Секоја година Европската Унија, избира градови, кои ќе ја носат престижната титула, Европска престолнина на културата. Статусот е привлечен за сите градови и им овозможува да го покажат своето културно наследство и богатство, но и својот тековен културен идентитет, на глобално ниво.
Неодамна почна 2025-та година, во која оваа титула ја имаат помалку познати, но исклучително интересни дестинации во Европа а тоа се: градот Кемниц во Германија, Нова Горица во Словенија и Гориција во Италија. Дефинитивно интересен избор, како на Нова Горица и Гориција, каде во некогашниот еден град е повлечена граница меѓу Италија и Словенија, кои географски исти градови, но историскиот тек направил многу турболенции во нивното опстојување, за сега да претставуваат, своевидна дополна еден на друг. Градот Кемниц во Германија е карактеристичен и по своето историско минато, но и по карактеристичните нови културни трендови. Што ќе понудат овие три престолнини на култура во Европа оваа година, со нетрпение очекуваме да видиме?
Времето велат е најголемиот пријател, но може да биде и најголемиот непријател, ако не се земат работите во свои раце. Ова често го слушаме во разни разговори. Тоа некако ми доаѓа да го поврзам со кандидатурата на Скопје, за Европска престолнина на културата за 2028 година , која ја доби во септември 2023 година, заедно со градовите: Ческе Будјејовице од Чешката Република и градот Бурж од Франција.
Искрено, и покрај дозата на радост за добиената можност, нашиот сакан град Скопје да ја носи оваа титула, уште на самиот старт, не ми беше јасно како ја доби оваа можност? Сега пак, уште помалку ми е јасно како ќе ја реализира целокупната Програма, која е потребна да се опрвда оваа достојна културна титула на Европско ниво?
Ме плашат тековните состојби. По добивањето на овој престижен статус, наместо во Скопје, културните институции и целата културна јавност, да добијат ветар во грб и позитивен правец, се отиде во негативен контекст.
Да почнам со очајната состојба на поголемиот број од осумте културни институции во Градот, кој по редот на нештата, би требало да се носители во реализација на Програмата. Недоволен број на кадар, кој се создаде со осипување на вработени и со години немање конкретна програма за развој на човечки ресурси, па испразнетите места со години сеуште се празни. Голем проблем е евидентната нефункционалност на Градската администрација и раководството на Градот и со сето ова очигледно е дека недостасува визија, како сето тоа треба да изгледа.
Според тоа како се работат Европските проекти, веќе требаше да бидат формирани комисии по културни дејности, да се оформат стручни тела од еминентни културни докажани работници, кои веќе наголемо би работеле. Да биде изготвена Програмата за цела 2028- ма година и континуирано да се работи. Од сето ова нема ништо. Или барем, јас не знам. Наместо тоа, повеќето културни институции се нефункционални и без соодветно раководство.
Да не ги објаснувам состојбите со не “хигиената “ во градот, затајување на Јавните претпријатија, кои би требало да се во полна подготвеност и на услуга, на сето она што треба да се случува во Скопје, во текот на целата 2028- ма година. А да споменам, дека за девет месеци ни доаѓаат локалните избори, и по се ми изгледа дека “културата ќе почека и оваа година “.
Едно е сигурно, за да се направат сите потребни подготовки, за непречено реализирање на Програмата , Скопје има не цели три години на располагање, а тоа е малку време за реализација на еден ваков голем проект на Градот.
И затоа, додека по некој во јавноста, води дебати околу тоа дали треба да се откажеме или да се направи се за да “си го обелиме образот“, јас само би додала: Има една македонска мудрост која вели:“ Секогаш, не два пати, три пати мери а еднаш сечи “.
М-р Татјана Гогоска