Колумна/ Татјана Гогоска/ Медиумска писменост- Бидете претпазливи потрошувачи и креатори на информации

 За Медиумската писменост е веќе неопходно да се зборува постојано. Но, сеуште фокусот на неа е само во неделата од 28 октомври до 4 ноември, која е недела за значењето на Медиумската писменост на глобално ниво.
Да се пишува за значењето на медиумската писменост на сите возрасти население е многу одговорна задача, со оглед на тоа дека е на најразлични начини објаснувана а е се повеќе важна во секојдневниот живот и комуникација на поединците.
Многумина го употребуваат како термин, но не ја знаат вистинската содржина на оваа кованица од два збора:медиуми и писменост. Дали се мисли на тоа како медиумите влијаат на писменоста или пак колку писменоста влијае на разбирањето на медиумите?
Одговорот на прашањето: Што е медиумска писменост е многу едноставно иако е повеќеслојно.
Таа е пред се, способност на поединецот самостојно и критички да го интерпретира текот, содржината, вредностите и последиците од медиумите во сите нивни форми, потоа способност на поединецот не само да пристапува туку и да ги разбира медиумите, со критички приод кон нивната содржина и на крај способност на поединецот да создава содржини во различни контексти. (пишувани, аудио, видео и мобилни и слично).
Вториот важен одговор е на прашањето: Зошто е важна медиумската писменост за нашите деца?
Во ова време во кое сме преплавени од разни дезинформации, гласини или манипулативни содржини, особено од новите медиуми и социјалните мрежи, медиумската писменост е од суштинско значење. Способноста критички да се пристапува кон разните медиумски содржини и информации кои стигнуваат до нас, да се разликува она што е релевантно и вистинито од она што е дезинформација или лажна вест, е вештина која во денешницата мора да се учи уште од најмала возраст. Децата, како ранлива група, се подложни да апсорбираат информации од многубројни извори, како од традиционалните медиуми (телевизија, радио, весници и списанија) така и од новите медиуми.
Основната целта на медиумската писменост е да ги натера поединците критички и самосвесно да ги примаат медиумските содржини и низ кои перцепции да ја восприемаат и обликуваат медумската култура и влијаат на личниот избор.
Влијанието на родителите во развој на медиумската писменост кај децата е пресудно со оглед на тоа дека семејството е за се основна клетка, за правилен (не) развој на детето во зрела личност.

Многу важен елемент на кој треба да се води сметка е како медиумската писменост да стане дел од образовниот процес . Во дигиталната ера, кога технологијата веќе го зазема приматот на најважен учител и извор на добивање на информации, медиумската писменост е суштинска вештина која на нашите деца им овозможува да бидат: Критикки настроени, да научат да размислуваат критички и да прават проценка на информациите и содржините кои стигнуваат до нив. Потоа логички да пристапуваат кон содржините и да го откриваат клучните пораки во нив. Да научат да носат сопствени одлуки засновани врз факти и знаење, да бидат паметни корисници на производи и информации и сл.

Едноставно да станат медиумски писмени и креатори на сопствените перцепции .

Новите начини како да се дојде до медиумски содржини се брзи и лесни, честопати можат да бидат и незабележливи. Нив ги има на секој чекор во секој миг. Затоа, описменувањето на децата од најмала возраст за селективен пристап и позитивно примаање, на  она што е корисно и функционално, претставува главната задача во повеќе сегменти во образовниот, комуниколошкиот, социјалниот и пошироко општествениот процес на живеење.
Затоа, бидете претпазливи потрошувачи и креатори на информации.
М-р Татјана Гогоска
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.