Во раните 70-ти години, Скопје по многу нешта беше град на кој му завидуаа многу Европски градови т.е. нивните жители. Спокоен, сместен покрај течението на чистиот Вардар, Скопје беше градот кој дишеше со возбуда од ветровите на Водно, кои ги допираа сите негови седум излези , а од Кејот на Вардар се слушаше ехото на жителите испреплетено со песните на младите. Тоа беше градот на излетите во Сарај, на малите кафеанчиња во Дебар Маало, на уличните детски игри во Маџар маало, на модерните дружби „Пред Ванила“ , на првите клупчиња Бони и Ани и незаборавните дискотеки на Турист и Таверна. Имаше Скопје и магливи денови, но и тие имаа своја мистичност и никој за зло не ги земаше.
Многу води протекоа низ Вардар, и многу нешта се сменија за Скопје. Зградите го затворија протокот на воздух од Водно до Влае, Капиштец и Аеродром…… Улиците се преполнија со автомобили, жагорот на луѓето се помалку се слуша а и песните од Кејот ги снема. А Вардар, симболот на градот, стана матен, нечист и полека станавме сведоци на неговото изменување, кои го нарушија и изгледот и неговото течение.
Се зголеми бројот на жители, автомобили, згради, споменици, но за жал се зголеми и нечистотијата, отпадот, шутот и загаденоста на воздухот….Ако користите јавен превоз , знаете, тој остана ист, сведен на автобусите на Градскиот превоз и индивидуалните автомобили. Трета алтернатива немате. Не се изгради транспортна инфраструктура, која ќе им го олесни животот и движењето на Скопјани и на оние кои во последниве 20 години како наезда дојдоа во главниот град. Решавањето на транспортната инфраструктура е се чини одамна требаше да е приоритет на “Европско” Скопје, кое дише со сите свои доблести но и мани.
Од предностите претворени во маани може да се издвои хаотичниот приод кон местата за одмор на Скопјани. Градот за жал остана со две актуелни места за прошетка, Водно и Градски парк. Иако, волја на вистината Водно го поврзаа од Средниот негов дел со прекрасна Жичарница, благодарение на која многумина го видоа врвот на нашата градска планина .
Сите ние, поинаку го доживуваме Скопје во иднината. Некои го сакаат онакво какво што беше во златното време, по примерот на Љубљана, Братислава а другите пак сакаат Скопје да ги прескокне годините пред него и да дојде во форма на некоја Европска Метропола, како на пример Берлин или Варшава. Како и да е градот го чинат луѓето а нивната структура многу се смени. Старите Скопјани полека ги снемува, заминаа низ светот во потрага на подобар живот, дојдоа стоилјадници од малите градови и села а за возврат нивните родни места останаа опустошени и празни.
Се промени Скопје. Го смени својот лик, но душата не. И, да не заборавиме Скопје е свој град. Тоа „наше Скопје “ има стил и отворен ум низ кои постојано влегува зракот на новиот живот а излегува несопрената сончевина….