваа моја музичка „нумера“ ќе добие на моменти полулитературен формат. Но, музиката е уметност на неможното и таа е во силна корелација со литературата. Поинаку, вие не можете да пишувате за луѓе кои се неимари на својот занает, уметници кои нашата малечка земја несебично ја запишаа на мапата на светската цивилизација.
Велиме, човекот најпрвин треба да владее со себе, за да владее со музиката. А па ако владее со музиката, владее и со животот и смртта- владее со вечноста.
Премудриот Дон пишуваше дека „ниеден човек не е остров, сам по себе целина, секој човек е дел од Континентот, дел од Земјата. Ако морето однесе парче земја, Европа е помала, како да однел некој ‘Рт, како да однел посед на твоите пријатели или твој. Смртта на кој и да е човек ме смалува мене, затоа што сум опфатен со Човештвото“.
Кој сум јас без неа, без мојата гитара? Поважно, каде е мојот Учител? Кој ги допира моите кругови?
Ова се зборови пред кои и највоздржаните луѓе се сепнуваат. Кога сето ова ќе се протолкува како обид да се контекстуализира животот на Јанко Узунов и неговото преселување на поубавиот свет, сигурно ќе биде прифатено со голем неуспех!
Како може да зборувате за исчезнување на човек кој себе си се вградил во душите и телата на сите оние ученици кои сѐ уште глаголат и “гуслаат” музички ноти преку гитарите? Може ли воопшто да исчезне оној кој сѐ уште ѝм подарува живот на оние мали нешта кои го прават нашето битисување поубаво? Сето она што за нас е сакрамент беше благословено од него. На олтарот на кој се поклонувал Моцарт, Бах, Бетовен, неговата виртуозност пулсира низ нашите вени како гејзерски изблик на страст и живот. Тој е полигонот каде обединето и суверено владеат и лирското и епското испеани од бардот на нашето музичко небо, учителот Јанко.
Понекогаш ми се чини дека Учителот ги научи и ѕвездите да пеат на македонски. Неговите жици беа симбол на бура од емоции- неговата музика е „само“ револуција која ви го одзема здивот.
Мојот Учител, Јанко Узунов, ги прекројуваше меридијаните и на Ајнштајновите формули ѝм задаваше музички ноти. Јанко не беше човек без маани, но кога би ги немал, воопшто не би чинел. Дури и тие мани беа доблесни. Тој беше континент на кој имаше место за секој од нас. Ќе се запрашате, дали сум објективен кога ова го пишувам? Не сум и не сакам да бидам. Ниту можам. Зар може музичарот да зборува без страст? Како да бидам објективен кон човекот на кој му ја должам мојата кариера? Едноставно, јас секогаш ќе живеам на планината која носи име Јанко Узунов. Нека бидам славеј во гранките на неговата планина, и сум го нашол тежиштето на светот.
Јанко Узунов е наш? Не, тој беше свој, а неговите атоми беа нуклеус на нашата земја. Ми се чини дека неговата музика трагаше по неоткриеното, одгатнувајќи ни ги малите тајни запишани во иконите и фреските, во делата на апостолите, во делата на обичните луѓе…
Што сѐ не ми паѓа на памет кога ќе се потсетам на неговите варијации… Сигурен сум дека Јанко ѝм подаруваше топлина и на оние нешта кои се сметаат по малку за северни полиња на духот и душата.
Сигурно се прашувате кој е овој кој се охрабрил да ни ја открива и преоткрива онтологијата на Јанковата музичка реч. Моето име- Кире. Презиме- Мирчовски. Мојот свет- музиката. Мојот учител- Јанко Узунов.
Тој ме научи да проодам низ врвиците на музиката. Тој е човекот кој ми ја откри квинтисенцијата на музиката. Низ камен, Јанко отвори пат за мене и за цела низа млади гитаристи. Нашиот предизвик денес е да ги следиме тие знаци покрај патот на нашиот учител.
Неговиот сончев одраз сѐ уште бдее над нас со учителски и благ прекор кој нè прави подобри. Секој момент чиниш неговиот дух ќе излезе од жиците на гитарата и ќе го почне својот танц кон ѕвездите, поткачен на кочијата како некој семоќен Громовник. Молња која ви го подигнува духот и желбата за напредок.
Јанко е веќе десет години починат, а никогаш не умрел. Ниту ќе умре сè додека живее музиката и неговите ученици. Сè додека неговите совети се наш животен кодекс. Нешто слично на Јустинијановиот. Па и обајцата се одраснати на исти извори.
На сон, го замислувам Јанко седнат со гитарата како собира илјадници птици на некој преубав остров. Кога ќе се разбудам, ги гледам трагите на песокот на тој остров и секоја од нив, безмалку, води кон него. Тоа се неизбришливи траги кои секогаш ве поттикнуваат на нешто добро, нешто најдоблесно. Толку едноставно, а толку совршено! Како неговата музика, како неговите часови, како неговиот живот.
Многумина мечтаат да ги сретнат своите идоли. Животот мојата мечта ја преточи во реалност- Јанко Узунов беше мој учител.
Јас го живеев и го живеам неговото време и ера со несмален жар, занес, елан и страст. Јанко остави траен белег и трајно ја обележува мојата животна и професионална патека.
Кога поминував низ Сцили и Харидби, неговиот кораб мирно на своите плеќи ја понесе таа тежина и ми подаде рака. Му помогна на еден музички давеник да изгради чун и да плови по немирното море многу сигурно и самоуверено. Токму она што ми недостигаше. Знаеше да каже дека мојата лева рака била „многу опасна“. Дури сега открив што мислел под тоа. На левата страна е срцето, а Јанко токму таму кај мене ја посеа љубовта кон музиката.
Беше и учител и пријател и родител. Беше академик кој и Коен би го посакал за пријател. Токму тогаш кога јас застанав на прагот на мојата кариера, кога во мојата уста се судираа сладоста и горчината на успехот, судбината реши Јанко да замине по другиот мост. Но и денес, поминувајќи го тој понтонски мост кој ја поврзува Македонија со светот и Македонија со небото, разменуваме поздрави и совети.
Иако Јанко не ракоплескаше на „мојот“ музички настап на концертите потоа, тој беше погромогласен од аплаузите на сите останати и поприсутен од самиот мене. Неговиот избор за мој настап беше преубавата наша песна „Не си го продавај Кољо чифликот“. Јанко направи рок аранжман на песната. Се прашувам зошто баш таа песна? Веројатно затоа што сите ние сме родени на нечиј чифлик и таму ја бараме нашата среќа под сонцето и месечината. Така барем јас го протолковав овој музички код и наш геном. Наш симбол на траење.
Додавам, иако Јанко е на небесните чифлизи, тој секогаш ќе биде војсководител на мојата армија музички ноти.
Конечно, многумина ќе забележат дека музичарите молчат кога е најтешко. Тоа не е точно. Тие само не сакаат да зборуваат за немузиката, туку за музиката на животот. Слично како кога спартанскиот пејач Терпандар не можел да стави жица на својата лира, а без да го вознемири духот на своите сограѓани, така и Јанко не можеше да засвири, а да не ги разбуди и побуди кај нас најтоплите чувства во кои во еден момент се стопуваше сè, весело и тажно, во лавата на убавината. Неговата музика беше лек за нашите души кои, благодарение на него, нема никогаш да залутаат кон беспатијата на животот. Доколку сме доследни на него.
За крај, народот не ги избира своите музичари, како што детето не го избира својот родител. Но јас го избрав мојот учител во животот и музиката. Неговото име е Јанко. Неговото презиме е Узунов. Неговата музика- ах таа е метафора која станува дамка насмевка на нашето лице и трошка светлина во срцето. Залевајќи ја, светлината ќе расне и нови извори на топлина ќе потечат. Но еден е мојот вруток, мојот учител, Јанко Узунов. Непресушен извор на инспирација и моја страст за момент да го прегрнам недофатливото. Дали ќе успеам? Ќе успеам, зошто советите на мојот учител бујно вегетираат низ мојата творечка објава. Во врева, во тишина, во време на бура, кого и да го сретне погледов мој, го гледа него. Како жарче светлина во нашето парче небо донесена од Витлеемската пештера. Светлина која тој ми ја подари мене.
Човек кој како да музицираше кога врвеше по патеките на животот. Уште еден свет треба да има тука на ова место, или поблиску. Ако викнам, можеби ќе се одгласи. Можеби го живеам мојот живот. Можеби го живеам нашиот заеднички сон. Мојот и на Јанко. Подобро, го живееме заедно.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.