Почетна КОЛУМНА ОД МОЈ АГОЛ: Женскиот блесок на ФМУ!

ОД МОЈ АГОЛ: Женскиот блесок на ФМУ!

Драги мои, ако сакате Скопје да ви засјае како музичка бајка и секогаш да ви носи радост, следете ги сите активности кои ги прават Музичката Академија, воедно и средното музичко училиште ДМБУЦ “Илија Николовски Лу”ј кое се наоѓа во истиот објект, и од каде што излегле најголемите мајстори на музиката.

Толку тивки во своето работење, а толку мелодични во својата работа, тоа се тие.

Таму постојано има звуци од инструменти, звуци од убави гласови, проби, музичка одбрана на дипломски, “мали” камерни концерти и секоја година еден моќен значаен настан на крај на годината, подарен со љубов како новогодишен дар.

А, ако сте музички фанатик како мене и ги следите буквално сите концерти кои се случуваат, мислам на најубавите, кон крајот на годината секогаш ќе донесете заклучок дека токму тој концерт што за граѓаните го подаруваат тие, Факултетот за музичка уметност, е еден од трите најубави во текот на целата година што се случуваат кај нас. Во почеток на декември.

Кој бил, знае за што зборувам, кој не бил уште отсега нека си запише и догодина има обврска да се потсети и да си го подигне бесплатниот билет кој го доделуваат, а за импресиите ќе зборуваме отпосле.

Дефинитивно, тоа е еден од најубавите концерти од мноштвото што се случуваат во текот на годината, а дефинитивно е оној концерт кон изобилува со целосна љубов, со најмногу љубов, младешки жар и целосен препознатлив идентитет.

Не само што студентите тогаш го покажуваат сето свое знаење и умеење на сцена, со младешка почетна енергија која понесува и ве освежува како еликсир, на припомош им доаѓаат и средношколците од МБУЦ И.Н. Луј и концертот го прават уште поблескав.

Годинава со својот годишен концерт Факултетот за музичка уметност- Скопје прослави 58 години од своето постоење и тоа токму на Денот на основањето на Факултетот, 6 декември. И носеше наслов “Блесок”. И навистина блесна и светна. Од мој агол, ми се чини како никогаш досега.

Alma mater на најголемите имиња од музичката и балетска сцена во државата, регионот, па и светот, Факултетот за музичка уметност – Скопје е врутокот од кој произлегуваат речиси сите кадри кои се дел од колективите на најголемите музички и музичко- сценски институции и неизоставен дел од образовниот процес на сите нивоа, за оваа институција ќе напишат самите тие

Настапот на Симфониски оркестар при ФМУ – трет во државата, мешаниот хор „Драган Шуплевски”, камерниот оркестар„Солисти на ФМУ”, Оркестарот на народни инструменти и проф. Драган Даутовски, студентите од Катедрата за балетска педагогија и Катедрата за џез и популарна музика, ансамблот перкусионисти, под диригентските палки на проф. Цанев, проф. Татарчевски и доц. Спироски, беше годинешната понуда.

Каков спој. Па тоа само да го прочиташ како реченица ти дава некое чувство на занес и непобедивост, не камоли да ги слушаш. А кога ги слушнавме лебдевме од среќа, радост, гордост и трпки по кожата. Особено крајот. Не Вознес.

Ветија и направија блесок, една незаборавна вечер, во големата сала на Македонската Филхармонија, навистина!

Да се почувствуваш “крем”. Ама културен “крем” чие чувство не зависи од статус и пари туку од висок вкус и однос кон музиката.

Тука морам да спомнам дека оваа година концертот освен што беше на естетско волшебно врвно ниво, јас лично како жена го почувствував за голема лична победа.

Своја.

Затоа што откако ФМУ ја има деканката Дарија Андовска, се чувствувам многу поопуштено и посигурно, не дека сиве изминати децении имало потреба да се чувствувам и обратно од тоа. Но, нејзината верба во тоа што го прави на високо професионален начин и со професионален дигнитет и авторитет ми дава за право да посегнам по некоја поголема сигурност и спокој и чувство дека сѐ (ќе) е во ред.

Највиртуозната образовна институција, откако таа дојде овие неколку години, како топка со рака ја зеде од терен и ја крена највисоко што може. Со своето чувство на припадност на свој терен, каде е непобедлива. Од неа може да учат многу, како се поставуваа работите.  Нејзиното присуство му дава една женска моќ на ФМУ. Комбинирана со уште неколку моќни жени навистина направија бум. На пример, пред самиот влез годинава на концертот кореографијата на професорката Искра Шукарова беше нешто кое толку одушеви со кореографијата при ја постави а ја изведоа млади талднти за танц. Да не ми беше драга пријателка и пред тоа на кафе да не ми кажеше дека сето тоа го подготвила за неколку дена, немаше да поверувам.

Тоа се изведувачи и креативци и може да настапат и без подготовка да им кажеш, но сепак се и професионалци перфекционисти, кои додека добро не извежбаат во секунда, нема да се почувствуваат толку свои во перформансот. Како што тие го направија овој пат.

Со тој танц во холот ја пречека и првата жена на државата, претседателката Гордана Силјановска Давкова, а потоа по завршувањето на свечениот  концерт неа пак ја испрати деканката Дарија, но не наеднаш како по протокол, туку пријателски, половина час, откако и самата таа претпоставувам поради силните импресии не замина веднаш туку муабетеше со официјални лица и со некои од публиката.

И сега ќе ви ја откријам мојата победа во сето ова, кое нема врска со мене. Убаво е кога навистина докажани жени во своите професии се таму каде што се, Давкова како експертка по право, Андова како композиторка чии дела се изведуваат секаде низ светот, или барем во многу држави и тоа многу пред тоа да стане деканка, и тоа е она што ја прави толку силна и борбена надвор од сцена и надвор од музиката, а толку нежна и кршлива кога е на сцена преполна и емоции од кои очекуваш секој миг да капне и солза и да се стресе како лист на развигор.

А за Искра, ако не сте знаеле, таа е веќе одамна вклучена во проекти од светски глас, и одамна ужива углед кај светски режисерски, кореографии, од времето кога нејзин менторка во Њујорк стана една од најпознатите Јапонки, чие заминување во Америка е во исто време како на славната жена Јоко Оно. Повеќе не ви откривам, нека биде тоа тема за интервјуто што наскоро ќе прочитаме, сама Искра нека ни каже.

Ај сами, по сами жените можат малку или многу, но заедно можат сѐ, ама кога се од оние квалитетни жени чија кариера е буквално изградена на талент и знаење.

А многу ги има такви жени во споменатата образовна институција, само се тивки и работаат “без глас” а со многу слух и сенс за убавината на  музиката, целосно во сите сегменти. И иако не ми во прилог што многу од нив сакаат да пиеме кафе, но не сакаат да даваат интервјуа во јавност, го почитувам и тоа од нив, а во талентот и работата им се восхитувам. Најдобри од најдобрите.

Дамите на ФМУ и “Луј”.

Аплауз за Вас!

Мене, токму 20 дена по нивниот концерт сѐ уште ме грее нивнио музичкиот блесок кој ми ги разнежни сите сетила и уште отсега го чекам следниот концерт на ФМУ во 2025!

(А може да направите и некој помеѓу, онака за наши души- женски, силно, нежно, неочекувано и возбудливо! И, заеднички! Зошто па да не, уште еден неочекуван блесок?!)

 

Валентина Ѓоргиевска Парго, уредничка во порталот на култура и уметност КулАрт 

 

metropolis-big